X
 30.03.2017 Култура

Ерусалимски синдром или „болеста на аџиите“

На хебрејски „Yerushalayim“, на арапски „al-Quds“, Ерусалим е град со убедливо најголем број светилишта на планетата. Многумина го нарекуваат и центар на светот, но секако дека е еден од најстарите градови во светот со подеднаква важност за евреите, христијаните и муслиманите. Ерусалим  претрпел десетици рушења, палења и освојувања, а како религиски центар со векови привлекува милиони поклоници од целиот свет.

Познатиот француски писател Шатобријан напишал: „Поклониците се враќаат од Ерусалим со една предрасуда помалку и со една идеја повеќе“.

Во некои случаи, неверојатните верски градби и реликвии во Ерусалим имаат толку силно влијание врз некои поклоници кои запаѓаат во една многу ретка состојба на свест  позната како „Ерусалимски синдром“.

Овој синдром најчесто се изразува како идентификација на аџијата со некоја од врвните фигури од религијата на која му припаѓа. „Ерусалимскиот синдром ги погодува поклониците на начин што им создава впечаток на интензивна светост после  која лицето е уверено дека доживеало нешто многу значајно. Синдромот создава илузија за спасување на душата и лицето кое е погодено, чувствува потреба да го направи светот подобар и се обидува речиси месијански да го постигне истото, што може да предизвика проблеми“, вели доктор Песах Лихтенберг, началник на психијатриското одделение во болницата Херцог во Ерусалим.

Тој додава дека од ова нарушување најчесто страдаат лица кои пред тоа имале психички проблеми, но во ретки случаи, и лица кои претходно немале таква анамнеза. Ова заболување прв го идентификувал доктор Јаир Бар Ел, директор на Психијатриската болница „Кфар Шаул“, пишува „Винтиџ њуз“. Според неговата студија симптомите можат да се појават веќе вториот ден од престојот во светиот град, а најголем број заболени се Британци и Американци. Првите симптоми на болеста се анксиозност, чувство на изолираност и потреба за константно ритуално прочистување. Докторот Бар Ел за Би-би-си изјавил дека досега лекувал „повеќе десетици Исуси, две деви Марии и еден Самсон“.

„Многу поклоници и туристи доаѓаат со сопствена слика за Ерусалим , но она што ќе го видат битно се разликува од она што го замислиле претходно, така што психотичната реакција всушност е мост меѓу „двата Ерусалими“ – тој што го замислиле и оној што го доживуваат“, објаснува овој стручњак.

Британскиот „Journal of Psychiatry“ пишува за три вида „Ерусалимски синдром“:

Тип 1:  Лица на кои претходно им била поставена дијагноза за психичко нарушување;

Тип 2:  Лица кои немаат ментално заболување, но имаат нарушување на личноста пропратено со опсесија со фикс идеи;

Тип 3:  Психички здрави лица кои доживеале психотични епизоди при престојот во светиот град.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура