X
 07.02.2023 Наша тема

Воскреснување на „Елфаско“ - слободната студентска мисла се враќа на медиумската сцена

Појавата на „Елфаско“ како еден медиум преку кој можеа да се изнесат ставови, размислувања и да се прикаже ширината на погледите на идните електроинженери претставуваше одлична шанса и поле за пласирање идеи. Воедно, тие ќе останат трајно и ќе бидат потсетник на едно време, време на зародиш на македонскиот плурализам и самостојна држава, како и нејзиното развивање и случувањата низ годините. И сето тоа видено од агол на студентите, кои треба да се и се сила, разум, слободен ум и здрав поглед на сѐ. Гласник кој информираше, едуцираше, резонираше, релаксираше, но и реагираше на многу теми, пред сѐ, од студентскиот живот, но и актуелни настани од општеството и тековниот момент, вели вториот уредник на списанието „Елфаско“, Тони Манџуковски


Почнувајќи од основањето, прв независен печатен медиум, потоа растењето од информатор во магазин, па од бесплатно делење до продажба по цена од 50 денари. Насловните страници со фотографија со порака, интервјуата со професори, како и со познати и во моментот актуелни личности, хумористичниот додаток, додатоците информатори, забавите по секој број, спортските турнири во мал фудбал и кошарка на ниво на цел УКИМ, забавите во холот на факултетот со „свирки“ од млади бендови, подароците со симболика, стилот на пишувањето и слободата на изразување и поттик. Воедно поттикнавме појава на серија слични студентски весници кои ги помагавме и со кои соработувавме, како што беа „Студент“ на Техничкиот факултет од УКЛО Битола, „Да Винчи“ на Машински, „Приматко“ на Природно-математички, „Медикус“ на Медицински, „Гален“ на Фармацевтски, ТИМ на Техничко-металуршки, „Дентиција“ на Стоматолошки, „Дамар“ на Филозофски и други, ни споделува м-р Тони Манџуковски-Манџук, дипл. ел.инж, втор уредник на списанието „Елфаско“, обидувајќи се во една реченица да го опфати времепловот на „Елфаско“.



Традиција од 30 години


На 13 јануари 1993 година излезе од печат првиот број на „Елфаско“, весник на студентите при Електротехничкиот факултет - ЕТФ, денес Факултет за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ. Скромно подготвен, на 12 страници црно-бел формат, копиран на факултетската копир-машина „ксерокс“, како прво независно студентско гласило. Датум кој може да се смета како почеток на независните весници. Со текот на годините растеше бројот на страници до 52, списанието од информатор стана магазин, а растеше и бројот на студенти-членови кои пишуваа за „Елфаско“. Студирањето на EТФ (денес ФЕИТ) и изборот на инженерската професија за животен пат подразбира математичка прецизност, логично размислување и технички осврт на повеќе работи. Јадрото на „Елфаско“ беа студенти на ЕТФ, но потоа ни се приклучуваа и студенти од други факултети. Секој што размислуваше со своја глава и имаше добра идеја и издржан став беше добредојден и ни се приклучуваше, раскажува Манџуковски.



- Основна задача беше да имаме медиум каде што ќе ги изразиме нашите ставови и мислења на еден убав, писмен и канализиран начин. Појавата на „Елфаско“ како еден медиум преку кој можеа да се изнесат ставови, размислувања и да се прикаже ширината на погледите на идните електроинженери преставуваше одлична шанса и поле за пласирање идеи. Воедно, тие ќе останат трајно и ќе бидат потсетник за едно време, време на зародиш на македонскиот плурализам и самостојна држава, како и нејзиното развивање и случувањата низ годините. И сето тоа видено од агол на студентите, кои треба да се и се сила, разум, слободен ум и здрав поглед на сѐ. Гласник кој информираше, едуцираше, резонираше, релаксираше, но и реагираше на многу теми, пред сѐ, од студентскиот живот, но и актуелни настани од општеството и тековниот момент - изјавува Манџуковски.



Се пишуваше од љубов, со минимални хонорари


На почетокот „Елфаско“ излегувал 4 пати годишно. Потоа успеале да издаваат 3 броја во семестар, односно 6 броја годишно.

- Притоа треба да се има на ум дека членовите на редакцијата беа студенти, пред сѐ, на Електротехничкиот факултет, чие студирање бара соодветен ангажман и посветеност. Но ентузијазмот, еланот и желбата да се каже ставот секогаш нѐ водеа и успевавме, од една страна, да бидеме во солиден тек со студиите, а од друга страна, да работиме на „Елфаско“. Благодарение на постојаната финансиска помош од Деканатот на факултетот, а во еден период и од СОРОС, а потоа со рекламите и продажбата успеавме да бидеме финансиски поткрепени за таква динамика на работење. Се пишуваше од љубов, а хонорарите главно беа минимални и ги вложувавме во списанието. Имено, речиси со секој број знаевме да даваме подароци кои има некоја порака. Така, на пример, на почеток на една студиска учебна година подаривме презервативи како дел од акција за борба против сидата, а на крај од семестарот календарчиња со распоредот на испитите. По атентатот на претседателот Киро Глигоров, 1995 година, со секој купен тогашен октомвриски број подарувавме банана - се присетува нашиот соговорник.



„Елфаско“ се создаде во почетоците на нашето плуристичко транзиционо општество и самостојност на државава. Основачкиот тим беше составен од Горан Гулабовски, Хари Локвенец и Небојша Гелевски. Кон нив се приклучуваат и друг членови.

- Со растењето на весникот, растеше и интересот за работа во него. Јас му се приклучив на основачкиот тим по третиот број, веќе како студент на трета година, кога си влезен во студентскиот живот и го владееш системот на студирање. Станав втор уредник и како прва работа со тимот си дадовме задача дека, меѓу другото, една од најважните работи на секој следен уредник е да подготви наследник. Благодарение на тоа мото, со самото дипломирање на уредникот и завршување на студирањето, тој му ја предаваше „диригентската палка“ на следниот. Така продефилираа 8 уредници (Хари Локвенец, Тони Манџуковски, Ристо Митрев, Жарко Васиљковиќ, Горјан Џундев, Небојша Митриќески, Кристијан Јанков и Стефан Петровски) кои со членовите на редакцијата (вкупно низ годините околу 100 студенти), го работеа весникот. Сите тие денес се успешни инженери, претприемачи, професори, директори, министри, писатели, а како студенти беа без некое новинарско искуство, но со желба и елан за пишување - раскажува нашиот соговорник.



Неговиот тим се приклучува во 1994 година и е составен од неколку студенти со скромно новинарско искуство создадено низ работењето во првото независно радио, младинското радио Клуб 100 од УСО „Орце Николов“.

- Весникот од информатор стана магазин, бројот на страници се зголеми до 52, колор насловна со фотографии, редовни додатоци и секој број „прославeн“ со студентска забава во тогаш популарната „Мусандра“, за која се бараше карта повеќе. Весникот правно го регулиравме со формирање Здружение на млади електротехничари – Елфаско, развивме продажна мрежа и маркетинг-спонзори, а редакцијата, освен главниот и одговорен уредник, беше составена и од претседателот на здружението, технички уредник, графички уредник и самите членови - детално ни споделува Манџук.



И наука, и култура, и спорт, и уникатен хумор

Како што вели тој, важно е студентите да имаат свој гласник бидејќи како движечка независна самостојна сила, тие треба да имаат медиум каде што ќе се изразат.

- Содржините и концептите беа според системот една четвртина информации, ставови, интервју, коментари, четвртина текстови од наука и техника, четвртина посветена на културата и уметноста и четвртина спорт, забава и хумор. Насловните страници беа изразување став и рефлексија на актуелниот момент, додатокот Елfuckсо беше место за хумор и сатира и со малку навидум одлепен, но реален став и поглед. Легендарните буљовци, Вентиљ и Чешма (Доне Аспровски и Марјан Кралевски), но и сите други што работевме на додатокот, создававме хумор кој потоа, нескромно кажано, го препознаваме во некои други весници и хумористични ТВ-шоуа кои следеа и се појавуваа низ годините во државава. Редовно информиравме и имавме коментар за актуелните случувања во студентскиот живот, но и општествените појави и настани. За науката и техниката ги следевме технолошките достигнувања во сите сфери. Преку културата вршевме афирмација, но и едукација, а имавме и дел за авторска фотографија, како и поезија и проза пишувани од студенти. Низ спортот, забавата и хуморот релаксиравме. Весникот завршуваше со Indiplorium каде што со фотографија се „испраќавме“ со оние што ќе дипломираа и ќе го „напуштеа“ студентскиот живот, потоа следуваа гром вести и стрип кој секогаш беше актуелен и каде што најголем печат остави Владимир Мартиновски Гог. Тука ќе го споменам и првиот фотострип во државава со кој низ фотографија имавме соодветна приказна од студентскиот живот. Како додатоци, освен за хумор, први издававме бруцошки информатор – информатор за идните студенти и информатор за дипломски работи, на два пати Елfullско, додаток за посуптилна критика, но и насока за подобрување на студентскиот живот. Реагиравме со оставена празна црна страница во весникот пред едни парламентарни избори оти студентите беа заборавени и беа користени само за политички цели и гласови, потегнавме акции за 50 отсто попуст за билет за културно-забавни настани за студентите, а за соодветните подароци со секој купен број веќе кажав претходно во разговоров - ни раскажува Манџуковски.



Духот на „Елфаско“ сѐ уште е присутен

По пауза од неколку години, „Елфаско“ ќе продолжи со своето работење.

- И покрај тоа што се сменети времињата, вредностите и генерално „матрицата“ на денешните студенти, но водејќи се од мислата дека освен студирање, ова е проект кој ги „доградува“ студентите и тие треба да има соодветен медиум, сме на идеја која веќе почнува да се реализира преку портал (elfasko.mk). Сите поранешни членови стоиме зад оваа идеја оти духот на „Елфаско“ сѐ уште е присутен. Заедно со Деканатот и алумните на ФЕИТ, планираме средба со студентите, особено со тие од прва година, и воскреснување на идејата кај сегашните нови студенти. Потоа е лесно, духот ќе го почувствуваат и тие. Со тоа „Елфаско“ ќе ја продолжи својата мисија, и како што имавме кажано во еден џингл кој го снимивме како дел од серија џинглови за најава за студентските забави и гостувања по скопските радиостаници, „Елфаско“ е во постојана мисија да истражува, но и да информира, резонира, релаксира и секако да реагира, како еден вид бренд на Eлектрофакултет (ФЕИТ).



Лично кажано, „Елфаско“ бил и ќе биде еден мој драг проект меѓу другите, како што се учеството во работењето како уредник во првото независно радио во државава – младинското радио КЛУБ 100, 25 години член на штабот на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, работата со алумните на ФЕИТ и, секако, авторството како писател и поет на 7 книги (кратки раскази, драми, поезија), настрана од секојдневните професионални обврски и задоволства како магистер по електротехника и раководител на Центарот за кариера, предавач и координатор за ЕЦДЛ програмата и систем-инженер при ФЕИТ - завршува Тони Манџуковски-Манџук.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Наша тема