Меѓународното училиште „Нова“ викендов организираше семеен базар и собра
3700 евра од кои дел ќе бидат наменети за Заводот за ментално здравје на
деца и младинци „Младост“ – Здравствен дом Скопје. Преостанатите сретства
ќе се искористат за активностите и проектите на учениците во „Нова“. Стотици
луѓе ја посетија хуманитарната манифестација која годинава се одржа по
деветти пат, а мотото на настанот беше „Еднакви можности за сите деца“.
На базарот учествуваа семејствата на учениците од меѓународното училиште
„Нова“, нивни гости, припадници на бизнис-заедницата од Македонија,
странски амбасадори и членови на дипломатскиот кор кои живеат и работат во
земјава. Тие подготвуваа јадења, продаваа сувенири од своите матични држави
и донираа подароци за лотаријата. На манифестацијата имаше и мини
зоолошка градина, можеа да се купат книги на англиски јазик и да се
погледнат музички и танцови точки на учениците од оваа образовна
институција.
- Собраните средства секоја година ги наменуваме во хуманитарни цели, а дел
ги користиме за активностите на нашето училиште. Минатата година дониравме
за Домот за доенчиња во Битола, а овој пат ќе му помогнеме на Заводот за
ментално здравје на деца и младинци „Младост“. Парите ќе се искористат за
набавка на дидактички материјали и опрема неопходна за работа - изјави
Катерина Златановска – Попова, лице за односи со јавност на „Нова“.
Хуманитарниот базар беше организиран од Здружението на родители и
наставници при меѓународното училиште, со поддршка од учениците,
родителите и професорите во оваа образовна институција.