X
 06.05.2015 Образование

Професорски пленум: По чија наредба специјалната полиција вчера влезе во библиотеката "Браќа Миладиновци"?



Во врска со синоќешните немили настани се огласија и членовите на професорсиот пленум... Соопштението ви го пренесуваме во целост:

На вчерашниот протест (05.05.2015) пред Владата на Република Македонија по објавените аудио снимки за смртта на Мартин Нешковски, во полициската акција настрадаа и недолжни граѓани, новинари, граѓански активисти и колеги од академската заедница.

Во доцните часови, во библиотеката ,,Браќа Миладиновци“ во Скопје, според досегашните информации, влегле вооружени 50 полицајци и, под изговор дека ги бараат демонстрантите, ги нападнале без никаква причина, физички и вербално ги малтретирале студентите, кои редовно учат во Библиотеката. Притоа им се заканувале дека ќе добијат кривични пријави. Полицијата влегла и во кампот на средношолците пред МОН за да бара учесници во протестите.

Професорскиот пленум најостро го осудува полициското насилство и смета дека ваквото однесување е не само брутален, туку и анти-морален чин со кој се повредуваат сите човечки права. Бараме одговор: по чија наредба специјалната полиција вчера влезе во библиотеката „Браќа Миладиновци“? Бараме одговорност за сите вооружени лица што ги пречекориле своите овластувања!

Борбата за подобро образование не треба да се казни со тепање на оние кои ја иницираат, туку да се награди. Токму во таа насока, сакаме да ги охрабриме сите членови на академската заедница, студенти, средношколци и родители да излезат на денешниот протест пред МОН во 17.00 часот како продолжување на заедничката борба за квалитетно образование, кое пред сè подразбира збогатување на знаењата, развивање на слободната мисла, право на слободно изразување и на демократичност.

Стоп за бруталноста! Стоп за лошите реформи во сите општествени сфери!

Сакаме квалитетно образование и заштита на личниот интегритет!
06.05. 2015
Професорски пленум

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование