X
 15.04.2024 Наша тема

„Студентите да бидат подобри од нас и да веруваат во себе, ако решат да се борат овде, ќе најдат сојузници како мене“, вели Билјана Ванковска, кандидат за претседател

Професор д-р Билјана Ванковска е доктор на правни науки и редовен професор на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа е и раководител на последипломските студии по Мир и развој на Филозофскиот факултет во Скопје.

Покрај богатата наставна и научноистражувачка работа, во изминатите три децении таа била чест учесник во јавните дебати на повеќе нивоа, активист во повеќе иницијативи и организации на цивилното општество во земјата и во странство, коментатор за домашни и странски медиуми и редовен колумнист повеќе од 20 години.
На претстојните претседателски избори е кандидат на политичката партија Левица.

Како дете, што сакавте да бидете кога ќе пораснете?

- Хаха! Кога си дете и имаш слободна фантазија, а живееш во мир и пристојни услови, мислиш дека целиот свет е твој и дека можеш да бидеш сè што ќе посакаш. И кај мене не беше поинаку. Затоа мислам дека среќното детство е многу важно, но и ослободеноста од притисоците на средината и особено од тие на родителите. Имав среќа моите родители да не ми ги пренесуваат своите неостварени амбиции, туку само да ми даваат самодоверба и поддршка сама да си го избирам патот. Тој принцип го применив подоцна како мајка на моите три деца, од кои едната е универзитетска професорка по биохемија, втората е научен истражувач невролог, а третата е доктор на науки во социјална психологија. Но, ако зборуваме за моите таленти од најрани нозе, тие останаа трајна одлика: посветеност кон она што ме интересира, перфекционизам во тоа што го работам, талент за зборување и пишување, критичка и оригинална мисла кон она околу мене. Мислам дека си ја најдов вистинската професија.



Кои предмети и професори Ви оставија најголем впечаток во основно и средно образование?


- Како некој кому сите предмети му оделе лесно, не можам да издвојам нешто посебно. Не сум била бубалица, нештата ги впивав за време на часот (особено ако наставниците биле интересни и способни – а повеќето беа такви). Признавам, на часовите по ликовно образование не покажував некакви посебни вештини иако се трудев, но затоа моето другарче Сашо (Поповски) уште тогаш брилираше со својот талент и денес е академски сликар.
Во основното училиште имав среќа учителка да ми биде една жена извонреден педагог (Љубица Михајлова, мајката на извонредниот Делчо Михајлов), која знаеше да не ме искара кога очигледно „читав“ од празен лист, а тоа да го спомне подоцна за да знам дека не сум ја измамила. (Тоа беше ситуација во која се срамев да признам дека не сум завршила домашна задача да напишам писмена задача за пролетта, па се осмелив да импровизирам на самото место).

Вториот наставник кој ми остави многу во наследство беше наставникот по физика и математика кој нè научи дека љубопитноста и добрите прашања се половина пат до одговорите – ставаше петки за одлични прашања и така нè стимулираше да размислуваме со своја глава и да поставуваме прашања без срам. Во средното образование и како наставник и како жена трага остави професорката Олга Кранго – жена која зрачеше од интелигенција, животна радост и енергија. Таа ми помогна да ја совладам лошата вест дека сум добила неизлечива кожна болест витилиго, како и да ги совладам сите младешки комплекси во однос на изгледот, ами да се потпирам на интелектот и духот.



Како одлучивте на кој факултет да се запишете?


- Тој избор беше детерминиран од моето скромно работничко потекло. За среќа, образованието беше бесплатно (за разлика од сега), а татко ми, кој единствен работеше, можеше да нè школува и брат ми и мене, ама морав да се откажам од сонот да студирам во Белград (каде што имаше политички науки во тоа време). Некаква утешна награда беше Правниот факултет, кој даваше некакви пошироки можности, особено во насока на новинарски ангажман. Адвокат или судија никогаш не сум сакала да бидам, па затоа ја одбрав политичко-управната насока (тоа беше време кога првпат беа внесени три насоки на Правниот факултет во Скопје). Требаше да минат години, па и да докторирам на истиот факултет, а да сфатам дека вистинските студии тукушто почнуваат на меѓународен план. Таму си ги најдов вистинските ментори, вистинските примери, и кај нив „докторирав“ одново докажувајќи се на едно повисоко и поквалитетно ниво во дијалог со луѓе од цел свет.

Каде живеевте додека студиравте, како го поминувавте слободно време, дали можете да ни кажете некоја анегдота од студентскиот живот?

- Како скопјанка, дури и им завидував на колегите што живееја во студентски домови (иако тие си знаат низ какви маки минувале додека мене дома ми било сè наредено). Имав друштво, се разбира, но никогаш не сум била некоја „шмизла“, не сум одела по диско-клубови или не знам какви забави. Бев скромна, а диско-клубовите беа за децата од елитата, која јас ја презирав уште тогаш. Затоа имав круг на блиски кои беа доволни за бескрајни разговори, смеа, шеги, заедничко учење. И оттогаш до денес, повеќе уживам во приватен разговор со умен човек, со филм, книга или музика отколку во големи настани и социјализирање „за да бидеш виден или да те видат“.

Со мојата работа имам среќа многу често да сум опкружена од блескави умови кои ми отвораат перспективи, размисли, хоризонти – кои ме збогатуваат со самото дружење и разговори. Најважна ангедота, односно настан од студиите, веројатно беше средбата со професорот по кривично право Ѓорѓи Марјановиќ, кој беше неконвенционален, духовит и инспиративен и од кој научив што значи да се биде вистински ерудит. Тој беше изненаден, а јас потоа со крилја кога побарав да ја поништам 9-ката и да полагам одново за 10-ка. Тоа не беше поради опсесија со просекот, туку од желба да покажам дека знам повеќе. Тоа беше „битка“ и најубав испит во мојот живот. На крајот ја добив најголемата „десетка во индексот“, но и најважниот поттик. Марјановиќ го откри критичкиот и аналитички ум во мене и ме праша дали планирам да останам на универзитет. За жал (или за среќа, гледајќи го правосудниот систем), не го послушав да продолжам во насока на кривично право, ами тргнав по насоката на политичките студии. Но, се оствари сонот да станам професор. Честопати кога ќе се сретневме подоцна, и тој знаеше да каже колку е горд на своите студенти. Сега јас тоа го правам со моите најдобри студенти.



Кои предмети најмногу Ви создадоа мака, како се спремавте за испити?

- Учењето не ми беше мака бидејќи учев за да разберам, а не да запомнам и рецитирам. Не учев за оценки, а тие си стасуваа. Сфатив дека кај поголемиот број професори остава впечаток не само да се репродуцира наученото, туку и да се логицира и поврзува. За жал, имаше и слаби професори кај кои можев лесно да дојдам до 10-ка, но немаше да ја имам сатисфакцијата дека сум се покажала. Испитите ги подготвував така што не одев на настава редовно (тогаш кога проценив дека некои професори читаат од своите книги, на пример), ама имав самодисциплина да си седнам рано наутро со книгите, а навечер да излезам со другарка или со дечкото. На испитите, секогаш кога можев, барав да одговарам прва и да си заминам. Со висок просек можевме да полагаме предвреме, па студиите ги „прошетав“ за 3,5 години како втор студент во генерацијата (мојот иден сопруг беше најдобриот, хаха).

Што треба да се промени во образовниот систем и што да се направи за да се подобри студентскиот стандард?

- Ох, ова е најболното прашање затоа што пред да заминам во пензија гледам руина, збирштина на медиокритети, партиски вработувања, пад на општиот стандард и квалитет на образованието, трка по функции повеќе од вредна работа на проекти. Ќе бидам директна да кажам дека некогаш помислувам дека е сето ова непоправливо и дека мора да се почне од темел – од градинките до факултетите.
Кога би била министер за образование, мислам дека би била многу „лоша“, со една метла в раце со која би почнала да воведувам мерки за вистинско вреднување кому му е место во образованието, а кој залутал. Најлошо е што во општеството владее некакво уверување дека човек без факултетска диплома не вреди, а дека секоја диплома вреди исто. Не е така. Ние мораме да вреднуваме труд, умешност, знаење, вештини, занаети и на луѓе без факултетско образование, ама и да си признаеме дека факултетите станаа печатници за дипломи.
Некогаш имам чувство дека дел од колегите на секој кандидат за магистерски или докторски студии гледаат низ призма на очекуваниот екстра приход, а не како на предизвик да му помогнеш на некој млад човек да напредува во академска и умствена смисла. Ова е врзано коло, едно влијае врз друго, па образованието е само огледало на општата криза на моралот, вредностите, па и на лошиот социјален стандард во општеството.
Некогаш се знаело дека мора да се вложува во децата, односно во оние на кои им ги доверуваме: од негувателката во градинката до менторот на докторски студии. Сега владее партизација и негативна селекција (со ретки исклучоци). Образованието може да се гледа и како елитна дејност, односно дејност која стимулира и открива „бисери“, во смисла на градење свест за извонредност. Но, не по секоја цена. Низ долгите години на школување ние мораме да наоѓаме начини да ги ослободуваме децата од наметнати стандарди кои нема да им донесат ни самоостварување на личноста, самопочит, ни егзистенција. Секој труд, секоја професија, мора да се вреднува соодветно. Но, многу сум против онаа „реформа“ со која на деца од средните стручни училишта (додека се уште незрели или минуваат низ пубертетски и други маки) да им се дозволува упис на факултет само доколку покажат некој завиден успех. Децата зреат, се откриваат и подоцна, па така условот за еднакви можности особено за деца од пониските социјални слоеви мора да се гарантира.



Како да се спречи одливот на мозоци од нашата земја?

- Лошото образование овде го забележуваат и нашите студенти. Голем број од нив во момент на искреност, на крајот на студиите, ќе ми кажат: секоја чест за вас, ама јас овде ако останам, ќе стагнирам зашто нема вистинска наука и развој. Во странските средини каде што одат има вистинска конкуренција и предизвици, а нашите деца и млади се многу интелигентни. Системот ги заглупавува, намерно или случајно, стихијно. Една од мерките е инвестирање во образование и во пазар на труд на кој секој би си го нашол соодветното место за достоинствен живот. Понатаму, ги знаеме и другите проблеми како непотизам, клиентелизам, невладеење на правото, негативна селекција на кадрите на водечки позиции.
Со интернетот и патувањата младите можат лесно да ја забележат разликата и светот им е речиси на дланка, па секој што може гледа да побегне што подалеку. Попусто е да зборуваме за патриотизам и да плачеме над нашите судбини ако државата прави сè да постави медиокритети и празни глави на водечки места – од оние тела кои се грижат за развојот на образованието, па до собранието или владата.

Што би им порачале на студентите?

- Искрено, најчесто се обидувам да им го разбудам чувството на самодоверба, дека имаат способности, да не учат колку да добијат шестка, да веруваат во себе, да дадат максимум, па тогаш ако никој не ги препознава нивните квалитети – нека летаат! И затоа, секому му кажувам дека денес не се може без знаење странски јазик, макар еден. Јас уште не можам да сфатам како имаме професори кои не знаат ни српски, а камоли друг јазик, а развиваат наука. Би им порачала на студентите да бидат подобри од нас, да се борат и да веруваат во себе. Ако решат да се борат овде, има и други како нив, а меѓу нив ќе најдат и повозрасни сојузници како мене.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема