X
 20.01.2016 Образование

Училиштата ги подготвуваат децата за следниот испит, но не и за животот


 
За него велат дека не подучува, туку дека инспирира. Годи Келер е норвешки педагог кој некогаш работел со деца, а денеска многу повеќе со возрасни. Патува од Норвешка до Исланд, од Шведска до Балтикот, Азија, Унгарија, Словенија и ги советува наставниците и родителите како од децата да го извлечат најдоброто. И како да им помогнат да го развијат нивниот потенцијал затоа што секој го има, иако многумина не го препознаваат, па стануваат фрустрирани луѓе кои ако не се вклопат, во околината, живеат обележани со неуспех.

- Во Европа скоро 25 отсто од средношколците го напуштаат училиштето, се откажуваат најчесто во 16-тата и 17-тата година. Некои од нив завршуваат во криминал, наркоманија. Тоа главно се луѓе кои околината ги навела да ја изгубат самодовербата, вербата у сопствените способности - вели Келер.

Треба да ги мотивирате

Денешните училишта често не знаат да ги мотивираат децата, но знаат да ги заплашат и да им порачаат дека не се доволно добри, вели Келер кој десетина години предавал на универзитет во Осло, а сега веќе има своја школа за родители и одржува работилници и семинари. Родителите со кои работи, без разлика дали се од Арменија, Хрватска или Исланд, се многу слични, вели тој.

- Во ова време на глобализација секаде гледам сличен тип на индивидуализми. Западниот начин на размислување зема замав - вели Келер.

Што тоа значи во училиштето и во педагошката пракса? Образовната средина во поголем дел е униформиран и кратковиден, ги подготвува децата за следниот испит, но не и за животот. Родителите пак, ги притискаат децата да имаат добри оценки и да бидат успешни овде и сега, но тие бараат од нив задолжително да бидат извонредни по сите предмети и во се` што од нив бара училиштето.

Бројките го убиваат духот

Педагогијата е уметност на мотивацијата, повеќе пати повторува Келер, кој ги подучува возрасните како да ги мотивираат децата, како мрзливите и неработниците да заблескаат, да се препознае во што се добри.

- Ако детето не покажува добар успех по училиштните предмети, секој нов тест кој ќе го добие на училиште за него е само стрес, а пораката која ја слуша е дека не е доволно добар и паметен. На училиштата им треба да водат статистика, бројчани показатели, системот инсистира на тоа. Детето кое е често тестирано, а не постигнува добри резултати, ја губи самодовербата. Тоа е многу поголем проблем од лошите оценки. Уште ако ученикот е заигран, немирен, недоволно концентриран, често се случува да добие и некаква дијагноза како на пример АДХД или нешто слично , затоа што тогаш, со дијагноза, веќе не ја расипува регуларната статистика, туку станува дел од некоја друга, специфична статистика.

Во училиштето нема индивидуален пристап, поединците кои не се вклопуваат во средината се третираат како пречки. Во училиштето не постои култура на доверба туку култура на страв, а така не се бараат поединечни решенија за секое дете, туку секое дете се вклопува во средината, вели Келер.

- На некои деца тестовите и испитите одлично делуваат. Но, на многумина не. Ако лошата оценка може да мотивира дете, тогаш таа има смисла. А друг начин е да барате кои му се јаки страни и, да размислите како да го охрабрите и поттикнете да се развива во некое подрачје во кое е добар. Тука родителите можат да направат повеќе од наставниците - додава педагогот.

Поддршка од родителите

Најлошо е кога детето кое добило лоша оценка на училиште и порака дека тоа не чини, ако таква иста атмосфера го пречека и во домот. Децата кои на училиште биле добри ученици и станале задоволни и успешни луѓе, тоа се деца кои имале поддршка од родителите, кои им испратиле порака дека во нив имаат доверба. Родителите многу влијаат на создавањето самодоверба, тоа е нивна задача, а не да бидат продолжена рака на неподдржувачкиот училиштен систем.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование