X
 15.05.2015 Интервјуа

Интервју со наша македонка, доктор на науки, Наташа Герет: Работам со студенти од 40 држави од светот

Наташа Герет е експерт во полето на меѓународното образование. Но, и таа не толку одамна била на истото место кадешто се наоѓате вие во моментов - во студентска клупа. Таа самата нè советува да учиме што повеќе во нашата област бидејќи ние сме тие кои некогаш ќе бидат експерти во областа.

Наташа е Македонка која живее и работи во САД. Нејзината докторска диплома ја задржала на колеџот „La Roche“ во Питсбург. Во интервјуто ни открива како стигнала дотаму и нешто повеќе за студентскиот живот во странство.


Факултети: Како стигнавте колеџот до „La Roche“? Каков беше вашиот пат до успехот?

Наташа: Јас првпат дојдов на колеџот како студент. Се пријавив на конкурс за нивната програма „Pacem in terris“ (Мир на Земјата), која нудеше стипендии за студенти од целиот свет. Откако дипломирав, се запишав на магистерски студии, а по магистрирањето, се вратив на „La Roche“, овојпат како координатор, а подоцна директор на истата програма на која студирав. Во меѓувреме докторирав во областа на меѓународното образование. Бројот на нашите странски студенти постојано расте, што ја прави работата интересна, но си носи и свои предизвици.

Факултети: Што е она што најмногу ви се допаѓа во својата работа?

Наташа: Работам со студенти од 40 држави од светот, па секој ден е различен од претходниот. Со многу од студентите остануваме во контакт долго по нивното дипломирање. Мојата канцеларија е задолжена да им помогне на студентите да се прилагодат на американскиот начин на живот и култура, и на начинот на студирање. Малку понекреативен, но многу важен дел од мојата работа е да бидам советник по имиграциони прашања за студентите, и да им помогнам да ги разберат правилата и прописите за студентски визи. Комуникацијата со колегите е секогаш инспиративна бидејќи секојдневно разменуваме идеи како да ги подобриме нашите интернационални програми.

   

Факултети: Што се обидувате да им пренесете на студентите?

Наташа: Бидејќи јас дојдов во Америка како студент, се трудам да го споделам моето лично искуство и да им помогнам да бидат успешни студенти. Јас ја разбирам нивната ситуација, и знам дека не е лесно да се студира далеку од дома, во нова средина и култура, но истовремено, тоа е незаборавно искуство. Ги советувам да бидат активни на колеџот и во околината, било преку разни студентски клубови или волонтерски организации. Тие и нивните родители инвестираат многу време и пари и треба да го искористат времето да навлезат во студиите и идната професија, да запознаат нови луѓе и да развијат нови интереси.

Факултети: Можете ли да ни откриете што би направиле различно доколку сега студиравте?

Наташа: Не би променила ништо посебно - јас сум задоволна од животот во Питсбург, кој е град со многу историја, доволно голем да секогаш има нешто ново да се види, но доволно мал да можете да сретнеш познат кога ќе излезеш. Ќе беше убаво кога јас студирав да имавме подобра комуникација - иако тоа не беше нешто многу одамна, ние тогаш почнувавме да користиме e-mail, немавме скајп, итн. Со сеа електронска комуникација сега, многу е полесно да се студира во странство, да се добијат детални информации за странските факултети, но и да се остане во близок контакт со Македонија.

Факултети: Дали би ги советувала македонските студенти да студираат надвор од земјата и зошто?

Наташа: Не знам дали постои единствен одговор на тоа прашање. Одлуката да се студира во странство зависи од повеќе фактори. Јас лично имав многу позитивно искуство; студиите се организирани на многу отворен и креативен начин, комуникацијата со професорите е одлична, а искуството да се живее и студира во странска земја е незаменливо.


Факултети: Што го прави колеџот „La Roche“ добар избор за студирање?

Наташа: Колеџот е приватна институција во предградието на Питсбург, Пенсилванија. Ние имавме одлични програми за студирање и нашите дипломци имаат успешни кариери низ целиот свет. Предноста во изборот на „La Roche“ е во тоа што добивате солидна академска и професионална подготоввка во средина која нуди многу поддршка и лично внимание, што некогаш не можете да го добиете во поголемите институции. Колеџот има добиено неколку награди и признанија за нашата работа со странски студенти. Процесот за запишување е многу едноставен, а и нудиме привлечни стипендии и финансиска помош. За подетални информации, посетете нè на www.laroche.edu.

Факултети: Вашата порака до студентите?

Наташа: Дипломата е секогаш ваша, таа никој не може да ви ја одземе, без разлика како се менува вашиот живот. Додека студирате, научете колку што можете повеќе за вашата област бидејќи вие сте идните експерти во тоа поле.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа