X
 26.04.2016 Образование

Неформалното образование е подеднакво важно, само со факултетска диплома не се наоѓа работа

Десетките во индекс може да се во втор план при вработувањето, ако кандидатите немаат дополнителни способности, како работа со компјутери, познавање на повеќе јазици, деловна етика, социјални и комуникациски вештини, покажува искуството на младите кои бараат работа, но и на работодавците.



Симона е дипломец на приватен факултет од областа на економијата со просек 9.7, но веќе неколку месеци лута од едно интервју за работа до друго и с` уште е без вработување. Вели дека дипломата е последното нешто што го гледа работодавецот од документите.
- Ми бараат сертификати за компјутерски курсеви, јазици, семинари. За време на студиите бев фокусирана само на учење и да добијам добра оценка, па искрено заборавив на дополнително образование. Мои колеги и со деветки и десетки, тешко доаѓаат до работно место. На интервујата за работа не сум опуштена, па тука губам многу поени. Сега решив да се фукусирам на тоа, малку да го зајакнам неформалното образование, па се надевам ќе ми помогне да најдам работа. Секако говорам за работно место без врски и партиска книшка - вели Симона.
И од Агенциите кои посредуваат при вработување објаснуваат дека дипломата не е доволна за ново работно место. Од една агенција која нуди и обуки за млади кои се во потрага по работа велат дека, само дипломата не е доволна за да се најде работа. Тие мора да научат да се „продадат“ на пазарот на трудот.

- Денеска се ценат таканаречените преносливи вештини, како способноста за работа со компјутери, за презентација, за менаџирање со време, деловна етика. На нашите универзитети студентите ги учат за технички вештини. Тие знаат теоретска настава, но недостасува практична. Тоа го покажа и нашето искуство од работата со невработените. Во центрите за кариера на факултетите се фокусирани на тоа да најдат компании каде студентите ќе одат на пракса, бидејќи тоа им е задолжително, па ја забораваат првичната функција, да ги подготват и да им помогнат како да дојдат до работно место -велат оттаму.

Од работата со работодавците, заклучиле дека покрај дипломата, кандидатот за работно место мора да има дополнителни знаења и вештини, и секако неформално образование.  

Ели Пешева, директор за комуникации во маркетинг агенцијата „Њу момент“ објаснува дека кога бараат кадар за компанијата неопходен е микс од различни елементи. Дипломата е само еден од потребните чекори.

- Тој само ја покажува формалната подготовка и таа, барем кај нас, никогаш не е доволна ниту пак одлучувачка. Во зависност од позицијата, некогаш е потребно дополнително портфолио и секако социјални и комуникациски вештини. Нашиот менаџерски тим, цени и добри, издржани препораки, но сепак најголемиот дел останува на кандидатот и неговото лично претставување на компаниското интервју. Имало ситуации во кои кандидатот бил идеален според дипломата и дополнителните документи, но не го минувал првиот, личен впечаток. И обратно, во непосредните средби едноставно брилирале луѓе кои избегале од своето академско поле, но во својот професионален раст го имале иделниот микс на критериуми за вработување – објаснува Пешева.

Кандидатите најмногу паѓаат во очите на работодавецот, кога ќе излажат за податок во својата работна биографија. Ова ни го потврдија од повеќе агенции кои посредуваат при вработувањето. Велат дека кандидатите најчесто лажат дека знаат да работат одредени компјутерски програми, дека говорат неколку јазици и за посети на семинари и обуки.

- Цениме  професионална биографија со вистинити податоци. Во 21 век лесно се проверливи, и доколку се покажат неточни, веднаш го дисквалификуваат кандидатот -вели Пешева.

Директор на приватна успешна компанија кој сакаше да остане анонимен вели дека денес секој има диплома, па затоа таа е најмалку одлучувачка кога тој вработува.

- Пред сè гледам да вработам чесни и лојални луѓе  кои сакаат да работат. Не секој што бара работа и сака да работи. Тоа ми го покажало моето искуство- вели тој.
 
Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование