X
 06.06.2017 Образование

Проф. д-р Цветко Смилевски: „Одделувањето на теоријата и праксата доведува до нефункционален образовен систем“

- Секое образование, особено стручното (средно и високо), помалку или повеќе има функција на подготовка на личноста за некој вид на практика на прифатливо однесување во дадена работна или социјална средина - вели Проф. д-р Цветко Смилевски, основачот на Бизнис Академијата Смилевски.



Тој објаснува дека во историјата на образовниот систем се развиле богатство на форми на двете основни категории на образование: теоретско и практично. Иако тоа се две страни на ист процес (разбирање на реалноста – теорија и дејствување во реалноста – практика), со текот на времето тие толку се одделиле една од друга што станале спротивност на намерата на нивното разделување.

- Наместо овие две категории да се одвиваат една покрај друга или една со друга, со текот на времето тие се трансформирале како две одделени, последователни етапи на учење: институционално учење/студирање (теорија) и функционална обука по вработувањето (стажирање). Во таквиот развој треба да се бараат главните причини на општата критика на образовниот систем: теоретизирање, неефективност, нефункционалност и сите други негативни атрибути - вели професорот Смилевски.

Но, додава дека како и секогаш, науката не останала глува на криците на спомената криза на образованието, па подолг период се трага по соодветни форми и начини на повторно реинтегрирање на теоријата и практиката во процесот на учење.

- И тоа, не само во стручното, туку на сите нивоа на образовниот систем – од предучилишното до третиот циклус на високото образование се трага по начини на реинтеграција на она што некогаш било целост - вели тој. Според професор Смилевски има неколку доминантни современи пристапи во реинтеграцијата на теоријата и практиката на сите нивоа на образовниот. Едно е искуственото учење како најстара форма на подготовка за живот и работа, со реафирмираниот теоретски модел на Колб. Потоа играњето на улоги како процес на безбедно усвојување на однесувањето за вклучување во општествената функција на секој поединец и симулационото учење како најсовремена форма на учење во безбедна средина (од симулаторите за обука на возачи и пилоти до компјутерските стратегиски игри и најсложените воени вежби).

- Додека сите овие форми наголемо се доразвиваат и експериментално се воведуваат во многу образовни установи на пониските степени на образованието, високото образование најупорно опстојува на незаменливата „чиста теорија“. Исклучок од оваа практика се високообразовните установи со понагласен практичен карактер (медицина и бизнис) и високото образование во ИТ областа кое само по себе се засновува на високо ниво на симулации и експериментирања. Споменатите форми на реинтегрирање на теоријата и практиката, во минатото проверени, концептуално доосмислени и практично доопремени со ефикасни алатки, сепак ги среќаваме и во нашата локална или регионална практика. Играњето на улоги е веќе доста раширено во предучилишното образование и во неформалното менаџерско образование. Колбовиот циклус на искуствено учење е незаобиколен концепт во сите проекти за реформа на стручното образование. Симулационото учење е веќе стандардна и усовршена практика во обуката на полициските кадри во Центарот за обука на МВР во Скопје и во Полициската академија на Црна Гора во Даниловград - објаснува професор Смилевски.

Интегрален модел на практикување на споменатите и други форми на процесно поврзување на современата теорија со актуелната практика е развиен и се применува во студирањето на Бизнис академијата Смилевски – БАС во Скопје и Битола.

- Главни карактеристики на овој стил на настава именуван како ДЕАН - Дидактика на ефективна академска настава се следниве: Современа научна позадина на овој стил на настава е Колбовиот модел на искуствено учење; Наместо на крајот како додаток, практиката се интегрира со теоријата уште од почетокот на студирањето со вклучување на студентите во Бизнис лабораторијата како форма на симулационо учење во безбедна средина на учење/студирање; „Предавањата“ како теорија и практичните вежби (практика) се изведуваат како интегрирана настава во која на реални (илустративни и проблемски) студии на случај се практикува Харвардскиот модел на студии по бизнис; Во текот на наставната година, а не само во текот на фериите, уште од почетокот на работата во 2008 се реализира теренската студентска практика (ТСП) која на ниво на држава е озаконета две години подоцна - во 2010 година. За оваа практика се грижат координаторите на БАС и посебно избрани и од страна на БАС обучени ментори за ТСП. Секој нов наставник на БАС се вработува по претходно поминат процес на хабилитациона проверка на неговиот потенцијал за практикување на стилот на ДЕАН, а потоа континуирано се дообучува и усовршува за практикување на тој стил на студирање во конкретната наставна област за која е избран - објаснува Смилевски.

Токму овој стил на студирање на БАС, смета професорот, покрај личното задоволство на студентите од самиот процес на студирање, на личен и општествен план се евидентираат посакуваните ефекти од секој вид на професионално образование.

- Тоа се висок процент на вработување на дипломираните редовни студенти во првата година по дипломирањето и редовно напредување во повисоките менаџерски позиции на вонредните студенти и студентите на мастер студиите по стратегиски менаџмент - завршува Смилевски.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование