X
 09.11.2018 Образование

Ова се најдобрите научници на УКИМ за 2017 година

Сизифовска работа е да се занимавате со наука во Македонија, рече проф. д-р Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија, еден од наградените научници на најголемиот универзитет во земјава

Даница Крстовска од Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет, Владимир Трајковиќ од Институтот за информациски системи и мрежни технологии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија на Филозофскиот факултет, Иван Блинков од Катедрата за земјиште и вода на Шумарскиот факултет, Весна Боцевска од Катедрата за математика и статистика на Економскиот факултет и Томислав Станковски од Катедрата за медицинска физика на Медицинскиот факултет се најдобрите научници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Д-р Станковски е прогласен и за најдобар научник во целина.
По повод Светскиот ден на науката, 10 ноември, денеска во Ректоратот се одржа свеченост на која им беа врачени признанијата. Секој научник ќе добие 60.000 денари.


Проф. д-р Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет, кој предава медицински предмети, рече дека наградата за него претставува чест и поттик за понатаму.
 - Сепак, напорниот труд во последните 20 години вроди со плод. Во Македонија да се занимава човек со наука е повеќе од Сизифова работа, бидејќи државата одвојува многу помалку средства за науката, а сепак се бараат големи и врвни дострели. Во изминатата година успеав да објавам неколку трудови и имав неколку предавања на врвни конференции во светот - додаде Трајковски.

Во рамките на одбележувањето на Денот на науката во Ректоратот се одржа трибина на тема „За образованието и науката во Република Македонија“. Воведничари на темата беа проф. Маја Рауниќ-Кирков од Педагошкиот факултет од Скопје и Зоран Велков од Филозофскиот факултет.

Науката добива премалку пари, рече ректорот Јанкуловски

Рауниќ-Кирков се осврнa на прашањето колку научните сознанија на професорите на УКИМ се видливи, а особено колку се воведени во образовниот процес на денешните генерации.

- Улогата на науката е многу важна за развојот на општеството и за секојдневниот живот на луѓето. Со одбележувањето на 10 Ноември, Светски ден на науката за мир и развој, сакаме да го потенцираме и придонесот на науката на сите полиња без кои не би можело да се замисли едно современо општество - истакна ректорот Никола Јанкуловски.
Посочи дека една од нивните заложби е да го свртат вниманието кај сите фактори во државата кои одлучуваат за одвојување финансиски средства за науката.
 - За науката се одвојуваат премалку средства, односно 0,1 отсто од БДП. Тоа е премалку во регионални и светски размери кога знаеме дека и околните земји одвојуваат од 0,4 до 0,8 отсто од БДП. Се залагаме да се одвои поголем процент за науката - додаде Јанкуловски.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование