X
 13.10.2025 Наша тема

330 км за помалку од 150 часа: тројца Македонци се вброија во „џиновите“ по завршувањето на трката на Алпите

Научив дека силата е во мирот што можам да го најдам среде хаос. Страданието и болката престануваат да бидат непријатели кога ќе ги прифатиш како дел од тебе – токму тогаш се отвора патот кон вистинскиот мир. И можеби најважно, сфатив дека без луѓето покрај нас, секој успех е само половина, вели Радмила

Трката на џиновите (Tor des Geants) е незамисливо тешка трка. Се трча низ долината Аоста, на Алпите, во должина од 330 километри со 26.000 метри висинска денивелација и временско ограничување од 150 часа. На најразличен терен, од благ и рамен до ултимативно стрмен. Само 1.100 атлети стартуваат и само 40 отсто стигнуваат до целта. Оваа трка за многумина е трансформативна. Ја бие глас за гостољубива за тркачите. Има седум „бази на живот“ и 43 контролни точки. Трката на џиновите е борба со себе, со природата, со болката и само најупорните и најиздржливите, вистинските „џинови“ стигнуваат до финиш-линијата. Радмила Јованова, Катерина Шиповиќ и Жикица Ивановски успешно ја завршија трката, влегоа официјално меѓу џиновите. Жика заврши на 126. позиција со време од 108:59:40. Кате ја заврши за 129:42:30 на 397. позиција, а Радмила со време од 141:10:43 на 539. позиција.



Тоа што тројцата успеавте да стигнете на целта укажува на вашата спремност, издржливост, сила, волја... Што ви се вртеше во главата додека поминувавте низ најсилните предизвици?

Жико: Додека се движев сам и низ некои тешки делови, често мислев на Васко Саздовски, мој пријател кој загина во Нови Сад, и неговиот дух ме водеше низ оваа трка и му ја посветувам нему.
Радмила: Пред неколку години имав можност да го слушам д-р Сашко Кедев на едно предавање во Штип (на кого премногу му се восхитувам) каде што зборуваше за тоа дека без вистинско страдање не можеме да пораснеме. Тие зборови ги запаметив, но не ги имав применето. За време на трката, кога имав толку многу силни болки и навистина беше доведено до прашање моето финиширање, ја прифатив болката како дел од мене, како нешто низ кое мора да поминам за да успеам. И така успеав.
Кате: Советот кој го добив од брат ми: „За соодветно да се подготвиш и да стигнеш на стартната линија на ваква трка жртвуваше и вложи многу, сега за време на трката уживај во секој момент без да размислуваш кога ќе заврши. Следи ги своите потреби, својот ритам и сопствената интуиција.“ И уживав во целата трка, а во оние моменти кога беше најтешко, се борев тој кризен момент да го надминам.



Што би истакнале од трката и дали имате точка што би ја оцениле за „најкритична“?

Жико:
Јас би ги истакнал самите натпреварувачи, со многу од нив се запознав и поминав голем дел од трката. Исто така, волонтерите, физиотерапевтите и масерите. Секако и прекрасната природа. За најкритични би ги издвоил тешките и бескрајни спуштања кон Донас, Гресони, Ојас и Оломонт.
Радмила: Тоа беше нашата поддршка за време на целата трка (Борјан, Дарко и Горан) кои иако не трчаа, сепак делеа со нас и замор и несоница и верувам дека ментално ја почувствуваа истата тежина на трката. Не можам, а да не ги споменам сите волонтери, целиот тим на доктори и физиотерапевти кои навистина изгинаа за нас тие денови. Најкритични моменти ми беа сите спустови по 150. км, борбите со сонливоста бидејќи кризите доаѓаа ненајавено и на неочекувани места, понекогаш на многу стрмно искачување во вечерни часови, понекогаш на многу стрмни спустови кога телото едноставно одбиваше да се движи. Клучен момент за мене беше на 48 км до самиот крај, кога прв и единствен пат се замислив како ќе продолжам со толку болки во нозете.
Кате: Покрај неверојатните убавини низ кои се движевме, би го издвоила спортскиот дух на локалното население кој придонесе целиот настан да добие една уште помагична димензија. Сите искрено се радуваа кога минувавме, нѐ бодреа, па дури и се обидуваа да ни го прочитаат името и земјата од која доаѓаме, за да ни дадат поголема мотивација со тоа што ќе ги изговорат. Јас имав два критични моменти кога заморот почна да презема контрола врз мојот ум и тело. Првиот беше втората вечер кога веќе бев без сон околу 40 часа и последното утро, околу 3 часа пред разденување.



Тренажниот процес е макотрпен и долг, колку километри поминувавте неделно?


Жико
: Како аматер спортист, се разбира дека обврските кон фамилијата и работата се приоритет, но секако мислите често ми летаа кон тренинзите. Каде, што и како. Во поглед на седмичните километри, би рекол некој просек од 80 до 100 км неделно, со тоа што „најголемата“ седмица беше со 196 км. Првпат работев со професионален тренер и беше задоволство.
Радмила: Тренажниот процес ми е најтешкиот дел од сѐ, вклучително и од самата трка, односно да го најдеш потребното време за да можеш да го реализираш секој тренинг. Имавме тренинг-план по кој се водевме, но секако дека не можевме буквално да го исполниме. Многу фактори влијаат врз тоа – време, фамилија, работа, одмореност, наспаност, состојба на телото, на умот... Како и да е, сето она што не можевме да го исполниме токму тој ден, се обидувавме да го надополниме или компензираме следниот ден.
Кате: Моето секојдневие е многу динамично, имам две мали дечиња со свои потреби, но најважно од сѐ е мојата желба да бидам вистински присутна во нивниот живот. Имам динамична и одговорна работа со полно работно време. Покрај овие две работи, секогаш правам напори во денот да го вметнам тренингот. За жал, за сите други задоволства ретко останува слободен простор. И не ми е жал за тоа, иако искрено, ми недостига социјалниот живот. Така функционирам повеќе години, така беше и последните месеци пред оваа трка.



Споделете ни некои моменти од трката, што сакавте да ве чека на „базата на живот“, на што се радувавте?

Жико:
Тушот, креветот и масажата беа вистинското нешто. На базите имаше буквално сѐ и немав потреба од ништо посебно. Се радував кога ќе ги видев Дарко, Борјан и Горан и кога ќе ми дадеа информација за девојките дека се добри.
Радмила: Најмногу се радував кога ќе видев слободно место кај физиотерапевтите, па да не мора Борјан да ме кара дека многу залудно време трошам на базните станици. Се радував кога ќе си ги слушнев фамилијата и пријателите, кои будно нѐ следеа цело време – тоа ми даваше дополнителна сила.
Кате: Најмногу се радував на базните станици поради тоа што таму ме чекаше Дарко (мојот сопруг), заедно со Борјан и Горан. Едвај чекав да ги видам, да им раскажам како минала етапата која сум ја завршила, да разговараме за наредниот дел од трката, да ми раскажат тие што правеле, дали се виделе или слушнале со Радмила и Жико, како се, до каде се и слично. Секако дека тука убаво ни доаѓаше и тушот кој го искористив два пати, како и промената на чиста облека.



Освен по километрите, денивелацијата, џиновите околу вас, по што ќе ја паметите оваа трка? И што научивте?

Жико: Јас ќе ја паметам по џиновите со кои ја делев патеката. Овде мислам и на нашиот тим од шестмина кој беше извонреден. По многуте пријателствата што ги остварив таму.
Радмила: Ќе ја паметам по многу работи. Најмногу по заедничката среќа кога тројцата финиширавме, кога сите се гушнавме, кога сите плачевме и сите се смеевме во исто време. Тогаш сфаќаш дека ниту еден успех не е индивидуален.
Научив дека силата е во мирот што можам да го најдам среде хаос. Страданието и болката престануваат да бидат непријатели кога ќе ги прифатиш како дел од тебе – токму тогаш се отвора патот кон вистинскиот мир. И можеби најважно, сфатив дека без луѓето покрај нас, секој успех е само половина.
Кате: По среќата на тимскиот успех и успешно совладување на уште еден голем предизвик, кој до пред неколку години мислев дека е далеку од моите можности.



Некои велат дека се дел од вакви трки за да видат од што се направени... Која беше вашата мотивација?


Жико: Мислам дека секој може да го направи ова или нешто слично доколку си го постави како предизвик и вредно работи кон негово остварување. Мене ми е драго што многу луѓе кај нас во Македонија го следеа ова наше патешествие и се информираа за овој настан. Верувам дека ќе мотивира некого да направи нешто слично. Мојата мотивација беше тој предизвик - да пробам да се наминам самиот себе.
Радмила: Јас сум дефинитивно направена од леб и бели печива бидејќи нема некој поголем уживател на тесто од мене. Драго ми е што многу луѓе го следеа настанот. Секојдневно се обидуваме да го промовираме спортот, да ги мотивираме луѓето околу нас и да покажеме дека сме многу посилни од тоа што можеме и дека нашите сопствени граници се многу подалеку од тоа што мислиме.
Кате: Секој мој настап на ваква подолга трка е со цел да се надминам себеси и уште еднаш да си докажам дека можам. Дефинитивно преку нашето учество на оваа трка за неа се дозна и во нашата земја. Воедно, се зголеми свесноста и за ултрамаратонот и ултрамаратонските трки воопшто, што ми претставува посебно задоволство.



Ваквите трки се тешки и ментално и физички, па какво е закрепнувањето потоа?

Жико: Тоа е една голема непозната за мене бидејќи ова е нешто најдолго. Закрепнувањето сѐ уште трае и треба да се биде особено претпазлив по вакви напори.
Радмила: Првата недела по трката бев буквално гладна за сон, ништо друго не ми требаше како спиење. И храна, многу храна, и тоа секаква – и здрава и нездрава. Ментално мислам дека брзо закрепнав, по две недели веќе ми недостигаа трчањето и планините. Физички, не се чувствувам целосно закрепната и не знам уште колку време би ми било потребно, но сакам убаво да се одморам.
Кате: За закрепнување по една ваква трка, многу е важно да му дозволите на телото повеќе дена квалитетен одмор, мирни денови со убав сон, засилена исхрана и лесни физички активности како истегнување, велосипед, прошетки, а по некое време и лесни трчања. 






Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Наша тема