X
 02.11.2016 Образование

„Има многу наставници кои ја "утнале" кариерата, направиле трапави докторати, а предавањата ги подготвуваат читајќи Википедија“


Ненад Ивиќ

Интервју за Јутарњи лист на Ненад Ивиќ, професор по француска книжевност, кој зборува за професорската професија, за тоа што е важно да учат студентите и што би можело да се научи од нив.

Кога човек зборува за својата страст, тоа секогаш им звучи глупаво на оние кои ја немаат, на пример, политичарите“, вели Ивиќ, професор на загрепскиот Филозофски факултет. По својата надворешност не изгеда како класичен професор, но со знаењето и посветеноста умее да го извлече најдоброто од секој студент. Секојдневно е во патики, одработува тренинзи за маратон, иако не учествува во трките. Тоа е неговиот избор. Има и куче - англиски поинтер.

Зошто велите дека е важно младите да научат да мислат?

- Младите одлично „сурфаат“, а притоа ништо не знаат. Имам студенти кои студираат француски јазик, а не ги прочитале петте темелни романи на француската книжевност, оние што им беа лектири на училиште. Се разбира дека постои амбивалентност во општеството, па младите сметаат дека во вакви околности некои знаења не им се потребни. Политиката ги учи дека постојат сосема нормални начини да се успее без знаење, секој ден гледаат дека не постои причинска поврзаност меѓу знаењето и успехот. Она што морам да ги научам е дека во сето тоа сепак постои некаква занимливост, и дека доколку не навлезат во книжевноста во текот на студиите, тоа ќе им недостасува во животот. Тој недостиг ќе резултира со тоа што нема да се обидуваат да разберат ништо, ниту да размислуваат, и на крај ќе завршат како робови. Затоа мора да научат да размислуваат! Генерациите денес се подеднакво интелигентни како и пред триесет години, квантумот на интелигенцијата е ист. Оние кои работат и кои можат да научат да мислат, немаат проблем. Тоа е оној средишен дел, луѓе кои работат и кои сакаат да научат. Но, проблемот е што таков средишен дел нема, постои само тотална поларизација, па така од  осумдесет студенти, само пет се одлични, а седумдесет и пет  сметаат дека студирањето француски е учење јазик. Не, ако сакате да учите јазик, одите на курс по француски или конверзациски курсеви за менаџмент, а не на студии за јазик. Луѓето мора да научат сè да доведуваат под знак прашалник.

Тешко ли е со професор како Вас?


- Веројатно да, велат дека многу барам. Многу ми е жал кога студентите не знаат. Тие ми се многу важни.

Какви се денес професорите, Вашите колеги?

- Имам различни колеги, некои се мошне пријатни. Но, честопати се покажува и резутатот од негативната селекција која владее на универзитетот во последните дваесет години. За време на владеењето на Санадер, кога се веруваше дека има многу пари, се примија многу луѓе на наставнички места без посебни критериуми. Проблем е што голем дел од нив не се квалитетни. Ја „утнале“ кариерата, изготвиле трапави докторати, и тоа е проблем на еден цел дел од универзитетската популација која е исфрустрирана затоа што не може да ја оствари онаа привилегија која сметаат дека им припаѓа, дека штом ќе дојдат на факултет ќе можат да останат засекогаш, а притоа се да функционира на начин да работат што помалку. Некогаш лошите професори со години предаваа од исти па исти пожолтени хартии, а денес ги подготвуваат своите предавања читајќи Википедија.

Што научивте од студентите?

- Студентите те учат дека во ништо не можеш да бидеш сигурен и дека штом ќе почне дијалог и разговор за проблемот, тогаш сте во иста позиција. На подеднаков начин се подготвуваат и студентот и учителот. Тоа многу тешко се постигнува.

Чувствувате ли страв?

- Да, пред секоја настава се грижам како да го склопам предавањето и дали ќе испадне добро. Понекогаш мислиш дека сè си направил, а резултатот е нула. Понекогаш се мачиш нешто да изведеш, а резултатот е одличен. Многу е релативно.

Како изгледа образованието на почетокот на 21 век?

- Генералниот интерес на глобализираното општество е да воведе контрола. Еве, погледнете го концептот на укинување на оценките. Ако ги укинеме оценките, го укинуваме и успехот, но и неуспехот, ја укинуваме диференцијацијата во учењето и го воведуваме правилото – сè може.

Нели рековме дека ќе ги развиваме само оние интереси и способности кои им се најприродни на децата?

- Па, има ли подобро негување на интересите и способностите од пренесувањето знаење на децата, од преместувањето на фокусот од она што денес го наметнува педагогијата?

Дали на тоа се спротивставува приговорот дека на децата им се нудат премногу непотребни податоци кои нема да им служат во животот?

- Да, но ако го укинете учењето, тогаш нема ништо да научат, сè ќе остане на необврзувачки разговор. Како некој кој не е научен  да учи, ќе влезе во светоткаде успехот и неуспехот се важна работа? Како ќе биде подготвен на конечен неуспех во сопствениот живот, што им се случува на сите, освен на будалите. Една од моите омилени антички максими се последните зборови на римскиот цар, Септимиј Север. Бил владетел на светот, а кога ја изгубил моќта, на умирање, кажал : „Сум бил сè, но ништо не ми помогнало“. Денешните училишта одат кон укинување на нееднаквоста и со тоа ја овозможуваат и ја потврдуваат нееднаквоста и надвор од училиштата. Што има детето кое не мора да учи, кое не мора да постигне некаков успех? Училиштето, всушност, би требало да е место на нееднаквост каде се подготвуваат луѓе за општеството на еднаквите!

Дали тоа треба да биде став на професорите?

- Се разбира, не би требало професорите заедно со учениците да ги подготвуваат програмите. Каква е таа гротескна ситуација, каде тие што не знаат ништо, учениците, заедно ги сообразуваат програмите со оние кои нешто знаат – наставниците?

Дали е тоа сосема поинаква идеја од онаа што се промовираше со наставната програма?

- Мислам дека е. Прво мораме да ги формираме наставниците, и тука Филозофскиот факултет мора да има значајна улога - наставници кои ја сакаат својата работа и се специјализираат за тоа. Не можеме да имаме незнајковци кои им предаваат на незнајковците. Притоа, овие вториве не се виновни, тие учат, а оние што им предаваат се виновни. Не може да имате професор по француски кој не зборува француски. Затоа не можете да имате добри факултети ако немате добри средни училишта, а пред тоа и основни. Америка има многу лош таков систем, а наспроти тоа им е пример на сите.

Затоа Финска е најдобриот пример?

- Мислите дека е? Набројте ми  големи фински научници, добитници на Нобел? Ги нема, се наоѓаат во Америка. Законитост на големите бројки.

Како е да се предава надвор, да речеме на Принстон?

- Имав среќа, бев на универзитети каде што може да се работи. Тоа значи во потполност да се исклучиш од светот. Тоа е Принстон. Постои јасна граница и световите воопшто не се мешаат. Тоа е еден вид на манастир со сите додатоци на преубав вештачки рај. Сите кои се таму се заинтересирани и мотивирани.

Како се мотивираат студентите таму?

- Тие се клиенти, студентите таму плаќаат за знаење. Во Америка има многу универзитети, а овде седум или осум што се најдобри, примаат само неколку десетици студенти годишно. Затоа имаат најдобри студенти.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование