X
 08.04.2016 Образование

Во Кина потпишан договор за соработка помеѓу Универзитетот "Џиаотонг" од Ланжоу и Универзитетот "Св. Апостол Павле"



Ректорот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - проф. Нинослав Марина и претседателот на Универзитетот „Џиаотонг“ - проф. Јанг Зиџианг потпишаа договор за соработка помеѓу двете институции.

Соработката предвидува размена на академски кадар и студенти, доделување на кинески стипендии за престој на професори и студенти од Универзитетот „Св. Апостол Павле“ на Универзитетот „Џиаотонг“ и отворање на Центар за промоција на кинеската наука и култура во рамките на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ со финансиска поддршка од кинескиот партнер.

По потпишувањето на договорот ректорот на Универзитетот „Св. Апостол Павле“- проф. Нинослав Марина, изјави - Високо ја вреднуваме воспоставената соработка со Универзитетот „Џиаотонг“, очекуваме резултати во насока на стимулирање на истражувачката работа и реализација на други активности кон унапредување на наставните содржини и иновациите на Универзитетот „Св. Апостол Павле“.

Ректорот Нинослав Марина и проректорот Иван Бимбиловски во текот на неколкудневниот престој на Универзитетот „Џиаотонг“ посетија и се запознаа со работата на повеќе факултети и истражувачки центри во рамките на универзитетот меѓу кои: Факултетот за автоматика, Лабораторијата за опто-електронска технологија, Центарот за настава преку компјутерски симулации и Меѓународниот институт за образование.

Покрај активностите во рамките на универзитетот, ректорот Марина оствари средба со заменикот генерален директор на канцеларијата за меѓународна соработка на владата на провинцијата Гансу - г-н Џанг Баоџун, на средбата се зборуваше за можностите за соработка помеѓу провинцијата Гансу и соодветни институции од Република Македонија во областа на технологиите културата и туризмот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование