Изградба на нови средни и основни училишта, нови објети за високобразовни институции, нови студентски домови, поддршка за наставниот кадар, стипендии за ученици и студенти, укинување на многу проекти во образованието и ревидирање на наставните програми и учебнци, но и воведување на нови проекти, се само дел од ветувањата на најголемите политички партии во изборните програми.
Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2017-2020 во поглавјето
„Македонија-земја на знаење“ се претставени 82 проекти кои треба да го унапредат образовниот процес во земјава. Дел од проектите се веќе започнати и најавени, но има и нови. Планирана е изградба на нови основни и средни училишта, како и реновирање на веќе постоечките објекти, стипендии за ученици и студенти, вработување за најдобрите студенти, поддршка за наставниот кадар итн. Во програмата се најавува дека комплетното реновирање на студентскиот дом „Гоце Делчев“ - Скопје ќе заврши до 2017, а ќе се разгледа и можноста за целосна гасификација на овој студентски дом. Оваа партија ветува дека Министерството за образование и наука ќе изгради три нови студентски дома од кои два во Скопје и еден во Тетово. Ќе се градат и нови објекти – факултети за потребите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура при УКИМ. Ќе се инвестира во реновирање и надградба/доградба на Филозофски фа култет при УКИМ, а ќе се изврши и реновирање на Економскиот факултет во Прилеп и Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола. Ќе се градат или адаптираат современи објекти за Универзитетите „Дамјан Груев“ во Скопје, и за државниот универзитет во Скопје „Мајка Тереза“. Во план е завршување на реформите на наставните програми за средните стручни училишта и обука на наставниот кадар,набавка на нови современи учебници, наставни помагала и соодветна опрема за средните стручни училишта. Ќе се отвара Меѓународно јавно училиште, кое ќе функционира во рамки на некое од основните училишта во Македонија. Наставните планови и програми ќе се остваруваат на англиски јазик (во првите години од основно образование наставата ќе биде билингвална, а во понатамошните години наставата ќе биде само на англиски јазик).
- По примерот на многу земји предвидуваме отворање на специјализирана национална математичка гимназија во Скопје, која ќе нуди образование по посебни наставни планови и програми креирани и одобрени од Биро за развивање на образованието, а во соработка со Природно-математичкиот факултет и МАНУ, кои ќе бидат дел од вонредниот наставен кадар и поддршка на редовниот. Математичката гимназија ќе биде сместена во Скопје - се вели во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.
Исто така се најавува и воведување на паралелки за специјализирано средно образование во областа на ИКТ, во неколку средни училишта во земјата во Скопје, Штип, Битола и Охрид во септември 2018 година, а во Прилеп, Кавадарци, Струмица и Велес во септември 2019 година. Ќе се воведе предмет за изучување на основите на знаковниот јазик во сите средни стручни медицински училишта во Македонија. Како дел од новитетите во програмата која се однесува на образованието и науката се најавува и зајакнување на научно-истражувачката работа на универзитетите преку обезбедено континуирано финансирање на научно- истражувачки проекти во времетраење до најмногу 5 години. Екстерното тестирање во средното образование ќе биде значително надградено и унапредено. Детално за сите најавени проекти на ВМРО-ДПМНЕ може да прочитате на
следниот линк.
Социјал демократскиот сојуз на Македонија во својата изборна програма која ја нарече
„План за живот во Македонија“ најавува укинување на многу проекти во образованието започнати за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ревидирање на наставните програми и планови за основното и средното образоавние . Во нивната програма пишува дека на почетокот на мандатот СДСМ ќе организира јавна расправа за функционална промена на концептот на образование, по примерот на една земја од Европската Унија, а концептот што ќе произлезе од таа сеопфатна расправа ќе биде имплементиран најдоцна до 2018 година. Тие најавуваат растоварување на наставните содржини и намалување на оптовареноста на учениците во основното и во средното образование. Ќе се стави фокус на математичките и јазичните вештини и предмети, а заради обезбедување квалитетно образование, нивна цел ќе биде намалување на бројот на ученици по паралелка од просекот на сегашните 34, на паралелки со просечен број од 25 ученици. Ќе се преиспитаат начинот на финансирање на високото образование и квалитетот на дисперзираните студиски групи. Предлагаат нов начин на управување со универзитетите, што ќе доведе до поефикасен и потранспарентен универзитет.
- Ќе преземеме мерки за унапредување на наставните програми со информации од областа на сексуалното и репродуктивното здравје и права, кои се соодветни на возраста, кои се засновани на научни факти и кои ги промовираат човековите права и родовата еднаквост. Македонската економија бара разновидни и квалитетни работни вештини коишто произлегуваат од процесот на образованието. Нашите училишта мора да бидат простор за развој преку креативност и дебата. Во тој простор, децата ќе учат, ќе се натпреваруваат и ќе развиваат вредности соодветни за денешното време. Ќе промовираме образование што ќе поттикнува критичко мислење - пишува во програмата на СДСМ.
Тие најавуваат и укинување на екстерното тестирање како проект што предизикал голем револт кај наставниците, а создал вознемиреност и незадоволство и кај учениците и нивните родители.
- Ние предлагаме евалуација и тестирања на учениците, но без дополнително внесување на оценки во нивните свидетелства и без казни за наставниците. Вреднувањето на стекнатото знаење ќе се спроведува континуирано. На оние училишта што ќе покажат послаби резултати, ќе им биде дадена помош и поддршка за унапредување на наставата - пишува во програмата.
СДСМ најавува зголемување на капацитетот на детските градинки во целата држава и враќање на
предучилишното образование во образовниот систем. Тие ќе воведат задолжително едногодишно предучилишно образование, како интеграциска мерка и подготовка на децата за влез во 9-годишното основно образование. Најавуваат законски решенија со кои ќе биде овозможено задолжителното образование да започнува од 4-годишна возраст на децата. Предучилишниот период ќе биде проектиран на една година, со задржување на деветгодишната поставеност на основното образование. Системот на основно образование во првите 5 години ќе биде само со описно оценување. Дури потоа (следните 4 години од основното образование) ќе се применува нумеричко оценување. Ова треба да биде мерка со која децата и наставниците ќе се посветат на квалитетот на знаењето, а не на трката по оценки. Ќе се воведат нови звања за наставниците и во основното и во средното образование, кои ќе имаат значајна улога во кариерата и бенефициите на се-кој наставник. СДСМ ветува дека наставниците ќе ги ослободи од непотребните административни, формални и други обврски за да можат целосно да им се посветат на учениците и нивното воспитание и образование. СЕ планира и евалуација на сите учебници за основно и за средно образование и поставување на јасни правила кои мора да се почитуваат. Ќе се повлечат од употреба учебниците кои имаат суштински грешки во материјата и кои се несоодветни за возраста на учениците. Во Скопје, на две локации, кај студентските домови „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“ ќе се изгради студентски град. Повеќе за изборната програма на СДСМ на
следниот линк.