X
 15.10.2015 Живот

Образованието за сексуално и репродуктивно здравје веднаш мора да унапреди

Во текот на оваа година, 9 граѓански организации кои се бават со младински прашања формираа Младинска платформа за сеопфатно сексуално образование (ССО).  Платформата ќе дејствува со единствена цел: младите, во рамки на образовниот систем, да добијат можат да стекнат информации, вештини и ставови за унапредување на сексуално и репродуктивно здравје и права (СРЗП) на начин кој е адекватен за возраста, а се заснова на научни факти и препознавање на човековите права.




Деветтетте организации кои стојат зад платформата (Младите можат, ЏЕФ Македонија, ХОПС – Опции за здрав живот, Младински образовен форум (МОФ), ИЗЛЕЗ, Сенки и облаци, Младинска мрежа Y-PEER, Национален младински совет на Македонија и ХЕРА-Асоцијација за Здравствена едукација и истражување) влегуваат во здружено дејствување поради фактот што во Македонија сеопфатното сексуално образование во секоја прилика се посочува како главно решение за унапредување на многу аспекти на животот на младите, но во реалноста не се превземаат чекори за негово реализирање.

Младинската платформа за ССО ја нотира поврзаноста на недостигот на информации за СРЗП во образованиот систем  со лошите здравствени статистики.  Имено, според неодамнешно истражување, на територијата на Скопје само 8% од учениците изјавиле дека учеле за орална контрацепција на часовите по биологија, а едвај 3% по часовите на образование за животни вештини. Истовремено, само 1,3% од младите до 24 години користат орална контрацепција, а стапките на тинејџерски бремености и абортуси се неколкукратно повисоки од европските просеци.

Многу малку се учи и за правилна употреба на кондом, 20% на часови по биологија, 12% на часови по образование за животни вештини. Ова може да се поврзе со порастот на сексуално преносливи инфекции, пред сѐ кламидија, ХПВ, гонореја и ХИВ, кои кај оваа возрасна група се во постојан пораст во изминатите години. 

На училиште не се учи за превенција од насилството, за предрасудите поврзани со родовата нееднаквост и за сопирање на хомофобијата. Во реалноста насилството и омразата меѓу младите се во пораст.

Стручната јавност долги години наназад ги забележува овие проблеми, а одговорните Министерства и Собраниски комисии во повеќе наврати го имаат утврдено сеопфатното сексуално образование како приоритетна интервенција во рамки на неколку национални стратегии и собраниски препораки. Сепак, државата сѐ уште нема алоцирано конкретни буџетски средства за имплементација на овие национални стратегии во делот на унапредување на информираноста за СРЗП.

Младинската платформа за ССО во изминатиот период оствари средби со претставници на повеќе политички партии при што, речиси сите, се согласуваат дека училиштата мораат да ги научат младите како да го заштитат здравјето и да ги почитуваат останатите.
Во следниот период Платформата ќе оствари соработка со сите релевантни институции, политички фактори, наставници, стручни служби, родители и млади за утврдување на најсоодветен начин како во основните и средните училишта да се обезбедат релевантни информации за сексуалноста,  репродуктивното здравје и правата.

Воедно, Платформата ги поканува одговорните институции, пред се Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, на отворена дебата во насока на изнаоѓање на најсоодветни решенија преку кои ќе се намали бројот на ученици кои, од година во година, го завршуваат образованиот процес без соодветни знаења и вештини за СРЗП.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот