X
 30.11.2020 Наша тема

Не ни требаат ковид-протоколи, туку подобра организација за тестирање и испитувања за да може да им се посветиме на сите пациенти, велат матични лекари

Тие бараат подобра организација на тестирањето за вирусот и за правењето дополнителни испитувања

Матичните лекари сметаат дека не им се потребни посебни протоколи за лекување пациенти со Ковид-19 бидејќи досегашните протоколи за следење и упатување на заболените во здравствениот систем се сосем доволни. Тие бараат подобра организација на тестирањето за вирусот и за правењето дополнителни испитувања, кои се потребни за да одредат дали некој од заболените ќе биде на домашно лекување или ќе биде препратен во болница.
Дел од избраните лекари велат дека болните од Ковид-19 ги лекуваат според симптоматологијата и дека немаат добиено протоколи за лекување од Министерството за здравство, по апелите на дел од микробиолозите и лекарите да не се препишуваат нерационално антибиотици. Според нив, годинава е зголемено издавањето антибиотици и тоа од најјаките и на заболени со полесни симптоми, што пак подоцна, ако се појави пневмонија, лекувањето е многу отежнато. Кога антибиотиците се даваат непотребно, тие може да не помогнат кога ќе се појави реален проблем или, пак, да треба многу поголеми дози за тој да се реши.

Ковид-амбуланти наместо рашетување на болните?

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари, вели дека не е точно дека лекарите превентивно препишуваат антибиотици и дека од нивното досегашно искуство тие можат да препознаат и соодветно да реагираат и да го препратат пациентот на повисоко ниво на здравствена заштита.

- Не е точно дека препишуваме превентивно антибиотици, ние зависиме од пациентите и никој од нас не сака да си го убие пациентот. И досега сме лекувале пациенти со пневмонии и точно знаеме кога и што треба да им дадеме, а кога да ги препратиме во болница - објаснува Чолакова Дервишова.


Д-р Лилија Чолакова-Дервишова

Таа вели дека матичните лекари бараат ковид-амбуланти, каде што на едно место ќе се прават тестовите и другите испитувања за да се намали и трансмисијата на вирусот и да не му се влошува дополнително состојбата на болниот.

- Сега пациент кој е позитивен на тестот на едно место прави крвна слика, на друго ЦРП, на трето рендген и додека така се шета, можноста да го пренесе вирусот е многу поголема. Вакви амбуланти треба да се отворат во здравствените домови бидејќи ние немаме просторни услови да одделиме за прегледување и на заболени од Ковид-19 и оние што не се. Ова сега го бараме бидејќи одеднаш имаме од 60 до 80 заболени што треба да ги следиме. Се случува и ноќе да се јави некој од пациентите на кој му се влошила состојбата и да бараме каде може да го примат и ние да викаме брза помош. Тука се и другите пациенти со други хронични болести, па оние што сакаат да се вакцинираат, а нема доволно термини - вели Чолакова-Дервишова.

Ако заболи матичен, некој треба да преземе од 3.000 до 5.000 пациенти

Според д-р Лилјана Којиќ, која е матичен педијатар, матичните лекари не треба да лекуваат болни од Ковид-19 бидејќи ако сите се вклучат во тоа, ќе нема кој да ги лекува пациентите што немаат коронавирус, а имаат други заболувања.

- Посебни протоколи за лекување не се потребни. Со колегите ги зедовме хрватските протоколи според кои ние треба да третираме пациенти само со полесна симптоматологија, односно оние што се лекуваат дома. Сите други треба да се препраќаат на клиника или во дневна болница. Ако матичен лекар заболи од Kовид-19, кој има од 2.500 до 3.500 пациенти, значи неговите пациенти паѓаат кај замената, која треба да работи цел ден и здравствената услуга што ја дава ќе биде со помал квалитет - вели д-р Којиќ.


Д-р Лилјана Којиќ

Таа вели дека поплаките од пациентите дека матичните лекари не прегледуваат болни од Ковид-19, туку дека само се слушаат телефонски со нив се неоправдани бидејќи така функционира следењето на пациентите со полесна симптоматологија во повеќе земји, меѓу кои Шведска, Британија, Франција и Австрија.
Според неа, дневни ковид-амбуланти не треба да има во здравствените домови, а колегите-матични лекари треба да им одолеат на притисоците од пациентите и да не им препишуваат антибиотици кога тоа не е потребно.

- Конкретно во Скопје во здравствените домови нема доволно кадар, а тие специјалисти што таму работат треба да се слободни за лекување заболени со други болести. Знаеме дека сега со зголемениот број заболени во ковид-амбулантите и на клиниките, и во градската општа болница многу се чека, но тие се условите - вели д-р Којиќ.

Матичните се совесни, но има и такви што не креваат телефон

Според д-р Калина Гривчева-Старделова, не се потребни протоколи за матичните лекари. Светската здравствена организација досега повеќепати ги променила овие протоколи.


Д-р Калина Гривчева-Старделова

- Нема унифицирани протоколи за оваа болест, СЗО веќе пет пати ги менува и колегите се договориле и ги презеле хрватските протоколи за следење на пациентот, што се сосем доволни. Најголем дел од колегите-матични лекари се совесни и добро си ја завршуваат работата, но има и такви што не му креваат телефон на пациентот, па ние сме принудени ако е потребно префрлање во друга болница или клиника, да им бараме место. Апелираме и пациентите да не прават притисок да им се дава терапија која не е потребна - вели д-р Гривчева-Старделова, која е директорка на Клиниката за гастроентерохепатологија, каде што се лекуваат пациенти со коронавирус.

Лекарската комора викендов организира стручен состанок на далечина за матичните лекари со специјалист од Клиниката за алергологија и пулмологија, на кој им беа презентирани сите информации за инфекцијата со вирусот и третман на заболени од Ковид-19.
- Тој ќе се повтори за тие што не успеале викендов да го следат - рече д-р Гривчева-Старделова.
Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема