X
 15.05.2020 Наша тема

МАНУ донесе повелба за македонскиот јазик. Што пишува во неа?

Ќе биде погубно за Македонија доколку политиката со своите „прагматични“ толкувања тргне по еден пат, а ја остави науката (и јавноста) настрана

Повелба за македонскиот јазик, во која се вградени најважните параметри на хронолошка константа во колективната меморија за континуитет на македонскиот јазик и неговата меѓународна верификација, донесе МАНУ пред неколку месеци. Во изработката на документот учествуваа повеќе научни експерти и институции од земјата и од странство. Повелбата во ниту еден сегмент не отстапува од меѓународно верификуваните факти за македонскиот јазик.


Проф. д-р Марјан Марковиќ

Документот го претставува проф. д-р Марјан Марковиќ, лингвист македонист, славист и балканист, дописен член на МАНУ и дел од Одделението за лингвистика и литературна наука.

- Во Повелбата за македонскиот јазик се изнесени научно признатите факти за македонскиот јазик, како и улогата на МАНУ во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и меѓународни рамки. Таа тргнува од основната премиса дека „Јазикот како човечка појава е неразделив сегмент од севкупното културно наследство и колективната меморија на секој народ“. Повелбата ги зацврстува ставовите на МАНУ за засилена поддршка и поттикнување на научните истражувања во сите области поврзани со македонскиот јазик и македонските дијалекти, водејќи се од строго научни начела, без никакви политички и други импликации - објаснува Марковиќ.



Со оваа Повелба МАНУ уште поцврсто се определува за ставот дека најдобрата заштита на македонскиот јазик, како и зголемување на неговата улога за општествена и културна интеграција во државата, единствено е можна преку негово засилено проучување, истражување и научна обработка на сите нивоа, како во домашни така и во меѓународни рамки. Повелбата за македонскиот јазик ја истакнува статутарната заложба на МАНУ за остварување на координативната и обединувачката улога во однос на приоритетните и фундаменталните научни истражувања на македонскиот јазик.

- Во крајните сегменти на Повелбата се упатува еден вид апел до политичките чинители да ги следат и да се придржуваат до научно утврдените ставови, а не до „прагматичните“ политички интереси: „МАНУ ќе се залага пред соодветните државни институции, како и во рамките на својата редовна дејност, проектите што се однесуваат на научното проучување на македонскиот јазик да добијат посебен карактер од стратешко и приоритетно значење. МАНУ ќе се залага за почитување на уставно и законски загарантираниот статус на македонскиот јазик како државен јазик и јазик на општествена интеграција во нашата држава и ќе вложува напори тој да не биде предмет на ревизии и толкувања кои излегуваат надвор од научната сфера“ - објаснува Марковиќ.

Тој вели дека во екот на пандемијата на Ковид-19 повеќето земји беа ставени пред сериозен избор, дали да ѝ се даде предност на политиката или да ѝ се даде предност на науката во справувањето со кризата. За среќа, во Македонија ѝ беше дадена предност на науката, што овозможи релативно помало ширење на вирусот кај нас. Политиката ги следеше научните сознанија и стручните препораки за зачувување на физичкото здравје на граѓаните.


Дело од Виктор Фридман, еден од најголемите поборници за македонскиот јазик

- Но токму кога почна да се зголемува довербата на јавноста во научните сознанија во врска со Ковид-19, се појавија надворешни политички условувања за започнување на преговорите со ЕУ кои се однесуваа на македонскиот јазик и неговиот континуитет. За да биде проблемот поголем, тие политички условувања беа проследени со „научна“ поддршка од Институтот за бугарски јазик при БАН. Одеднаш, покрај чувството за телесна (здравствена) загрозеност, кај граѓаните почна да се јавува и едно горчливо чувство на духовна и идентитетска загрозеност. Сето тоа наиде на големи бранувања во македонската јавност и барање за поддршка од политичката и од научната сфера. Политичката елита во Македонија даде одговор од типот: Македонскиот јазик постоел, постои и ќе постои“ што на некој начин ги адресира општопознатите факти (јазик не може да се одземе), но не се осврнува на суштинскиот дел од проблемот – дали ќе го зачуваме ставот за долговековниот континуитет на македонскиот јазик кој не смее да биде политички услов за влез во „европскиот клуб на еднаквите“ – дециден е Марковиќ.

Според него, чувството и огорченост кон неправдата предизвика во јавноста да се огласат поголем број научници, мислечки луѓе и научни институции, изнесувајќи ги научно аргументираните факти за неспорниот долговековен континуитет на македонскиот јазик и неговата вклученост во меѓународни политички и научни организации, а исто така ги предочија и несогледивите последици од можноста да се отсече огромен дел од временската оска на постоењето на македонскиот јазик. Тој континуитет не е вграден само во историските, научните и другите трудови поврзани со македонскиот јазик, култура и општествен развој, туку во последниот век е научно и недвосмислено верификуван од скоро сите професионални, политички и научни меѓународни организации.

- Доколку се прифатат условите за скратување на временската оска во однос на континуитетот на македонскиот јазик, ќе се отсече еден огромен период од историскиот, културен, јазичен и идентитетски колективен наратив на македонското население. Доколку нема колективен наратив, каде е тогаш индивидуалниот наратив? Тоа е сериозен предизвик за секој човек, бидејќи директно влијае врз неговото ментално и духовно здравје, а пред сѐ врз здравото расудување - вели Марковиќ.


Професорот Мачио Каку потпишува книга на млад обожавател / Фото: Wikimedia Commons

Тој го цитира американскиот професор Мичио Каку, кој во својата книга „Иднината на умот“ укажува на фактот дека човековиот мозок има единствена способност постојано да врши симулации на иднината и цело време да се повикува на информациите кои во текот на животот, учењето и искуството се вградуваат во одредени делови на човековиот мозок. Тој докажува дека доколку човековиот мозок од одредени причини (афазија, повреди, вродени недостатоци и друго) не може да се повикува на вградените информации и да ја симулира реалноста и иднината, тогаш во неговото однесување преовладуваат инстинктите и емоциите што го блокираат здравото расудување. Тоа би значело дека доколку од нашата меморија се избришат огромни временски одломки на нашето колективно постоење, тоа секако ќе се огледа и на индивидуалното човеково постоење и функционирање, бидејќи човекот ќе нема на што да се повикува и ќе се води според емоциите и инстинктите.

Според професорот Мичио Каку, сите живи суштества во своите мозоци ја имаат вградено можноста за ориентација во просторот, но само човекот преку својот преден кортекс поседува способност и моќ да се ориентира во времето – да се сеќава на минатото, да функционира во сегашноста и постојано да ја симулира иднината. Со развојот на науката на 21 век, одредени делови на човековиот мозок можат да се стимулираат или потиснат со помош на нано-технологијата и со помош на електромагнетните машини. Тоа може да помогне за лекување на многу болести и недостатоци (Алцхајмерова болест, деменција, шизофренија, слепило, глувонемост и сл.).

Од друга страна, обидите преку пропаганда, физичко и психичко насилство да се влијае врз човековиот умот и колективна меморија вродиле со незапаметени злосторства врз човештвото и го изродиле холокаустот. Но тука се работи за насилно ментално вградување на „лажна и глорификувана“ колективна меморија која се базира на генската супериорност.

Професорите и македонисти Виктор Фридман и Кристина Крамер

- Политичкиот експеримент со македонскиот јазик е сосема обратен – имено, се работи за обид за насилно ментално бришење на колективната меморија и инстантно вградување на сосема различна и непозната меморија која не се базира на стекнатото искуство и на учењето – вели Марковиќ.

Според Мичио Каку, таквото поврзување е невозможно ниту физички ниту ментално бидејќи човековиот мозок нема да може да ја симулира иднината базирајќи се на нововградената меморија. Да било возможно тоа, досега ќе имавме суперчовек или суперкомпјутер или најверојатно суперкиборг. Резултатот не може да биде позитивен и поради фактот што ќе бидат избришани не само колективните, туку и индивидуалните основни човекови атрибути и ќе се изгуби човековата способност за поврзување на информациите и способноста за рационално расудување. Сликовито, тоа би било слично како на еден компјутер да му го избришеме хард-дискот и да очекуваме да продолжи да функционира на истиот начин и да ги извршува истите задачи.

- Затоа, како во минатото, така и во сегашноста, сите политички експерименти што не се базираат на научни сознанија, биле и се многу опасни и влијаат не само врз физичкото, туку и врз менталното здравје на колективот и на поединецот и можат да доведат до уништувачки последици. Токму затоа, чувствувајќи ја основната човекова загрозеност, повеќето македонски научни институции реагираа на соодветен начин. Политиката не смее да остане глува на тоа и треба да ги следи и да ги прифати научните сознанија, особено во областите што се и меѓународно верификувани, а се од корист на сите граѓани на земјата, како од материјална, така и од духовна корист - вели Марковиќ.



Во овој контекст, ставот на МАНУ е дека и научната, но и севкупната македонска јавност со потполно право очекува политиката, како и во случајот со пандемијата на Ковид-19, да дозволи науката да биде главен столб во носењето одлуки кои иако се однесуваат на минатото, сепак, имаат огромно влијание врз иднината на целата нација.

- Ќе биде погубно за Македонија доколку политиката со своите „прагматични“ толкувања тргне по еден пат, а ја остави науката (и јавноста) настрана од тој пат. Само со науката како водилка на општеството политиката може да придонесе за општиот развој и просперитет на своите граѓани. Не постои друг пат. Една од основните цели на науката е да ја прикажува и да ја докажува вистината. Ако нема вистина, нема живот - вели Марковиќ.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Наша тема