X
 09.05.2017 Здравје

Дилема на идните родители: Да се плати ли за чување матични клетки од папочна врвца?

Не е евтино, особено за македонски услови, а за него може да се прочитаат и да се чујат и „за“ и „против“ аргументи. Чувањето на матични клетки од крв од папочна врвца на бебето, за во иднина да се употребат доколку се појават тешки заболувања, е одлука која често ги става во недоумуца идните родители. Чини најмалку пет просечни македонски плати и не секој може да ги издвои. Но во исто време, ретко кој иден родител не се плаши за здравјето на своето дете.


Фото: Pixabay

Различните информации, пак, во вакви услови, не само што ги збунуваат родителите, туку и отвораат многу прашања за тоа дали чувањето навистина е потребно.

Што се матични клетки?

Матичните клетки се примарни, неопределени клетки кои може да се развијат во клетки на одредено ткиво. Тие се во основата на секој ембрион, се до моментот додека кај него не почне процес на создавање на конкретни ткива и органи. Од нив, всушност, настануваат сите други клетки групирани во ткива (неврони, ткивата на црниот дроб, рожница...). По раѓањето во организмот продолжува создавање на матичните клетки кои служат за регенерација на оштетени ткива во текот на животот, но тогаш се возрасни матични клетки. Имаат голем потенцијал за самообновување, како и доволно голем капацитет за размножување и созревање, па токму тоа се користи кога станува збор за нивна тераписка примена.

Во Македонија има повеќе фирми кои нудат договори за чување на матични клетки од папочна врвца, главно во странство. Цените за оваа услуга се движат од околу 1.500 до 2.400 евра во зависност од тоа за која банка станува збор, какви сертификати за квалитет нудат, дозволи за користење...

- Разговаравме со повеќе наши лекари за тоа дали да чуваме или не, а прочитавме и многу информации на Интернет. Некои поддржуваат чување, други велат дека тоа е бизнис и дека интервенции со матични клетки може да се прават и ако не се од папочна врвца, дека третманите со такви од папочна врвца се експериментални... На крај одлучивме да чуваме и да се надеваме дека никогаш нема да ни требаат, но и понатаму не сме на чисто дали се потребно потрошени пари. Кога се раѓа дете трошоците се големи, а ваква постапка уште повеќе ги зголемува – вели Марија Стојановска од Скопје.

„Чување наместо веселби“

За третмани се користат матични клетки од периферна крв, коскена срцевина и папочна врвца. Лекарите поддржувачи на чувувањето на матични клетки од крв од папочна врвца велат дека американската Агенција за храна и лекови третмани со нив класификувала со класа А, што значи дека се сигурни. Проф.д-р Борче Георгиевски од Клиниката за хематологија, кој, меѓу другото, работи и на трансплантација на коскена срцевина за лекување на леукемија (рак на крвта) го поддржува зачувувањето.

- Матичните клетки од крв од папочна врвца се имунолошки незрели и не прават реакции. Со нив се третираат веќе 85 заболувања. Во Европа се направени близу 10.000 интервенции - вели професорот. Државата сакала да отвора банка за матични клетки, меѓутоа проектот се покажал прескап, па идејата е ставена во мирување. - Се согласувам дека е скапо чувањето. Но и тоа дека можеби треба малку и поинаку да размислуваме. Колку пари трошиме на свадби, крштевки, честење кога ќе се роди бебе... Наместо тоа може да се помисли на чување матични клетки – додава проф. Георгиевски.

Д-р Емилија Василев од „Био сејв“ објаснува дека телото на новороденчето изобилува со вредни, потентни, витални матични клетки. Во моментот на раѓањето многу од нив се наоѓаат во крвта од папочната врвца и истата може да се зачува само еднаш во животот- на породувањето.

- Доколку се сочува папочната крв на дете ќе бидете сигурни дека матичните клетки ќе бидат тука, доколку се потребни. На овој начин се обезбедува единствена можост за лекување, без оглед на староста. Со оглед на тоа дека се земаат при раѓање, тие го немаат поминато процесот на стареење на човекот. Тие имаат неограничен потенцијал за диференцијација во други видови клетки на возрасен човек. Со матичните клетки од папочна врвка можат да се лекуваат многу по живот опасни заболувања – вели таа.

Здравствена потреба или бизнис?

Во исто време има лекари кои сметаат дека сето ова е само бизнис. Д-р Надежда Басара, директорка на клиника во Германија со години укажува дека нема потреба родителите да даваат пари за чување на овие клетки. - Чувањето на матични клетки од папочна врвца е непотребно фрлање на пари – рече лани во последното интервју за медиум од овој регион, подгоричкиот весник „Побједа“.

Во светот, потенцира, има повеќе од 20 милиони потенцијални донори, па можноста да се пронајде соодветен донор за 20.000 трансплантации годишно е поголема од 90 отсто. Според д-р Басара, која има потекло од Црна Гора, а е позната по успесите во лекување леукемија и други тешки заболувања во Германија, секоја земја во заводите за трансфузија на крв треба да има банка на потенцијални донори на матични клетки, кои се добиваат со типизација на возрасните од 18 до 50 години, а која би била вклучена во светска банка на податоци.

Поделени мислења, предомислувања...

Светските медиуми пренесуваат различни ставови на познати установи и лекари ширум светот. Така, неодамна најпознатит идиски весник „Тајмс оф Индија“ објави новинарско истражување со наслов „Крв од папочна врвца-големи бизниси мали придобивки“. Во него пренесува став на д-р Сунета Митал, директор и шеф на одделот за гинекологија и акушерство на болницата „Фортис“ во Гургаон, кој вели дека употребата на крвта од папочната врвца за лекување разни заболувања се уште е во експериментална фаза, па затоа не ги советуваат пациентите да чуваат матични клетки.

Меѓутоа, во исто време, магазинот „Перентс“ објави дека многу лекари кои порано беа противници на чувањето на матичини клетки од крв од папочна врвца по извесно време го смениле своето мислење. Еден од нив бил и познатиот гинеколог Џордан Перлоу од Феникс во САД. Со појавувањето на првите банки за матични клетки неговото мислење било дека тие само сакаат да заработат од родителите. Но, по учеството на голем број конференции и студиски истражувања, д-р Перлоу го сменил мислењето и сега ги охрабрува своите пациенти да банкираат матични клетки.

Банкирњето матични клетки е одлука која ја носи речиси секој родител. Едно е јасно, желбите се никогаш да не требаат.

Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје