X
 17.12.2016 Култура

Ѕвонко Плавевски: Луѓето го купуваат твитер календарот, но не го закачуваат поради голотијата

Твитер календарот за 2017 година, кој беше промовиран во понеделникот, целосно се распродаде, а парите од продажбата веќе се уплатени на сметката на хуманитарната организација „Љубезност“. Иако не станува збор за огромна сума пари, основната мисија поради која изминативе години се прави овој календар е исполнета – твитер заедницата да помогне на некоја ранлива категорија луѓе. Календарот со разголени фотографии на твитерџии секоја година побудува голем интерес не само меѓу твитер заедницата, туку и кај пошироката јавност.



За неговото создавање и предизвиците околу целиот проект разговаравме со Ѕвонко Плавевски, еден од фотографите на календарот, кој заедно со Димитар Петровски-Дими волонтерски ги фотографираа твитерџиите-модели и го подготвија годинешното издание.

Факултети.мк: Парите собрани од годинашниот твитер календар веќе ги уплативте на жиро-сметката на хуманитарната организација „Љубезност“. За каква организација станува збор и зошто се одлучивте донацијата да замине токму таму?

Ѕвонко: „Вистински дела на љубезност“ е хуманитарен проект кој функционира веќе три години по ред и преку кој здружението „Љубезност“им помага на бездомниците со топол оброк секоја недела, топла облека, обувки, ќебиња, а ги посетува и во нивните засолништа и им набавува лекови. Здружението посетува и им помага и на социјално загрозени семејства од земјава. Кога требаше да одлучиме каде ќе ги донираме парите барав сугестии од повеќе луѓе. Еден од предлозите беше да ги донираме во „Љубезност“ каде собирале пари за да купат 200 пакетчиња за дечиња од социјално загрозени семејства. Многу ми се допадна идејата и тие ги добија парите.



Факултети.мк: Календарот се продаваше по симболична цена, а уште однапред се знае дека сите пари од продажбата се наменети за хуманитарни цели. Имаше ли голем интерес за календарот, се распродаде ли брзо и кој го купува – дали само твитерџии или има и луѓе кои не се на твитер, но ја поддржуваат иницијативата?

Ѕвонко: Цената е иста како и минатата година. Лани прашував твитерџии која би била пристојна цена за календарот, па решивме да чини 250 денари. Но, тоа е минималната цена за календарот. Бидејќи е хуманитарен, некои плаќаа по 300, 400, а имаше и такви кои го купуваа и за 1.000 денари, кој колку може. Лани еден твитерџија лично донираше 500 евра кои ни беа буџет за проектот и со нив го испечативме календарот во 100 примероци. Околу 60 се продадоа и поради таа причина годинава испечативме 50 календари кои отидоа како алва. Јас немам примерок за мене, заборавив да си задржам. Лани и годинава календари купија и неколку странски амбасадори во земјава. Најинтересно е дека повеќето што ги купуваат календарите не ги закачуваат на ѕид поради голотија. Има мал процент на луѓе кои го купуваат, а не се корисници на твитер.



Факултети.мк: Календарот го правите сами неколку луѓе, волонтерски, без никаков надомест. Колку е тешко или лесно да се изведе една ваква „операција“ комплетно, да се добие задоволувачки резултат и да се оствари зацртаната цел?

Ѕвонко:
Календарот има прилично голема логистика во позадина. Бркање луѓе, па спонзори, термини, човек кој ќе го прави дизајнот на календарот, друг за сајт, печатници... Би било идеално некој да ги брка сите овие работи и да ни олесни нам фотографите за да имаме уште повеќе време и енергија за поубави фотографии, концепт и слично. Годинава ми беше малку полесно бидејќи бев поискусен за еден календар и малку полесно одеа работите, а и Дими беше тука па имав 50 отсто помалку обврски.



Факултети.мк: Твитер календарот веќе има 5 изданија со фотографии на разголени твитерџии и твитерџики. Колку е тешко да се најдат модели за календарот имајќи го предвид менталитетот на средината во која што живееме?

Ѕвонко:
Има пет календари во шест години, со една година пауза измеѓу календарите. Лани имавме поголем проблем со моделите отколку годинава, тогаш се пријавија седум луѓе наспроти десет за годинешниов. За да си го олеснам тој процес, лани сугерирав да не се знае кои се луѓето што се фотографираат, да не им се гледа лицето или да им биде скриено. Дел за да привлечам повеќе луѓе, дел за да се охрабрат и соблечат колку сакаат без никакви грижи бидејќи имав план да покажам малку повеќе голотија од претходните календари. Но, имаше и такви кои немаа проблем да си го покажат лицето, дури еден дечко дојде со родителите на ланската промоција. Некои се кријат дома, некои „пријавуваат“ кај домашните. Луѓето кои се пријавуваат сметам дека се либерални и со модерни сфаќања, инаку не верувам дека ако имаат поинаков ментален склоп ќе се пријават. Не е особено тешко, но мене досега не ми се погоди да имам 12 модели, за секој месец различна личност.



Факултети.мк: Се пријавуваа ли твитерџиите сами или пак е потребно долго убедување? Како ги мотивирате за да се фотографираат за календарот?

Ѕвонко:
Обично чекаат да видат која е темата и концептот околу календарот, а ова е голем предизвик. Не знаеме колку луѓе ќе се пријават, не знаеме како изгледаат, каде ќе се фотографира. Темата е една од најтешките работи околу календарот. Годинава немавме тема, само визуелен концепт и едно соопштение каде објаснивме која ни е визијата. Откако ги објавивме овие работи, почнаа да се пријавуваат, но имаше и луѓе кои се пријавија пред тоа. Годинава имаше една девојка која не е твитерџика, но се пријави и е дел од календарот. Посебна мотивација не им треба, знаат за што се пријавуваат и фотографираат. Евентуално има некои кои прво се пријавуваат, но дали потоа губат храброст или пак поради други причини се предомислуваат и се откажуваат. Годинава немавме такви.

Факултети.мк: Можеш ли да се сетиш на некоја интересна анегдота од досегашните фотографирања за календарот?

Ѕвонко:
Само би цитирал една од храбрите девојки што ја фотографирав: “Колку ти е убаво, ме запозна пред 5 минути и веќе ти се соблекувам“.

Факултети.мк: Имаш ли веќе некаква визија како би сакал да изгледа твитер календарот за 2018?

Ѕвонко:
Убавината на целиот календар е целиот хаос околу него. Сѐ до пред почетокот на фотографирање е договорено и испланирано, но самиот чин на фотографирање не е. Ланскиот ми беше замислен со црна позадина и сите девојки дојдоа со црни чизми или сандали и ги снема во позадината. Или имам некоја замисла што сакам да направам, но не можам да ја реализирам. А на крај сѐ излегува одлично, дури и сам се изненадувам. Особено годинава.

Твитер календар 2017
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура