X
 14.02.2017 Издвојуваме

Интервју со професор Димитар Гелев од Правен факултет: Најголем дел од професорите имаат плата со која не можат да излезат од земјата

Професорот Димитар Гелев од Правниот факултет „Јустинијан први“ беше еден од учителите кои добија најмногу позитивни коментари за својата работа од своите студенти и доби признание дека е еден од најинспиративните. Во интервју за Факултети мк. проф. Гелев со голема почит зборува за студентите, се осврнува на најгорливите проблеми во високото образование па вели: „Изминатите години високото образование беше малтретирано на сите можни начини. Бројните измени во Законот за високото образование, што и ние како правници тешко можеме да ги следиме, не беа насочени кон некое подобрување, туку кон целосно укинување на универзитетската автономија“.



Факултети.мк: Нашата анкета покажа дека за студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ сте вистинска инспирација. Искоментираа дека сте секогаш тука за нив, им давате книги и материјали и дека сте еден од ретките научници во секоја смисла на зборот. Како секојдневно Вас ве инспирираат Вашите студенти?

- Тие се луѓето за кои ние живееме. Како што тие ни помагаат на нас да го заборавиме сивилото околу нас, така и ние се обидуваме, колку што е во наша моќ, да ги заштитиме на секој начин од грубата реалност околу нив. Студентите се тие за кои сме ние тука и тоа не одржува. Колку е постар и поискусен професорот подеднакво ги цени сите деца и тие што учат и тие што не учат и многу добро знае дека оцените не значат многу во нивното воспитување. Секој студент го бидува за нешто. Тие многу добро, исто како и ние, знаат да препознат искреност.

Факултети мк: Каков е Вашиот впечаток за студентите во смисол на борбата за своите права, дали се гласни, дали отворено бараат промени или повеќето се во некоја комфорна зона од која тешко ќе излезат?

- Студентите се такви какви што се сите млади луѓе на таа возраст. Луѓе кои ги прават првите чекори во светот на возрасните. Не треба да се заборави дека тие ги покренаа сите битни прашања во ова општество. Заради младоста и неискуството можеби и не знаеле секогаш да ги дефинираат или сфатат на вистински начин или некогаш не можеле да го согледаат реалниот проблем или да дадат вистинско решение, но нивниот бунт мислам дека беше очигледен и исто така мислам дека сите ние многу добро го разбравме тој бунт. Како подоцна тоа било прикажувано, манипулирано, потиснувано итн. е друго прашање, но факт е дека тие луѓе во сите изминати години, потивко или погласно, го кажуваа тоа што го мислат. Видливо беше дека сите политички партии кај нас сакале да јаваат на бранот на таа младост, да се „приклучат“ на тој бран со цел да добијат нешто за себе, со „резултати“ какви што ги гледаме секој ден. Исто така е видливо во што сè можат да се претворат некогашните „бунтовници“. Не треба да се заборави дека добар дел од сегашната „власт“, пред десетина години маваше со јајца по зградата на Министерството за образование. Разни времиња носат разни ветришта, но разумните меѓу професорите многу добро ги разбираат студентите и исто толку добро можат да направат разлика помеѓу искрен бунт и став и ситуација на т.н. „старо-мало“.

Факултети.мк: Во изминатиот период се отвори прашањето и околу ново студентско организирање на УКИМ. Неколку факултети меѓу кои и Правниот го одбија новиот предлог на Ректоратот во кој се предлага СПУКМ да остане невладина организација, но со поголеми контроли од Универзитетот. Како според Вас треба да изгледа моделот на студентско организирање?

- Предлогот на Ректоратот не го решава проблемот на студентското организирање и е спротивен дури и на законските решенија. Проблемот со студентското организирање на Правниот факултет дури доби и поизразена димензија, затоа што изборот на декан на факултетот беше поништен од страна на државната и на просветната инспекција заради „неучество на студентите при изборот на декан на седницата на Наставно научниот совет“, по што следеа бројни управни и судски постапки со смешни пресуди и решенија. Иако истата ситуација се повтори и при изборот на поголем број декани на другите факултети, па дури и при изборот на ректор на УКИМ и при конституирањето на постојниот сенат на УКИМ, инспекциските и другите државни служби сметале дека тоа е проблем само на Правниот факултет и на ниту едно друго место. Тоа нам ни индицираше дека целата ситуација не е “правен проблем“. Бидејќи во помала мерка и лично бев инволвиран во целата расправа, некаде во месец август 2016 година, предложив на Правниот факултет да се формира работна група што ќе изготви некој модел и правила за учеството на студентите во работата на факултетот. Таа иницијатива беше поддржана од Наставно-научниот совет на факултетот и работната група уште на почетокот на септември 2016 година имаше целосен текст на потребните измени. Секаде студентската организација по аналогија ја следи организацијата на професорите. Студентите, исто како и професорите, се дел од академската заедница и организационите правила со мали модификации се исти. Историски гледано, тие правила водат потекло од локалните автономии на општините (кај универзитетите т.н.. “кампус“ – принудно членство, право да утврдува јавни давачки итн.) и од црковната организациона поставеност (хиерархија). Нашиот предлог мислам дека беше и претходно доставен до Ректоратот на УКИМ, но не знам од кои причини сосема неразумно се инсистираше на некој модел кој реално не постои никаде во цивилизираниот свет. Лично се надевам дека ќе преовлада некој разум и дека ќе се дојде до нормално регулирање на студентските организации. На што би личело професорите да го регистрираат Наставно-научниот совет на факултетот како здружение на граѓани? Или сенатот на УКИМ да се регистрира како невладина организација? Тоа што е сосема нелогично за професорите, некои упорно неразумно им го наметнуваат на студентите, кои се неразделно составен дел од истата академска заедница.

Факултети мк: Високото образование со измените во Законот кои пред сè се случија во последните десеттина години доживеа големи промени. Каде го гледате нашето високо образование во однос на она што се случува во светот, во високоразвиените земји, па и во однос на соседите кои одамна се на листата на најдобри универзитети според Шангај?

- Универзитетот е составен дел на ова општество. На УКИМ има многу професори што даваат сè од себе да го одржат чекорот со светот, многу често и со бројни лични и семејни откажувања и жртвувања. Лично не мислам дека сме многу назад во однос на останатиот свет, но тоа повеќе е резултат на личните напори на одделни професори, отколку на некоја организирана поддршка од страна на државата или општеството, па дури и на самиот универзитет. Но, јас сум професор по право. Општествените науки во принцип не бараат некои особено големи инвестиции за истражувања и развој. Каква е состојбата во другите области што имаат потреба од тие средства, знаат многу подобро од мене тие професори што се занимаваат со тие научни области. Јас имам некое свое мислење што го добивам од следењето на развојот на постојната индустрија во земјата, медицинските услуги итн. но тоа е мое мислење. Изминатите години високото образование беше малтретирано на сите можни начини. Бројните измени во Законот за високото образование, што и ние како правници тешко можеме да ги следиме, не беа насочени кон некое подобрување, туку кон целосно укинување на универзитетската автономија. Дури и кога законските решенија и не биле така лоши, постојните државни стуктури развиваа пракса што како да имаше за цел гушење на високото образование. Како и во целото општество, така и на факултетите постои пракса што е надвор од сите закони и таа пракса е поддржувана од постојните политички гарнитури и од деканите што се нивни миленици. Не постои законско или статутарно правило што не било толкувано сосема спротивно од законските норми или од здравата логика во зависност од тоа што требало да се постигне во дадениот момент. Сите правила за избор во звања, за акредитација, за поделба на средствата, за финаниското работење, за прием на студенти, за управување со информатичките системи, за објавување трудови итн. се газени во зависност од “потребата на денот“. Кај нас, на Правниот факултет, со одлука на деканската управа дури беа укинати и сите катедри „како нефункционални“. Тоа насилие во секојдневната работа на универзитетот доведува до демотивација на оние што денес го носат образованието на своите плеќи. Човек не знае кое правило важи, а кое не важи. Големиот дел од професорите се луѓе кои цел живот се опкружени со книги и тоа насилие им е туѓо. Просто не знаат како да реагираат. На некој чуден начин, постоеше тенденција за понижување на УКИМ. Претходниот ректор, уште додека му траеше мандатот стана почесен руски конзул, а Конгресниот центар во Охрид беше претвори во почесен конзулат на Руската Федерација. Не се разви случај како за “Јован Вранишковски“, но има аналогија. При изборот на новиот ректор во неколку наврати ја гледавме Единицата за брзо распоредување. Земјиште врз кое право на користење има УКИМ, одеднаш без национализација стана полигон за инвестирање на Министерството за образование, за изградба на згради во кампусот на факултетите за општествени науки. УКИМ се има откажувано од своите кориснички права врз различни земјишта и згради низ Македонија. Погледнете за кои цели се користи т.н. Професорски дом, во близината на студентскиот дом Кузман, што беше граден претходно во едно вакво “изборно време“. Многу такви работи што се случиле низ годините поттикнуваат човек да изгуби интерес да ги следи.



Рангирањето на нашите универзитети мене лично многу не ме загрижува. Образованието има сопствени цели и во сите времиња, и добри и лоши, одреден број на даскали наоѓаат начин да го реализираат тоа за што ја избрале својата професија. Не мислам дека ние сме професионални спортисти кои треба да освојат прво место во лигата, ниту дека треба да викаме спортисти од странство за да направиме екипа што ќе освои прво место во фудбал, иако во целата нација никој не знае да игра фудбал. Тоа е малку исчашена логика на луѓе кои ништо не разбираат од образование. Истите тие поборници на Шангајските листи први се згрозени од „пазарната логика во образованието“, „од падот на квалитетот“ и постојано бараат „подеднаква распределба на средствата, без оглед на вложените напори“. Не можете да барате Шангајска листа, а за вашиот избор да интервенира полиција, исто како што не можете да присвоите некое акционерско друштво со интервенција на полиција, а утре да барате пазарни законитости. Не можеме ние да имаме „двојна диплома“ со реномиран универзитет во странство ако најголемиот дел од професорите има плата со која не можат да излезат од земјата. Некако не е логично. Досега не знам дека негде постои “комунистички-капитализам“. Можете да купите 10 странски играчи и да глумите професионализам, па дури и еднаш да крикнете „Леле што направивме“, но секоја таква илузија кратко трае и не е реална. А покрај тоа, многу пари се трошат на одржувањето на таквите илузии. На крајот на секоја таква фантазија постојано има некој „Кириленко“ и „Ла Бомба“. Секоја високо-образовна институција дејствува во некое конкретно општество. Во секоја таква институција има луѓе, многу или малку зависно од периодот, кои со бројни лични жртви и откажувања ги носат тие институции низ тешките времиња. Сè што е потребно е да бидат оставени на мир и да не бидат попречувани со „големите идеи“ на тие што во дадениот момент мислат дека се „власт“. Секогаш кога влегувам во салата во која се одржува Наставно-научниот совет самата сала ме потсетува на црква. Исто како што по црквите има олтар и столови со висок наслон по страните, така е тоа и во сите сали во кои се одржуваат тие седници по факултетите. За разлика од црквите, во кои по ѕидовите им слики на луѓе што треба да им укажат на живите попови како треба да се однесуваат додека седат на тој стол, во нашите сали обично висат сликите на поранешните декани. Постојано во себе се смеам дека тие, сосема обратно од црквата, нас треба да не потсетат „како не треба“. Но, понекогаш и мислам дека сум многу строг во врска со тоа. Животот е чудна работа.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме