Предлог-законот за високо образование ќе ги ослободи од партиципација, но без сместување во државен дом, студентите трошат до 21.000 денари.
И покрај олеснувањата што ги дава државата, тешко е самохран родител од внатрешноста на државата, кој има минимални примања, да издржува студент во Скопје. Новиот предлог-закон за високо образование предвидува оваа категорија студенти целосно да се ослободат од партиципација. Тоа ќе биде значајна помош за семејствата зашто досегашниот Закон не предвидуваше ваква одредба. Беше оставено факултетите сами да одлучат дали ќе им наплаќаат цела или половина сума. Но, и да се изгласа новиот закон, а со тоа и членот 115 кој предвидува ослободување од партиципација, пред родителите и студентите претстои долг пат со откажување и финансиски жртви. Тука се и трошоците за сместување зашто не успеваат сите да добијат легло во државните домови, па храната, патот, книгите...
Финансиите го ограничуваат изборот
Минималните месечни трошоци, со големо затегнување на ременот, за студент од оваа социјална категорија кој не успеал да добие сместување во дом, па нашол престој со евтина кирија, изнесуваат над 21.000 денари. Ако тој зема стипендија, се намалуваат за 6.000 денари, односно 15.000 денари. Доколку родителот има минимална плата, навистина треба да биде волшебник за да издржува студент во Скопје.
- Мојот син не можеше да се смести во државен дом зашто дел од нив се реновираат. Успеавме да најдеме поевтин стан за кој месечно плаќа кирија од 100 евра. Толку му изнесува и стипендијата што ја зема. Сѐ друго е на наш трошок. Наместо 100 евра партиципација на семестар, факултетот му наплаќа по 50. Но стоте евра ги уплаќаме одеднаш во есенскиот семестар, а потоа ако добие ослободување, не го плаќаме летниот семестар - раскажува битолчанката Марија В., мајка на студентка во Скопје.
Но, тука се и режиските трошоци од над 2.000 денари, два пати во месецот нејзината ќерка патува на релација Битола-Скопје и обратно, за што ѝ требаат околу 3.000 денари, уште 8.000 денари минимален трошок за храна, па 2.000 денари за копирање, книги... над 15.000 денари. Ако на тоа се додаде и облеката, трошокот стигнува до 20.000, а нејзината плата е 25.000 денари. Принудена е во вечерните часови да мие садови по ресторани низ градот за да може да ја школува ќерката.
Поради високите цени за престој, храна, превоз, не е мал бројот на студенти- деца на самохрани родители кои и покрај одличниот успех, не заминуваат на студии во Скопје. Дел од нив остануваат во родните места, принудени да изберат студиски програми кои постојат на тамошните или најблиските факултети.
- Сонував за Медицински факултет во Скопје, но на крај се запишав на Високата медицинска школа во Битола. Можев да одам да студирам во Словенија, нашите студенти таму не плаќаат партиципација, но и таму не се оди без пари. Државата дава одредени олеснувања, но цените растат, има инфлација, а тука се и облеката, социјалниот живот, младите не можат да се откажат од сѐ - вели Светлана П., студентка од Битола.
Некои заминуваат на студии во Скопје, па за да обезбедат дополнителни средства за егзистенција, одлучуваат да работат покрај студирањето.
- Најдов хонорарна работа. Но, таа ми го окупира целото слободно време и почнав да отсуствувам од предавања - вели Билјана С., студентка на Филолошки факултет во Скопје.
Државата помага, но студентскиот живот во Скопје останува скап
Од Министерството за образование велат дека со новите законски измени ќе важат досегашните олеснувања за студентите од социјални категории, но ќе има и ослободување од партиципација.
- Во предлог-законот за високо образование е предвидена одредба за ослободување од плаќање партиципација на лица со инвалидност, лица без родители помлади од 26-годишна возраст доколку се невработени и лица кои потекнуваат од самохрани и еднородителски семејства со примања под минималната плата - велат од Министерството за образование.
Оттаму додаваат дека дополнително, во конкурсите за доделување стипендии за додипломски студии во земјата години наназад се предвидува и категорија на стипендии за студенти од социјално ранливи семејства, а добиваат предност и при сместување во студентски домови.
Државата доделува 1.470 стипендии за редовни студенти од социјални категории, во кои спаѓаат и оние од самохрани родители, запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните универзитети и високообразовни установи во државата. Тие добиваат 9 месеци стипендија од по 6.050 денари, а при бодирањето се ценат месечните нето-плати и годишните приходи на родителот во однос на просечно исплатената месечна нето-плата по вработен во државата.
МОН целосно ја плаќа цената за сместување и исхрана во студентските домови во износ од 6.820,00 денари за еден студент за најмногу 12 месеци во годината за децата на самохрани родители за кои вкупните приходи во семејството се до минималната нето-плата.