X
 06.05.2024 Здравје

Сега е познато колку седење доведува до зголемен ризик од рана смрт

Напредокот на технологијата во последните децении ги елиминира потребата и желбата на луѓето да се движат. Голем дел од светската популација е во седечка положба долго време во текот на денот, без разлика дали пред компјутер на работа или пред телевизор дома.

Со оглед на тоа дека човечкото тело е создадено да се движи, сето ова седење е лошо за нашето здравје. Една нова студија од Универзитетот во Калифорнија - Сан Диего го потврди ова.

На вкупно 5.856 учеснички на возраст од 63 до 99 години им било побарано да носат монитор за активност на колкот седум дена, на почетокот на студијата. Истражувачите потоа ги следеле цела деценија, при што починале 1.733 учеснички. Истражувачите користеле вештачка интелигенција за да добијат податоци од мониторот за тоа колку време седеле учесниците, а потоа го поврзале тоа со ризикот од смрт. Податоците покажале дека учесниците што седеле повеќе од 11 часа на ден имале 57 отсто поголем ризик да починат во периодот додека траела студијата отколку оние што седеле помалку од 9,5 часа на ден.

Но, дали редовното вежбање ќе ги отстрани здравствените ризици од поминувањето премногу време во седење? Одговорот според студијата е - НЕ. Ризикот од рана смрт сè уште бил присутен дури и со примена на поголеми количини умерено до енергично вежбање. Студијата од 2019 година, исто така, покажала дека поголемите количини на вежбање не го поништуваат ризикот од болести како што се дијабетес тип 2, срцеви заболувања и мозочен удар, кои доаѓаат како последица од премногу седење.

Сепак, една студија од Австралија покажала дека правењето помеѓу 9.000 и 10.500 чекори секој ден го намалува ризикот од прерана смрт, дури и кај луѓето што многу седат.

Контрадикторните наоди може да се објаснат со мониторите за активност што се носеле на колк во студијата од Универзитетот во Сан Диего и на зглобот во австралиската студија, што може да доведе до различни процени за времето на седење.

Австралиската студија, исто така, не користела никаков специјален софтвер во податоците од мониторот за активности за да утврди кога учесниците седеле или стоеле, што значи дека стоењето би било погрешно евидентирано како седење. На пример, ако учесникот стоел в место половина час, тоа би се сметало како половина час седење. Ова може да значи дека австралиската студија го потценила времето што нејзините учесници го поминале седејќи.

Доказите од студијата од Универзитетот во Сан Диего изгледаат подобри, нагласувајќи ја потребата да се биде во седечка положба што помалку. Сегашните упатства од Светската здравствена организација го поддржуваат ова, препорачувајќи дека возрасните треба да го ограничат времето на седење и да прекинат долги периоди на престој во таа положба.

Колку седење е премногу?

Студијата од Универзитетот во Сан Диего вели 11 часа дневно. Други истражувања велат дека само седум часа секој ден би можеле да бидат премногу. Има и многу истражувања кои покажуваат дека не треба да седите подолго од 30 минути континуирано бидејќи тоа може да го зголеми нивото на шеќер во крвта и крвниот притисок.

Значи, што можете да направите за да избегнете долго седење?


Ако сте канцелариски работник, можете да станете и да се движите помеѓу работните задачи или додека сте на повик. Дома, можете да станете за време на ТВ-рекламите. Некои паметни уреди кои можете да ги носите со вас почнуваат да зујат ако седите премногу долго за да ве предупредат.

Но, што ако не можете да стоите или да одите? Студија од 2020 година покажала дека малите серии на вежбање со рацете (на пример, по две минути вежба на секои 20 минути) го намалуваат нивото на шеќер во крвта кај корисниците на инвалидска количка. Сè додека правите нешто што подразбира да не седите мирно, тоа ќе ви донесе здравствени придобивки.

Извор: Science alert

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје