X
 25.07.2016 Живот

Трчај, фати ја сега приватноста за уши и врати ја назад ако можеш!

Според застапниците на Здружението на организации за заштита на потрошувачи во Германија, компанијата која ја лансираше играта Pokemon Go – веројатно ќе се соочи со тужба доколку не ги усогласи политиките за приватност на самата апликација.



Имено, ќе биде потребно да се променат дури 15 од вкупниот број на клаузули во политиките за приватност на корисникот, со цел да се испочитува примената на Законот за заштита на приватноста и Законот за заштита на потрошувачите.

Ако се земе предвид дека Германија е една од водечките земји и меѓу првите пет кои ја поддржаа и вложуваа голем напор за да се усвои Европската регулатива за заштита на личните податоци во изминатиот период, тогаш и повеќе од јасно е што е прва земја која укажа на негативните аспекти на оваа апликација. Вака како што се поставени условите за игра го кршат правото на приватност, велат застапниците на потрошувачите.

Ако Niantic не ги промени овие услови во Германија, до 09 август, од Здружението соопштија дека ќе поднесат тужба.
Постојат повеќе елементи кои се загрижувачки овде, а што е исто така потенцирано и во писмото упатено до оние кои ја креираа апликацијата на играта е што всушност нема постигнато доволно ниво на согласност од страна на субјектот на личните податоци при користење/обработка на личните податоци. Прашањето за стекнување на (писмена) изричита согласност беше особено дискутирано на сите дебати во однос на новата ЕУ регулатива за заштита на личните податоци, така што ова допрва ќе мора да биде високо на агендата на сите производители на какви било апликации.

Воедно, уште еден елемент кој што загрижува, тоа што согласно условите, доколку постои несогласување или судски спор меѓу корисникот и давателот на услуги (game provider), арбитражата или судската разрешница ќе треба да се бара во Калифорнија, што воопшто не претставува опција за граѓаните на ЕУ, бидејќи подлежат на законодавството на ЕУ и германскиот закон за заштита на потрошувачите.

Главниот проблем што се поставува се одредбите и условите кои оставаат доста отворени прашања во однос на давање на користење на други/трети лица сите податоци кои се добиени  при користење на апликацијата. На пример: играта инхерентно инволвира податоци за локација и следење и може да се поврзе со Google сметките на корисниците, од каде што може да преземе доста мета податоци.

И за крај, компанијата, согласно тековните процедури и политики, може да ги измени условите за користење на апликацијата во секое време и/или да ја прекине услугата без дозвола од корисникот. „Правото да се биде информиран“ за начинот, рокот на чување на личните податоци, давање на трети лица/овозможување пристап на истите, итн.  е едно од основните права на граѓанинот, т.е. субјектот на личните податоци, согласно Законот за заштита на личните податоци, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/2005, 103/2008, 124/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014 и 153/2015, 99/2016), и согласно Директивата 95/46/ЕК, така што ова се сериозни укажувања по однос на можна повреда на правото на приватност на корисникот на апликацијата.

Наша препорака: Секогаш, ама секогаш прочитајте ги условите и политиките за приватност за корисници, пред да симнете апликација за користење – Бидете попаметни од Вашиот паметен телефон

Пишува: м-р Лилјана Пецова Илиеска
Советник и Лице за односи со јавност
Дирекција за заштита на личните податоци
Подготвил: м-р Лилјана Пецова Илиеска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот