X
 30.05.2018 Наука

Пронајдено е најстарото дрво во Европа

Дрвото што расте на карпите во Јужна Италија е старо 1.230 години, што го прави најстарото дрво во Европа, покажуваат научните истражувања. Изненадува и тоа што древниот бор и понатаму живее. Испитувањата покажуваат дека стеблото пораснало во последнава деценија, додека многу дрвја во медитеранскиот регион доживуваат пад.

Откритието покажува дека одредени дрвја можат да преживеат со векови, дури и под екстремни климатски услови. Овој антички бор, на пример, растел во текот на студениот среден век и продолжил да расте на многу потопли температури, вклучувајќи ги и сувите периоди.

бор
Фото: Wikipedia

- Анализата на растот на дрвјата низ толку години и промени на климатските услови ќе им помогне на научниците подобро да разберат како шумите можат да одговорат на модерните климатски промени. Со проучување на прастарите дрвја ќе можеме подобро да го предвидиме влијанието на климатските промени врз шумските екосистеми - вели Максим Каилерет од швајцарскиот сојузен Институт за истражување на шуми, снег и пејзаж што ја проучува смртноста на дрвјата.

Професорот Џанлук Пиовесан и неговите колеги стигнале до борот високо во планините на националниот парк Полино. Дрвото изгледало доста старо и тие сфатиле дека откривањето на неговата возраст нема да биде толку едноставно како вообичаеното броење на прстените. Недостигал централниот дел на дрвото што го содржел најстариот прстен.

Внатрешноста на дрвото била како прашина. Недостигале најмалку 20 сантиметри од внатрешноста на стеблото, а тоа е многу години. Коренот на стеблото бил во подобра состојба, па староста се одредувала со користење на нов метод што комбинирал неколку постојни техники.

- Староста на борот е импресивна кога гледаме на човечкиот век - вели Оливер Контерформ од Универзитетот во Мајнц, кој открил бор стар 1.075 години во Северна Грција, досега најстарото стебло во Европа.
Оддалечените области како оваа ги зачувале древните борови поради тешката и карпеста пристапност на теренот. Иако овој национален парк е дом на илјадници борови од видот хелдреј, повеќето од нив се 500 до 600 години стари. Само три би можеле да се стари над илјада години.

Ниту неодамнешното глобално затоплување не им наштетило на овие дрвја. Делови од листопадните шуми во оваа област исчезнале поради сушата, но стариот бор напредувал. Причината за растот е сложена. Високите планини имаат сопствена микроклима и температурите се уште пониски.

Помала е и загаденоста на воздухот поради строгите европски закони. Единствената биологија на стеблата можеби му помогнала на борот да преживее. За разлика од животните, кај дрвјата стареењето не е важно и тие практично се бесмртни.

Четинарите што бавно растат живеат најдолго, делумно поради тоа што поголемиот дел од животниот век се помалку подложни на екстремни бури и суши. Старите дрвја најчесто умираат поради силниот ветер. Покрај тоа, дрвото се смета за живо и кога мали делови од стеблото живеат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука