X
 14.06.2016 Култура

Трендо: Фејсбукот знае да ги анестезира луѓето и ги сведува на кликање

Последното Бизнис кафе помина со интересни разговори и уште поинтересни гости. Сашо Мацановски – Трендо беше првиот гостин на настанот.


За почеток, Трендо ни откри дека никогаш немал план за она што сака да го работи или каде сака да стигне, но сега го работи тоа што сака да го работи и да преживува од она што го работи. Тој откри и дека некои работи што ги правел не бил сигурен дека ќе му се допаѓаат, но дозволил да го освојат по пат, како што тоа било со неговите студии по социологија.

Трендо започнал со работа на интернет уште во 2000 година. Предизвиците биле различни од сегашните, интернет публиката тогаш била малубројна и имало помалку содржини, а денес публика има многу и содржини има многу. Во Он.нет тој започнал со цел да понуди содржина на интернетот.


По претходното искуство во телевизијата како уредник, Он.нет се покажал како „фин начин да избега од тоа секојдневно бркање на правење ТВ дневници.“ Покрај тоа, Трендо пишувал колумни и го водел квизот „Кој сака да биде милионер“, по кој стана познат пред јавноста. Сега, тој работи за Оф.нет, кој го отворил кога завршил со работата во он.нет.

Што може да го задржи Трендо на едно работно место?

Кога станува збор за работата, Трендо смета дека треба да има интегритет, да биде забавна и да носи пари.

- Сите работи не мора да ги носат сите елементи, некогаш ќе работиш нешто без пари, некогаш па нешто нема да ти биде најзабавно во свет, ако треба да состанчиш утре во компанијата, меѓутоа за подолг рок, за да успее една прикаска барем по мене мора да ги задржи, да ги има тие три елементи – да ти биде забавно тоа што го работиш, да ти го обезбедува човечкиот интегритет (бидејќи може да биде забавно и да работиш во циркус и да те маваат со пити, луѓе се забавуваат со тоа ама ти не си баш среќен околу тоа) и некако, на крајот на краиштата, да имаш некои пари да можеш да го избуткаш месецот или животот или што и да е – вели Трендо.


Зборувајќи за интернетот, Трендо смета дека денес интернетот е различен од порано. Денес, оние кои работат на интернет се соочуваат со проблемот да го издвојат свјот глас меѓу останатите.

Предизвик е и „фејсбукот“, кој го направил интернетот повеќе популарен, но и им дал чувство на луѓето дека се вмрежени во нешто, што на крај се сведува на кавги или гледање слики.


- Фејсбукот дава малку адреналин, но генерално знае да ги анестезира луѓето затоа што ги сведува само на кликање. Генерално, по малку ја убива љубопитноста на луѓето бидејќи оние што се хронично навлечени на Фејсбук веќе немаат љубопитност да отидат негде, туку само го консумираат тоа што ќе им се појави на нивниот „news feed“ и тоа е тажна ситуација бидејќи на тој начин, луѓето кои не се љубопитни многу полесно можеш да ги манипулираш.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура