Инженерскиот прстен е најпрестижната награда која може да се добие во Македонија кога станува збор за професионалците од областа на инженерството. Арти Ќормемети е добитник на оваа награда, за која вели дека претставува прв чекор кон неговиот успех.
Факултети: Како студент на Машински Факултет во Скопје, Вие сте добитник на Инженерскиот прстен, најпрестижната инженерска награда во Македонија? Што претставува оваа награда за Вас?
Арти: Ова награда е врв на она што го замисливо пред да ги почнам моите студии. Иако можеби претставуваше нешто што никогаш не го очекував, сепак е нешто кон кое се стремев да го добијам.
Факултети: Како ќе ја искористите наградата во вашиот професионален живот?
Арти: Верувам и се надевам дека наградата ќе биде од голема помош во разликување на моето академско достигнување на тесниот пазар за вработување. Инженерскиот прстен претставува голем прв чекор во моето професионално поставување на пазарот на трудот, но и психолошки,на мојата самодоверба.
Факултети: На кој начин ќе придонесете во развојот на македонското инженерство? Имате ли визија и зацртани цели што сакате да постигнете?
Арти: Сакам да бидам дел од новата генерација македонски инженери која ќе ги предводи новите проекти за развој не само во индустријата, туку и кај поголемите визии и идеи за подобрување на животот на нашите сограѓани. Имам визија за вложување на моите академски способности во подобрување на енергетската слика на Македонија, особено во дефокусирање од фосилната зависност и фокусирање на обновливите извори на енергија, како што се хидро и ветерна енергија.
Факултети: Дали како добитници на Инженерски прстен веќе соработувате со другите колеги? Или размислувате ли за соработка во рамки на Клубот на добитници?
Арти: Со некои колеги добитници веќе се знам и сме постојано во контакт во врска со нашите пост-дипломски студии. Но верувам дека и со останатите ќе имаме одлична соработка професионално и на личен план.
Факултети: Колку предлозите на Инженерската институција на Македонија за ваше стипендирање и идно вработување ќе Ви го олеснат патот во научните води?
Арти: Секако, овие предлози значат многу во започнување на мојата професионална кариера. Се надевам дека само ќе бидат дополнителна мотивација за понатамошна работа и вложување од моја страна, за секогаш да бидам во тек со привилегијата и одговорноста да бидам добитник на една ваква награда.