X
 01.11.2016 Живот

Катерина Котлареска-Маневска, „Бизнис кафе Македонија“: Учете од најдобрите како да успеете во бизнисот

Овој метод на едукација е еден од најдобрите, бидејќи на оваа конференција ќе се споделат искуства од познати бизнисмени и мотивациски тренери, кои на слушателите ќе им го раскажат нивниот пат кон услехот, кој што сигурно не бил лесен, туку имал многу турбуленции на падови и издигнувања




Како да ги реализирате своите соништа и да ги претворите во реалност? Како вашата бизнис идеја да тргне во нагорна линија? И згора на се, тоа да го правите со љубов? Ова е целта на мотивациската конференција „Љубов и бизнис“ која задутре (3. ноември) ќе се одржи во  хотелот „Континентал“ во Скопје, од 9 до 16.30 часот. Катерина Котлареска-Маневска, директор на „Актива Вел“, носител на лиценца за проектот „Бизнис кафе Македонија“ раскажува за предностите што ги нуди овој начин на работање, особено за оние кои се на почетокот на новиот бизнис.

Факултети.мк: Кому е намента оваа мотивациска конференција?

- Конференцијата е наменета за сите  луѓе, бидејќи нема човек на кој не му треба барем малку мотивација, дури и на најуспешните во својата работа. Можам тука да ги наведам претприемачите, директорите, менаџерите, работниците, тренерите, консултанти од различни сектори, студентите, па и невработените лица.

Факултети.мк: Најавено е учеството на  познати мотивациски тренери и успешни бизнисмени. Кој ќе учествува на конференцијата, од кој се ќе можат присутните да научат нешто?

- На конференцијата панелисти се едни од најпознатите топ десет успешни бизнисмени и мотивациски тренери од Македонија и регионов. Гости се: Г- дин Кочо Анѓушев, Г-дин Зоран Витанов, Г-ѓа Кристина Ерцеговиќ од Хрватска, Г- дин Хајан Селмани, Г- а Марина Анчевска,  Г-а Катерина Ангеловска, Г- дин Коста Петров, Г- ѓа Илина Ведран, Г – дин Иван Лапчевиќ и Г- ѓа Елена Антоновска-Едизер. (Повеќе информации на овој линк)

Факултети.мк: Мотивот е можеби најважниот елемент во секоја дејност. Што ќе можат присутниоте да научат од оваа конференција?

- Слушателите на конференцијата „Љубов и бизнис“ ќе имаат можност да ги научат тактики за успех, креативен мајндсет, техники за препознатливост, мотивација, вештини за надминување на неуспехот, нови бизнис информации, нетворкинг – можност за запознавање на нови потенцијални клиенти, соработници и бизнис партнери, и уште многу придобивки кои се само на чекор од нив.

Факултети.мк: Мотивациската конференција е насловена „Љубов и бизнис“. Според Вашето искуство, дали едното може без другото?

- Моето повеќегодишно искуство кажува дека доколку се нема љубов, емоции кон тоа што се работи, со тек на време работата ќе ни стане товар, односно ќе работиме немотивирани, а кога сме немотивирани не сме веќе ниту инвентивни, немаме никакви нови идеи, а со тоа автоматски не напредуваме во работењето, туку гледаме само на часовникот за да видиме уште колку време имаме од „мачењето“ на работното место за да заврши.

Факултети.мк: Можете ли да ни посочите некој успешен пример, колку овие средби им помагаат на младите и надежни бизнисмени да почнат свој бизнис?


- Јас сум една од организаторите на оваа конференција, инаку сум носител на лиценцата за Македонија на проектот „Бизнис кафе“, кој што има слична цел, да ги мотивира луѓето да станат поуспешни, повеќе да си ја сакаат работата што ја работат, а воедно да започнат свој бизнис, да бидат сами свои газди. Многу често ми се јавуваат луѓе кои биле на тој настан да споделат со мене дека слушајќи го некој  од спикерите – гости на настанот се решил да направи чекор повеќе и да започнат свој бизнис. Има и случаи каде што ми кажуваат дека од спикерот научиле неколку насоки за комуницирање со вработените и тимското работење, како да ги мотивираат,  па почнале да го применуваат тоа кај своите вработени и тимови.



Факултети.мк: Ова е еден од поновите методи на едукација на сите оние кои сакаат да се обидат само да создадат нешто. Колку е успешен овој модел, да се чујат совети од најуспешните и преку директна комуникација да се учи од нив?

- Според мене овој метод на едукација е еден од најдобрите, бидејќи на оваа конференција ќе се споделат искуства од познати бизнисмени и мотивациски тренери, кои на слушателите ќе им го раскажат нивниот пат кон услехот, кој што сигурно не бил лесен, туку имал многу турбуленции на падови и издигнувања. И најважното, како кога биле на тој пат долу, се мотивирале да продолжат понатаму и да се движат кон целта. Мислам дека е многу полесно кога некој ќе сподели „на тацна“ со вас како постапил, ќе пренесе некои тактики за полесно издигнување кога сме демотивирани и работењето ни претставува голем товар. На ваков вид на конференции се сплотуваме едни со други дознавајќи дека не сме единствените кои имаат падови и неуспеси во работењето, односно дека сите го поминуваат истиот пат, но учиме како да се мотивирам и  полесно сето тоа да го надминеме.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот