X
 06.06.2017 Живот

Катерина Котлареска Манеска, сопственичка на „Касиа ивентс“: Да ги расчистиме дилемите за воспитувањето на децата

Ја знаеме по бизнис-кафињата, по истражувањата на пазарот, „мистери шопинг“, па конференцијата „Родителството во ХХI век” беше само повод за разговор со Катерина Котлареска Манеска, сопственичка на брендот „Касиа ивентс“ и директорка на „Актива Вел“. Така, освен за престојната конференција, на која ќе се расчистат дилемите и стравовите на многу родители за воспитувањето, со неа разговараме и за „Бизнис кафе“, македонскиот пазар...



Преку „Касиа ивентс“ ја организирате конференцијата “Родителството во ХХI век”. Зошто се одлучивте за оваа тематика?
- Да, конференцијата ќе се одржи на 8 јуни, годинава од 12 до 18 часот во хотел „Елит Плаза“. За темата за ваков тип на конференција појдов од себе, како родител. Среќавајќи се секојдневно со родителите од градинка наидов на повеќе прашања на кои лично не бев сигурна дали го знам точниот одговор. На пример, ме загрижи тоа што родителите уште од градинка почнуваат да ги носат децата на многу активности (англиски, балет, спорт...). Се прашував дали тоа е добро за детскиот развој и дали децата имаат вистинска потреба од толку активности, или, пак, станува збор за помодарство. Чувствувам голема загриженост и за децата со посебни потреби и затоа сакам, колку што може повеќе, со оваа конференција да помогнеме и на нив и на нивните родители, а сите ние да научиме како правилно да се однесуваме за да бидеме од помош. За да ги расчистиме овие дилеми, но и многу други стапивме во контакт со неколку стручни лица (детски психијатри, педагози, психолози...) и ги замоливме да бидат гости на конференцијата, за многу родители да си го најдат одговорот за правилното воспитување на децата и за она што им е потребно во одреден период за нормален развој.

Освен за родителите, за кого уште е наменета конференцијата?
- Освен за сите родители, таа е и за сите оние кои сакаат да станат родители и за сите вработени во образовните институции. Мислам дека конференцијата ќе биде сеопфатна со теми на кои ќе се зборува. Така, планирано е да се говори за правилата на свесно воспитување, патот кон одговорно родителство, за начините за поддршка на децата со посебни потреби, за важноста на спортот уште во раниот период од животот. Ќе ги отвориме и прашањата за важноста на раниот интелектуален поттик и развој кај децата, за влијанието на системските динамики во односот на родителите кон себе си, кон детето и околината, за здравјето како директно индиректен фактор за здраво родителство и семејство, функционалното родителствo и градењето на здрави прехрамбени навики во семејството како значаен фактор за правилен раст и здравје на децата... Во исто време публиката ќе има можност да поставува прашања до нашите презентери за теми кои ја интересираат.



Брендот „Касиа ивентс“ го отворивте неодамна, а на ваков чекор се одлучивте иако за јавноста сте познати како Кате-Бизнис кафе Македонија. Зошто?
- Да моето презиме е Бизнис кафе Македонија (се смее). Одлучив да направам свој бренд по инсистирањето на моите партнерки од Хрватска (сопственичката на брендот „Бизнис кафе“) и од Словенија. На една меѓусебна средба во Белград разговаравме што се работиме и откако им кажав со што се се занимавам и организирам покрај бизнис кафето, ме прашаа а зошто сето тоа не го ставам под еден бренд. Не ми требеше долго размислување, се вратив од Белград им ја кажав идејата на моите соработници дизајнери и за неколку дена веќе се беше средено.

Што нуди „Касиа ивентс“?
- Нуди, пред се, професионалност во организирање на современи решенија за корпоративни и приватни настани - коктели, промоции, конференции, родендени итн. Носител проект на брендот е „Бизнис Кафе Македонија“ кој кај нас се одржува континуирано веќе четврта година.

Сепак продолжувате и со работа со „Бизнис кафе Македонија“. Како сте задоволни од овој проект?
- Да, овој проект, како што веќе реков, е носител на брендот. „Бизнис кафе“ е како епидемија, доколку еднаш го посетите нема шанси повторно да не се вратите на настанот, бидејќи преовладува многу позитивна енергија, опуштена атмосфера и има интересни мотивирачки моменти. Присуствуваат гости кои со публиката ја споделуваат својата приказна за патот кон успехот. Може да се слушнат многу интересни приказни од луѓе кои денес се многу успешни, за тоа како тие го поминувале патот за да бидат тоа што се. На „Бизнис кафе“ се запознале и започнале соработка многу фирми, кои претходно не се ни познавале.

Значи навистина бизнисот започнува со филџан кафе?
- Тоа е точно. Во Хрватска се направи истражување кое покажува дека 60 отсто од договорите се склучиле токму на кафе во некој локален кафе бар или ресторан. Оттаму е и идејата за името на проектот- „Бизнис кафе“.

Наспроти поранешната пракса се сами да си организираме, дали сега граѓаните и фирмите имаат доверба професионалци тоа да го завршат за нив?
- Мислам дека се полека се буди свеста кај луѓетот дека додека тие трчаат да организираат се, може за нив тоа да го направи специјализирана агенција, која што ќе им заштеди и пари и време. Но, за жал на тоа поле сѐ уште сме далеку од развиените земји.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот