X
 27.07.2017 Издвојуваме

Бојан Јованоски, продекан за настава на Машинскиот факултет - Скопје: Новата академска година ја почнуваме со редизајнирани студиски програми

Имаме многу случаи кога на бранењето на дипломската работа (последната фаза од студирањето), на самиот јавен чин, присутен е и генералниот менаџер на претпријатието каде што кандидатот имал пракса или ја изработувал дипломската. Со самото завршување на одбраната се понудува и договор за работа, со што се добива признание за посветеноста на студентот, идниот инженер – објаснува доцент Бојан Јованоски, продекан за наставна дејност на Машинскиот факултет од Скопје.



Со редизајнирани студиски програми, направени по долготраен процес на анализа и соработка со стопанството, Машинскиот факултет во Скопје ќе ја започне новата студиска година. Новите студенти ќе имаат привилегија да учат по најсовремени и квалитетни студиски програми. Продеканот за наставна дејност, доцент Бојан Јованоски, за Факултети мк, детално ги објасни промените, можностите што ги нудат студиите на Машинскиот факултет - Скопје за новите студенти да може мудро да ја изберат својата идна професија.

-Потрошивме многу време во анализа на 50. најдобри универзитети според Шангајската листа и истражување на сродни, квалитетни студиски програми. Тоа доведе до редизајнирање на нашите постојни студиски програми, нивно усовршување и осовременување. На нашата веб-страница www.mf.ukim.edu.mk има повеќе детали за секоја студиска програма од прв циклус. Покрај задолжителната активност за обновување/воведување студиски програми според Законот за високо образование, во текот на оваа година се оформи и Комисија за студентски проекти, составена од младиот и мотивиран кадар на нашиот факултет. Таа активно работеше во текот на оваа година заедно со нашите најдобри студенти и веќе има подготвено неколку проекти што ќе стартуваат од септември. Во процес сме на набавување дополнителна опрема и редизајнирање на простории само за ваквите активности. Проектите се наменети само за студентите. Кај повеќето проекти, студентите ќе треба да вложат голем напор за да ги комплетираат задачите што ќе им бидат дадени. Ќе се тестираат нивната креативност, издржливоста, работата во тимови и слично. Некои од проектите се изработуваат во соработка со претпријатија, наши ценети долгогодишни партнери. За сите овие работи ќе правиме и промоција со цел да се добие на масовност и да покажеме што можеме да понудиме како факултет – вели Јованоски.

Големи можности за пракса

Од септември на Машинскиот факултет - Скопје ќе бидат активни и повеќе од 30 стипендии за студентите на факултетот, дополнително од стипендиите што ги нуди Министерството за образование и наука. Овие стипендии се понудени од неколку фондации или од претпријатија, но и од самиот факултет. Јованоски вели дека имаат долгогодишна соработка со овие партнери, но целта е таа листа да се зголеми и да се понудат уште повеќе стипендии во следните години.

- Како најактивни може да ги издвоиме ЕЛЕМ, Фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“, „Раде Кончар“ ТЕП, ФЗЦ Куманово, Фондацијата за наградување и стипендирање студенти „Анѓушев“, „Окта“ и други. Самиот факултет покренува една нова програма преку која би се стипендирале најдобрите 11 студенти секоја година, почнувајќи од првата година. По еден студент од секоја студиска програма. На тој начин, во следните неколку години ќе се понудат дополнителни 33 стипендии за студентите на Машинскиот факултет – Скопје. Идејата е овие стипендисти од самиот факултет да бидат вклучени во најразлични проекти на факултетот, да добијат увид во работата на факултетот, да бидат пример за другите студенти од генерацијата и слично. Покрај ваквите стипендии, студентите имаат огромни можности и за пракса во претпријатија. Тоа им дава можност да се запознаат со реални процеси и реални проблеми. Но, исто така, тоа им е шанса да се покажат и пред работодавците уште во времето на студирањето. Многу од паметните претпријатија ја користат оваа шанса за да ги запознаат кандидатите пред самото вработување. Имаме доста случаи кога на бранењето на дипломската работа (последната фаза од студирањето), на самиот јавен чин, присутен е и генералниот менаџер на претпријатието каде што кандидатот имал пракса или ја изработувал дипломската. Со самото завршување на одбраната се понудува и договор за работа, со што се добива признание за посветеноста на студентот, идниот инженер. Ваквите и слични примери ни покажуваат дека нашите студенти се подготвени за работа во индустријата – вели тој.

Во Словенија, производители на машини имаат огромна соработка со универзитетите, па им подаруваат најнови машини.

Машинската индустрија постојано е во развој, па клучно за образованието на идните студенти е токму следењето на тој процес и вметнувањето на новините во наставните содржини. Јованоски објаснува дека темелите на Индустријата 4.0, или новата индустриска револуција, веќе се поставени, а како изворно место се смета Германија. Потенцира дека ние, како држава и индустрија, сме далеку од неа, но мораме да ги подготвуваме нашите кадри за иднината.

- Од тие причини, вклучени се и професори од други факултети со цел да се понуди пошироко знаење за нашите студенти. Во Македонија се зголемија производните капацитети, а со тоа и побарувачката за машински инженери. Тоа е навистина добар податок за нас како установа која продуцира такви кадри. Побарувачката за таков специфичен кадар е навистина зголемена, додека бројот на запишани/дипломирани на нашиот факултет не е драстично променет во последните неколку години. Имам впечаток дека бројката на потенцијални вработени е помала од минатото и дека побарувачката уште ќе расте во иднина. Се надеваме дека средношколците, потенцијалните наши студенти, ќе ја препознаат оваа можност и ќе се запишат на Машинскиот факултет во Скопје.

Соработката со индустријата е исто така клучна во создавањето квалитетен кадар од машинската индустрија. Јованоски смета дека таа треба да се подигне на едно друго ниво.

-Имаме огромен број случаи каде што нашите студенти многу брзо и соодветно се вклопиле во работната средина на претпријатието. И тоа е win-win ситуација за сите - и за студентот и за претпријатието. Но, не е секогаш така. Мораме да бидеме свесни дека преминот од статусот „студент на факултет“ во вработен е еден од најголемите во животот на секој човек. Дополнително на ова, многу од нашите претпријатија не се подготвени да инвестираат во нов вработен и самите очекуваат дипломираниот инженер веднаш да се вклопи во новата средина. Тоа е навистина тешко, прави голем притисок врз нововработениот и можностите за грешка или неисполнување на сопствениот капацитет се големи. Од друга страна, ние како факултет навистина се трудиме, се стремиме и сакаме сите наши студенти да бидат подготвени за индустријата. Но, пазарот е толку динамичен што е навистина тешко сами да го одиме тој пат. И самите знаете дека инвестирањето во високото образование е сведено на минимум, а за нашите лаборатории со машини и софтвери потребно е постојано инвестирање. Нема да го заборавам примерот од Словенија каде што еден производител на машини постојано им „дарува“ нови модели на машини на кои работат и самите студенти. Штом ќе излезе нов модел од тој тип машина, производителот ја повлекува старата, а им ја подарува новата машина. Целта е многу јасна – секој студент од тој факултет ќе биде оспособен да работи на таа машина, а неговиот иден работодавец нема да треба да инвестира од нула. Ваквото или и помало „инвестирање“ во Македонија е многу тешко да се најде, ако не и невозможно – вели Јованоски.

Редизајнирани студентски програми

Автоматизација и управувачки системи

Енергетика и екологија

Хидраулично енергетско инженерство

Индустриско инженерство и менаџмент

Мехатроника

Материјали, процеси и иновации


Моторни возила


Производно инженерство


Термичко инженерство



Транспорт, механизација и логистика


Индустриски дизајн




Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме