X
 11.06.2023 Живот

Ова е најопасниот остров на светот, каде што на секој чекор има змија

Островот на змиите не е имагинарна локација од хорор-филмовите, туку реално место. Овој остров, кој се вика Иља де Кејмада Гранде, е оддалечен околу 30 километри од брегот на Сао Пауло.

Од воздух островот изгледа прекрасно, на него преовладува зелена вегетација, има карпест брег и е опколен со кристално чисто море. Но, идејата за егзотичен одмор брзо паѓа во вода бидејќи Островот на змиите не го добил името по изгледот, туку затоа што е дом на најсмртоносните змии на светот, кои таму ги има илјадници. Според научниците, на Земјата не постои место на кое има поголема концентрација на отровни змии. Со оглед на тоа што површината на островот е само 0,45 квадратни километри, пресметката е јасна - таму не само што сигурно ќе видите змија, туку ќе видите стотици, односно една змија на секој метар.

Не е чудно што таму не живеат луѓе, а единствен доказ за човечкото постоење е светилник кој бил изграден за да се избегнат бродоломи. Некој морал да го изгради светилникот и да управува со него, а според научниците, во почетокот на 20 век, на островот живеел човек задолжен за таа работа. Според раскажувањата, последниот вработен во светилникот и неговата фамилија не преживеале бидејќи, наводно, змии влегле во нивниот дом преку отворени прозорци.


Фото: Wikipedia

Златните змии, чиј отров го растопува месото, останале заробени на островот кога се кренало нивото на морето и го одвоило островот од копното. Бројот на змии на островот се зголемил бидејќи немале природен непријател, а имале изобилство од храна. Омилени им се птиците. Кога ќе каснат човек, важно е да се знае дека отровот од златна змија буквално го растопува месото каде што е каснато и е дури петпати појак од отровот на роднините на овие змии од копното.

Смртоносниот вид на оваа змија е прилично непознат поради тоа што овој остров ѝ е единствен дом. Таа има златна боја, а главата ѝ е во облик на копје. Фамилијата на оваа змија е одговорна за околу 90 отсто од сите смртни случаи предизвикани од каснување од змија во Бразил. На пример, ако касне човек некаде на континенталниот дел од Бразил и тој човек не прими лек, смртноста изнесува околу 10 отсто. Дури и со противотров, шансите за смрт се околу 3 отсто, а симптомите вклучуваат откажување на бубрезите, крвавење во мозокот, во цревата и некроза на мускулното ткиво. Сега замислете што прави петпати појакиот отров од змиите што живеат на островот.

Лудо нешто за природните супстанции кои можат да предизвикаат смрт е тоа што можат да имаат и лековити својства. Отровот од златната змија во досегашните истражувања покажал фармацевтски потенцијал и веќе се користи во производство на лекови за намалување на крвниот притисок, а се верува и дека може да се користи за спречување на згрутчување на крвта, срцеви болести и проблеми со циркулацијата.

Секако, тоа не значи дека треба да одите на островот ако имате хипертензија (што секако е забрането), но дава аргумент зошто не треба да се уништат змиите што живеат таму.

Извор: National Geographic
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот