X
 07.03.2026 Живот

Платил за една ноќ во хотел, а со години живеел бесплатно

Њујорчанецот Мики Барето неодамна ја признал вината за измама поврзана со обидот да го присвои легендарниот хотел „Њујоркер“, со што заврши долгогодишната судска постапка.

Неговата приказна е во најмала рака неверојатна - благодарение на ретко користен закон за закуп во Њујорк, Барето со години живеел во хотелска соба речиси бесплатно, додека истовремено се обидувал, барем на хартија, легално да преземе контрола врз целиот објект.

Како започнало сè

Приказната започнува во 2018 година, кога Барето и неговиот партнер Метју Ханан преноќиле во собата 2565 во хотелот „Њујоркер“. За ноќевањето платиле 200 долари, но токму таа една ноќ станала темел на правната стратегија на Барето.

Тој тврдел дека токму тој престој му дава право на заштита според градскиот закон за закуп, кој им овозможува на станарите да побараат шестмесечен закуп на поединечни соби во згради изградени пред 1969 година.

Кога хотелот одбил да му издаде договор за закуп, Барето отишол на суд. На клучното рочиште претставникот на хотелот не се појавил, па судот го искористил тоа во корист на Барето и му било доделено „поседување“ на собата.

На тој начин, иако формално станувало збор за една соба, Барето всушност си обезбедил право на престој во хотелот без да плаќа кирија, што подоцна станало основа за неговите обиди да преземе поголема контрола врз објектот.

Обид да го присвои целиот хотел

Обвинителите тврдат дека Барето не застанал тука. Тој се обидел да ја измами државата преку лажен документ што го поставил на градската веб-страница, тврдејќи дека е сопственик на целиот хотел.

Вистинскиот сопственик на хотелот „Њујоркер“, сепак, е „Јунификејшн чрч“, религиозна организација основана во Јужна Кореја од самопрогласениот месија Сун Мјунг Мун. Црквата не одговорила на прашањата на медиумите, но покренала правна постапка против Барето кога ги открила неговите намери.

Во тој период Барето се обидел да му наплаќа кирија на друг станар во хотелот. Според обвинителството, неговите постапки ја надминале границата на обично правно маневрирање и влегле во сферата на кривична измама.

Медицинска процена


Барето конечно бил иселен во 2024 година и се соочил со неколку обвиненија за кривична измама. Судот проценил дека не е способен да му се суди, па бил упатен на психијатриско лекување и третман за зависност за да се утврди неговата ментална состојба.

Признание и казна


На крајот Барето ја признал вината за измама.

Според портпаролот на Канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетн, тој добил шест месеци затвор, казна што веќе ја издржал, како и пет години условна казна. Тоа значи дека Барето сега е на слобода, но мора да ги почитува условите на судскиот надзор за да избегне нови правни последици.

Неговиот адвокат не одговорил веднаш на прашањата на медиумите, додека Барето претходно изјавил дека судијата кој му ја доделил собата му овозможил да престојува во целиот хотел бидејќи објектот никогаш не бил правно поделен.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот