X
 02.05.2025 Издвојуваме

Кога бев студент со Снежана Лупевска: „Омилена професорка ни беше сегашната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова“

Сакав слобода на изразување и пишување, не сакав бубање и читање големи книги, туку нешто различно. Новинарството ми изгледаше вистински избор, од една страна, се учи и економија, и право, и филозофија, а од друга, се истражува, се пишува… имаше многу поразличен пристап во студирањето отколку на другите факултети, ни споделува Снежана Лупевска Созен

Снежана Лупевска Созен е наша реномирана новинарка. Новинарско име кое секој го чул и лик кој секој го препознава, со богата и импресивна репортерска биографија во медиумскиот простор. Има солидно искуство како продуцент, а веќе со години гради успешна уредничка кариера. Со својата професионална посветеност и страст за новинарството таа се истакнува со аналитички пристап и длабоко разбирање на актуелните теми. Низ годините дејствува и работи во различни медиумски формати, а нејзината посветеност на професијата и влијанието во медиумскиот простор ја прават една од најважните фигури во новинарската заедница. Во рубриката Кога бев студент таа нѐ носи во нејзините студентски денови, првите новинарски искуства, кариерни почетоци…

Не сакав економија, ниту математика


- Основното образование го завршив во населбата каде што живеев - Маџари, во училиштето „Наум Наумовски Борче“. Имам многу убави спомени од тоа време бидејќи љубовта кон литературата и новинарството мислам дека потекна токму од тоа време, од мојата класна раководителка Јованка, а често бев водител на патронатите и приредбите. Запишав средно економско училиште, тогаш се викаше „Моша Пијаде“, на инсистирање на татко ми, но и јас и тој сфативме дека од мене нема да биде економист - се потсетува Лупевска.

Ни раскажа и како се одлучила да се запише на новинарски студии.

- Со оглед на тоа дека не сакав економија, ниту математика, одбрав факултет кој најмногу одговараше на моите афинитети, читање, пишување, но и познавање од повеќе области. Така одбрав да студирам новинарство, а во тоа време се викаше Интердисциплинарни студии по новинарство, на Правниот факултет. Убавината беше во тоа што имавме предмети од сите факултети, Правен, Филолошки, Филозофски, Економски… Секако, и новинарски предмети кои ни беа најважни. Бев среќна што ми предаваа најдобрите професори од сите тие факултети - дополнува таа.



Одлична генерација и речиси сите сме новинари денес

Слободата на изразување била пресудна во изборот на факултетот.

- Освен што не сакав економија како што претпочитаа моите родители, не сакав ни факултет кој ќе ме стави во некоја рамка. Сакав слобода на изразување и пишување, не сакав бубање и читање големи книги, туку сакав нешто различно. Новинарството ми изгледаше вистински избор, од една страна, се учи и економија, и право, и филозофија, а од друга, се истражува, се пишува… имаше многу поразличен пристап во студирањето од другите факултети - дополнува Лупевска.

Многу спомени чува од студентските денови, но, пред сѐ, дружбата со колегите од студентските денови.
- Одлична генерација и речиси сите сме новинари денес. Предизвикот да напишеме вест, извештај, интервју, да одиме во некоја институција и да се претставиме: „Јас сум студент по новинарство, треба да направам текст…“ чувствуваме дека веќе сме новинари. Но, јас од самиот почеток на студиите работев, прво во Радио Скопје, а потоа во А1 телевизија - изјавува Снежана Лупевска.

Вели дека еден од најубавите периоди во животот било студирањето.

- Слушавме студентско радио, читавме „Млад борец“ и Студентски збор. Одевме во МКЦ на забави, а најчесто се собиравме во бифето на Филозофски факултет, тоа ни беше обичај. Имавме омилени професори, а меѓу нив беше и сегашната претседателка Гордана Сиљановска, која толку добро ни предаваше Политички системи што ни беше срам да не научиме. Имаше и некои кај кои едвај се полагаше, па се молевме да ни се падне прашање кое го знаеме. Повеќето професори подоцна станаа политичари, министри, претседатели - раскажува Лупевска.

Ја замоливме да ни сподели некоја интересна ситуација од студентското време.

- Една интересна анегдота која малкумина ја знаат е дека тројца колеги и јас (единствено девојче тогаш) правевме списание за спорт. Се викаше ПроСпорт. Толку големи ентузијасти бевме, што освен што пишувавме, сами одевме во печатница да ни го испечатат, потоа дома ги виткавме страниците, а го продававме на стадион. Одевме на натпреварите и колпортерски, сами, го продававме на посетителите по симболична сума. Но тоа покажува колкава љубов сме имале кон новинарството. Студентските денови се незаборавни, особено затоа што работев и студирав, па ги совладував и теоријата и праксата - раскажува таа.



Си пишував ливчиња „Немој да спиеш“

Учењето не било секогаш лесно, особено затоа што работела во А1. Хонорарно, но секојдневно.

- Најмногу учев ноќе, читав и ако нешто не можев да запаметам, ја пишував лекцијата. Така правев скрипти и полесно паметев. Ритуалот беше да не дозволам да заспијам, па си пишував ливчиња „Немој да спиеш” и ги лепев пред себе. Голема поддршка имав од мојот колега Сотир Трајков - често пати заедно учевме и се бодревме еден со друг. Најбитно на нашиот факултет беше да положиме Теорија на новинарство и Историја на новинарство. За среќа, немав проблеми со овие предмети, но професорот беше многу строг во прва и втора година - изјавува Лупевска.

Фокусот им бил да научат да пишуваат новинарски текстови, но и да знаат што се случува во општеството.

- Да читаме весници, гледаме телевизија, но и да читаме книги за да имаме добар речник. Многу одевме на театар, не пропуштав претстава и имав афинитети да пишувам за културата. Но подоцна се преориентирав кон репортерството. Мојата цел беше да бидам најдобар репортер, ја гледав Кристијан Аманпур како известува од кризни места. Мојот предизвик беше да успеам во професијата - посочува таа.

Како што вели Снежана, факултетот не е само учење од книга и од предавања. Тоа е место на размена на интелектуални разговори, филозофии, слобода на говор, размислувања, дебатирања со колегите, но и со професорите. Да поставиш теза, да ја образложиш и да ја одбраниш.

- Лекциите што се учат многу помагаат во животот и не знаеме кога нешто од тоа знаење ќе ни притреба. Јас сум многу среќна што учев во 90-тите години кога образованието беше многу важно во изградбата на еден млад човек - вели таа.

Разочарана е од општото познавање на генерациите што излегуваат од факултетот денес.

- Искрено, не сакам да давам многу совети оти сме сосема различни генерации. Има чувство дека не можеме да се разбереме со голем број од младите колеги кога им велиме дека мора да читаат книги, дека мора да имаат општи познавања, да одат на настани од културата, да го разберат тоа што го учат, а не само да сакаат да се извлечат на испит. Многу сум разочарана од општото познавање на генерациите кои излегуваат од факултетот, секоја чест на исклучоците. Мојата порака до идните мои колеги е да се потрудат да бидат најдобри, оти новинарството или го сакаат или воопшто нека не се нафаќаат да го работат, професијата е јавна и секоја грешка е видлива - подвлекува Снежана Лупевска.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме