X
 15.05.2020 Образование

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Кои се првите дипломирани лекари во Македонија?

Македонија ги добила првите дипломирани лекари што се образовале во Скопје на 30 декември 1953 година. Со свеченост што се одржала во Македонскиот народен театар, деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Зденко Крижан, ги промовирал првите шест дипломирани студенти на овој факултет. Тоа биле: д-р Цветко Арсов, д-р Сунчица Апостолова, д-р Димитар Ивановски, д-р Никола Поп Стефанов, д-р Тодор Стојчевски и д-р Теке Сулејмани.

Дипломите на првите завршени студенти им биле врачени во Македонскиот народен театар

Шестемина дипломирани доктори по медицина се издвоиле од вкупно 153 студенти што биле запишани во првата академска година од основањето, есента 1947 година. На 3 ноември истата година првата генерација на новоформираниот Медицински факултет во Скопје го одржала својот прв академски час. Првото предавање е одржано во адаптираната барака до сестринското училиште пред голем број студенти и гости.


Дел од првите дипломирани студенти останале да предаваат на Медицинскиот факултет и за нив факултетот сочувал биографии. 

Д-р Цветко Арсов (роден на 18 февруари 1927 година – 8 декември 2018 год., во Велес) по завршувањето на студиите се вратил во родниот град и се вработил во Домот за народно здравје во Титов Велес како лекар-приправник. Поради дефицитот на здравствен кадар, а особено на специјалисти од областа на педијатријата, д-р Арсов бил испратен на специјализација по педијатрија во Скопје. По завршувањето на специјализацијата, која траела три години, д-р Арсов се вратил во Велес и работел како специјалист во Детскиот диспанзер. Истата година бил назначен за шеф на Детскиот диспанзер при Здравствениот дом - Титов Велес, а во периодот од 1962 до 1965 година бил шеф на Интермедијарниот центар за заштита на мајки и деца. Во 1971 година на д-р Цветко Арсов му било доделено звањето примариус. 



Прв испит по оториноларингологија на Медицинскиот факултет - Скопје


Д-р Тодор Стојчевски бил редовен професор на Медицинскиот факултет по интерна медицина. Тој бил врвен научник. Во 1960 година ја завршува школата за радиоактивни изотопи во медицината во Белград. Се занимавал со истражување на различни видови анемии, област во која публикувал многу научни трудови. Бил на постдипломски престој на „Оксфорд“, Англија, на студии по клиничка хематологија. Откако се вратил, бил избран за директор на Републичкиот завод за трансфузија во 1966 година, а две години подоцна го формирал и клиничкото одделение за хематологија. Тој бил почитуван во цел свет. 

Прва генерација студенти 


Д-р Димитар Ивановски бил дипломецот со највисок просек. По неговото име Лекарската комора секоја година доделува награда за најдобрите студенти од Медицинските факултети во земјава. 

Д-р Никола Поп Стефанов е роден во Велес на 26 септември 1928 година. Починал кон крајот на јули во Париз. Специјализирал офталмологија во Скопје, во 1962 година заминал во Мароко, во Бени Мелал, каде што отворил своја приватна ординација, а подоцна и во Казабланка. Таму работел до пензионирањето, по што заминува и живее во Париз до неговата смрт, на 25 јули 2015 година. 


Првите студенти со своите професори

Медицинскиот факултет во Скопје е основан на 17 март 1947 година. На овој датум во просториите на Земската болница се одржала првата седница на тукушто формираниот Наставнички совет на Медицинскиот факултет. Одлуката за основање на Медицинскиот факултет во Скопје е донесена од страна на Комитетот за заштита на народното здравје на Владата на ФНРЈ.

Предавање на првата генерација студенти


Македонецот, д-р Димитар Несторов, роден во Струга, тогашен министер за здравство во Владата на ФНРЈ, има значаен придонес во иницијативата и логистичката поддршка за формирањето на Медицинскиот факултет во Скопје.

Медицинскиот факултет бил втор, по Филозофскиот, а во рамките на тогашна Југославија – четврти по ред Медицински факултет.

- Наставниот кадар во тоа време го сочинувале 19 наставници и 3 асистенти, кои воделе по неколку наставни предмети. И покрај ограничените човечки ресурси, планот да се спроведе сериозен и обемен образовен корпус во траење од 12 семестри (шест години) и наставни планови остварени со 41 предмет, покажува пионерска определеност и ја потврдува исконската вистина дека не постои време во кое не се потребни пионери, затоа што само тие можат да ги создадат сите предуслови да се реализира една визија - вели деканката на Медицинскиот факултет, проф. д-р Соња Топузовска. 

Апсолвентска вечер на првата генерација студенти на Медицина


По воспоставувањето на додипломските студии започнува и развој на научноистражувачката дејност како врвна цел на секоја високообразовна институција со која се обезбедува репродукција и проширување на кадарот на највисоко академско ниво. Како резултат на зачетоците на научноистражувачката дејност, на факултетот е одбраната на првата докторска дисертација во 1958 година од д-р Радован Перчинковски.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование