Марија Ферро е инструктор за Циско обуки повеќе од 10 години. Работи како Координатор
и инструктор на Академијата за компјутерски мрежи, во Seavus Едукативниот и развоен
центар (SEDC). Има завршено електротехнички факултет, информатички смер. За оние кои
не знаат, Циско е компанија број еден за производство на мрежна опрема, но и водач во
креирање на нови технологии, пред се во делот на IoE (Internet of Everything). Има обучено
многу студенти, но и вработени како дел од нивната стручна надградба. Сконцентрирана
на мрежи, но вљубеник во знаење како мотив за опстанок. Освен работата, не би можела
да преживее без книги, филмови и музика.
Каде ви е насочен во моментален професионалниот фокус?
Фокусот е секогаш Циско ориентиран, а поточно е Network Security, секако и обуките кои
се голем дел од секојдневниот фокус. Поважно е фокусот да биде реализиран. А
најубавата реализација се нови млади луѓе, подготвени да го градат светот.
Што ценат новите генерации кај професорите и тренерите според искуството во Seavus
Едукативниот и развоен центар?
Новите генерации не се поинакви од старите генерации. Секогаш ги почитувале
вистинските вредности, а тоа се искреност, разбирливост и предаденост. Несебичен
професор е реткост, а уште поголема реткост е разбирлив професор, барем во техничките
области. Секогаш ги слушам истите коментари. “Ништо не разбирам”. Кога секој ќе биде
учител, а не професор, асистент, тренер, ќе стане јасна суштината. Дај им знење на
студентите и научи ги. Во Seavus Едукативниот и развоен центар студентите се поврзани
интерактивно со тренерите, и токму затоа произведуваме квалитетни кадри.
Кажете ни детали околу Циско наградата.
Наградите што ги добив од Циско се за особен допринос како инструктор, а втората која
ми е подрага е за Топ женски инструктор во областа EMEA, или Европа, Среден Исток и
Азија. Секогаш сум многу горда на жените во ИТ, ососбено оние кои поминале кај мене на
обука. Наградите за мене и не се нешто со кое ќе се фалам, поубаво ми е кога од
студентите ќе чујам дека се заслужени.
Околу настанот Girls in Tech
Се радувам дека ваква иницијатива и подршка добиваат девојките кај нас. Менталитетот
на Балканот сеуште вели дека се тоа машки области. Но, според по мое искуство, кога
жена ќе се определи за ваков “потфат”, таа е поупорна и попредадена од маж. Секако и
поорганизирана. Не ги потценувам мажите, само сакам да кажам дека девојките се
подеднакво способни да разберат и совладаат сложени концепти, како на пример
компјутерски мрежи. Една од жените за која чув многу одамна во Циско, е Радја Перлман,
Индијка која учествувала во изработката на најбитните протоколи како OSPF и STP. А попат
пишувала и поезија на тема мрежи. Тоа е таа љубов без која не може.
Што би препорачале на студентите и публиката на Факултети.мк?
Сакајте ја својата професија. Бидете среќни кога учите. И да е тешко, со доволно упорност
се постигнува успех. Игнорирајте ги оние кои ви пречат во тоа. Лоши професори ќе има
како и лоши луѓе. Ама еден добар прави многу разлика. Од него ќе се продлабочи
љубовта. И тој е доволен да ви го направи животот убав.