X
 28.07.2017 Образование

Интервју со доц. д-р Марјан Ѓуровски, продекан за наука и развој на Факултетот за безбедност-Скопје: „Ќе вложуваме во развивање на дигиталните облици на истражување“

1

Вам, како дел од тимот на новиот декан на Факултетот за безбедност-Скопје, професорот Никола Дујовски, од страна на Наставно-научниот совет ви е доверен ресорот за наука и развој. Кои се вашите приоритети во работењето заедно со деканот Дујовски?


Факултетот за безбедност – Скопје е  иновативна и препозната институција за образование, истражување и развој во полето на безбедноста во земјата и регионот. Нашата основна мисија е да придонесеме за зголемување на стабилноста и безбедноста во општеството преку учење, создавање професионален кадар и спроведување истражувања и развојни активности во полето на образованието, науката и безбедноста.

Особено внимание е посветено на науката и развојот на факултетот. Научноистражувачката работа е клучна за градење на капацитетите и квалитетот и на наставата и на наставниците. Овој дел е соодветна можност за позначителен раст на Факултетот за безбедност, кој е ориентиран кон апликативни истражувања и развојни активности за безбедноста (домашна и меѓународна) и кон субјектите за спроведување на законот, како што се ефективното современо полициско работење, криминологијата, криминалистиката, безбедносниот систем, како и модернизацијата на цивилните служби.

Кај нас се поставуваат принципи раководени од максимата образование-истражување-иновации. Високото образование е свет исполнет со креативност и неограничени можности. Затоа сме насочени кон поврзување на образованието со квалитетни истражувања кои ќе доведат до иновации и нови модерни решенија за современите предизвици. Факултетот за безбедност има одредено учество во меѓународни универзитетски научноистражувачки мрежи и асоцијации. Учеството во работата во органите на Асоцијацијата на европски полициски колеџи досега не даде некои позначителни резултати. Во иднина ќе се насочиме кон активности што ќе ги максимираат придобивките од соработката со оваа асоцијација. Факултетот за безбедност е контакт-институција за соработка со CEPOL (Полициски колеџи на Европа) кои во последните неколку години посветуваат поголемо влијание на истражувањата. Ќе посветиме особено внимание на соработката и со ова значајно тело на Европската комисија, кое ја промовира соработката преку образование. Факултетот има сеопфатен процес на промоција на квалитетни научни истражувања за општествените услови, со посебен акцент на истражувања од областа на безбедноста.

Факултетот за безбедност се наметнува како лидер во иновативност во научните полиња и области што ги покрива. Институцијата е  препознатлива кај сите државни органи во системот на националната безбедност, како сериозен партнер кој ќе понуди истражувања и можни решенија за безбедносните предизвици. Воедно се работи на воспоставување посилна врска помеѓу наставата, науката и истражувањето на сите нивоа на студии со цел потикнување на професорите и студентите да иницираат активности со кои ќе се развијат креативноста, иновативноста и претприемаштвото кај наставниот кадар и студентите.

2

Стратешкото планирање има суштинско значење за обезбедување континуитет во спроведувањето на политиките и долгорочните стратешки приоритети и цели на Факултетот за безбедност во научноистражувачката работа. Токму затоа е отворена широка дискусија од која ќе произлезат контурите на развојот на Факултетот и градење на капацитетите за научноистражувачката работа.
Основен приоритет од кој ќе произлезе идниот развој на Факултетот ќе биде донесување Стратегија за развој на Факултетот за безбедност за периодот 2018-2025 година. Постапката на Факултетот за безбедност веќе е започната, се формира работна група која ќе има цел да ја подготви стратегијата за развој на Факултетот преку внатрешна и јавна дебата. Заради поттикнување на науката и развојот, ќе бидат искористени можностите на отворениот простор за соработка во областа на науката, а особено со следните организации и програми: UN, UNIDO, UNDP, UNEP,  GIZ, USAID, SIPPO, SIDA, OECD, Светска банка, како и со центрите за трансфер на технологии - University Tehnology Transfer Office, Центар за компетенции – University Center of Competence, Центар за знаење – University Knowledge Center.

Би сакал да нагласам дека Факултетот за безбедност веќе осма година по ред ја организира една од најдобрите и реномирана меѓународна научна конференција од областа на безбедноста што се одржува во Охрид. Бевме домаќини на над 100 професори од 15 земји од регионот, ЕУ, САД и др. Имавме главни предавачи, панел-дебати и дискусии со кои може да кажат дека го зазедовме лидерското место за конференциски дебати, со што се зајакнува врската на Република Македонија со академската заедница во Европа и пошироко.

Деканатскиот менаџмент на Факултетот за безбедност-Скопје во изминатите два месеца имаше серија средби со првите луѓе на министерствата и агенциите од безбедносниот систем на Република Македонија. Кој е Вашиот заклучок и порака од сите тие средби и разговори што ги имавте и ќе ги имате во претстојниот период?

Факултетот за безбедност-Скопје ја има возобновено директната врска со безбедносните институции во земјата создавајќи професионален и компетентен кадар за неговите потреби, во континуитет се дава акцент на прашањето за државните институции, во своите систематизации и пополнување на работни места постојано го препознаваат профилот на дипломиран студент на Факултетот за безбедност-Скопје.

Овој факултет е 40-годишна високообразовна институција, на почетокот единствена на просторите на поранешната СФРЈ и во континуитет гради и воспоставува нови меѓународни стандарди за едукација од областа на безбедноста, евроатлантските интеграции, криминалистиката, криминологијата, финансиската контрола и др. Системот за безбедност и одбрана на државата е еден од виталните столбови на секоја современа држава.

Образовниот процес секако дека има клучна улога во унапредувањето на системот на безбедност и одбрана. Само добро образовани кадри можат да придонесат во следењето и анализата на безбедносните состојби и предизвици и во креирањето современ систем на безбедност и одбрана. Безбедноста не е проблематика на моментот или на трендот. Таа е прилично жива материја која нужно бара едно подолгорочно концептуално фундирање, но притоа и постојано приспособување, односно надградби на нејзините системи, инфраструктура, човечки и технички ресурси. Познато е дека и разните предизвици и закани не се еднолични, туку напротив, тие се менливи и прилично динамични со цел секогаш и секаде да ги детектираат и исползуваат слабите точки на системот. Покрај тоа, тука се и ризиците од безбедносни кризи предизвикани од природните фактори кон кои, исто така, институциите секогаш треба да имаат адекватен одговор.

Една од примарните задачи и должности, пред сè на секоја држава, е да воспостави силен и сеопфатен безбедносен систем кој ќе може да биде целосно функционален и ефикасен, независно од видот и степенот на закани. Во исто време тој систем мора да биде максимално флексибилен и кооперативен за секаков облик на соработка и дејство со друг таков систем, оти јасно е дека предизвиците со кои се соочуваме денес не секогаш имаат национален предзнак, односно проблемите што можат да се испречат пред нас еднакво може да ги чувствуваме сите ние во еден поширок регион. Оттука, размената на искуства, заедничките истражувања на високообразовните институции од регионот помогнати од меѓународните организации може да придонесат кон одговарањето на безбедносните дилеми и проблеми во регионот.

Кои новитети планирате да ги воведете во системот на образование и обука на Факултетот за безбедност-Скопје во претстојниот период?

Факултетот за безбедност обезбедува континуирана поддршка и постојано унапредување на наставно-образовниот процес. Секој што ќе се определи да студира на нашиот Факултет ќе се увери дека станува збор за  средина на стимулативни и интерактивни предавања, а во центарот на вниманието секогаш е студентот. Како резултат на тоа, студентите се мотивирани и инспирирани, слободно ги изнесуваат своите ставови за наставата, но и за безбедноста како суштински сегмент на општественото живеење. Во иднина ќе се вложува во развивање на дигиталните облици на учење со цел да се олесни дисеменирањето на домашни и светски научни достигнувања од областа на безбедноста. Заради осовременување на условите во кои се изведува наставата, се создадат технички услови најмалку во една предавална за настава на Факултетот да има конференциска врска. Во еден од тие проекти ќе се овозможи предавачи и надвор од Република Македонија да држат предавања за студентите на прв, втор и трет циклус студии. Покрај тоа, ќе се набави електронска табла, со што барем делумно ќе се заменат таканаречените „зелени“ табли. Од овој проект се очекува зголемен квалитет на наставата и зголемен интерес кај студентите за следење на наставата.

Каква можност им се дава на студентите да стапат во контакт со нивните идни работодавци и да ја одржуваат таа врска уште од нивното влегување на факултет?


Особено значаен проект се предвидува за студентите во завршната година на студирање. Имено, во последниот семестар од студиите од прв, втор или трет циклус, Факултетот за безбедност ќе организира Денови на кариера кои ќе претставуваат еден вид саеми за вработување на кои ќе бидат претставени потенцијалните работодавци и можности. Овој проект ќе придонесе за дополнителна популаризација на студиите на Факултетот за безбедност. Ваквиот пристап ќе овозможи таканаречена win-win ситуација, односно корист ќе имаат студентите, кои ќе бидат во можност да се запознаат со можностите за вработување и да направат процена за развојот на својата кариера, работодавците, кои ќе се запознаат со профилот и знаењата кои ги стекнале студентите на Факултетот, но и самиот Факултет, кој ќе биде препознатлив во општеството како институција која се грижи за студентите и по нивното дипломирање.

3

Матурантите во земјата се наоѓаат пред дилемата каде да го продолжат своето образование. Што им нуди Факултетот за безбедност-Скопје во делот на студиските програми од прв циклус за студирање?
Факултетот за безбедност од Скопје на 15,16 и 17 август ги отвора вратите за упис на 660 студенти на пет студиски програми за прв циклус на студии. Завршените средношколци може да избираат дали своето образование ќе го продолжат на студиските програми за безбедност, безбедност и евроатлантски интеграции, безбедност и финансиска контрола, криминалистика и криминологија. Оваа година првпат стартуваат некои нови програми, со што се одговара на потребите од кадар за безбедносниот систем на Република Македонија и неговата трансформација. По завршувањето на студиите ќе се здобијат со диплома на најстариот факултет од областа на безбедноста, со што им се отвораат вратите за вработување во безбедносните институции и недржавните актери од безбедноста. Доколку ги запрашате нашите сегашни студенти, сигурен сум дека ќе се определат повторно да студираат на Факултетот за безбедност и ќе го направат истиот избор. Многу студенти што го завршиле овој факултет денес се наоѓаат на високи позиции во безбедносниот систем на Република Македонија и јавниот живот во државата.
Во дел од предметите што се изучуваат е напуштен  екс катедра-системот, бидејќи акцентот се става на интеракција меѓу професорот и студентот, реализација на повеќе вежби, сценарија, практична обука. По дипломирањето студентите од Факултетот за безбедност-Скопје постигнуваат одлични резултати во работењето и веќе 40 години се продуцира квалитетен кадар за потребите на сите институции: Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, Армијата на Република Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, приватните агенции за обезбедување, финансиската полиција и др.

На Факултетот за безбедност се применува практичен пристап на стекнување на теоретските знаења, со што студентот добива три во едно - високо квалитетна едукација, задолжителна практична работа, мобилност надвор од факултетот и контакт со студенти и професори од првите 500 универзитети на Шангајската листа. Има професори од  академската заедница, како и од пракса и од институциите, со што се прави успешен спој. Организираме зимски и летни школи за безбедност, меѓународни научни конференции, дебати и тркалезни маси, безбедносни кампови за обука и едукација, примена на истражувачките алатки, пракса и можност да влезат во лабораторија, тренинг-центар, да дојдат до контакт за начинот на користење, чување, вооружување и опрема.

Оваа година првпат ќе запишете студенти на студиската програма за безбедност и евроатлантски интеграции. Што им нуди оваа програма и какви можности добиваат студентите доколку се определат да се запишат на неа?

3

Студиската програма по безбедност и евроатлантски интеграции ќе профилира кадри кои, во согласност со концептот на модерното универзитетско образование за непосредно поврзување на теоријата и практиката, ќе се стекнат со знаења и вештини за: современите трендови во евроатлантските интеграциски процеси и перспективи; развој на политики во сите сфери на општественото живеење поврзани со процесот на европските и евроатлантските интеграции и безбедност; менаџирање со проекти финансирани и поддржани од европските фондови; општествените противречности, конфликти и други облици на деструкции кои го дестабилизираат и рушат политичкиот, економскиот и безбедносниот систем на Република Македонија и формите и начините за превентивно и репресивно дејствување со цел попречување и сузбивање на споменатите појави. Мисијата на студиите е научно спознавање и обука во областа на европските и евроатлантските интеграции со етаблирање на стандарди и нормативи на Европскиот образовен систем. Целите на овие студии се јасно детерминирани. Посебна цел на студиите претставува: едуцирање на кадри кои ќе бидат носители на реформите во општествениот, политичкиот, безбедносниот, економскиот, социјалниот живот во Република Македонија и кои ќе бидат подготвени за соодветна и квалитетна имплементација на стандардите што се применуваат во земјите членки на Европската Унија, со цел успешно спроведување на промените, зачленување и развој на Република Македонија како членка на ЕУ и НАТО. Во процесот на преговарање за членство во ЕУ и во НАТО, токму овие кадри ќе бидат носечки во интеграцискиот процес. Потребата од ваков профил на кадри во Република Македонија е повеќе од актуелна. Прашањето околу кое постои општ консензус кај сите општествено-политички и економски фактори во државата, а кое во исто време има силна поддршка од граѓаните, е прашањето за зачленувањето на државата во ЕУ и во НАТО. Република Македонија очекува датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Во меѓувреме, државата ги презема потребните мерки и активности околу усогласување на законодавството со acquits communitarian на Унијата. Покрај хармонизацијата за законодавството, државата се обидува да ги зајакне институционалните капацитети за спроведување на истото. Зајакнувањето на институционалните капацитети според евалуациите на националните и меѓународните фактори најмногу се однесува на соодветно менаџирање со човечките ресурси и градење организација темелена врз знаење и континуирано усовршување. Во следните фази од процесот на пристапување кон членството во ЕУ и во НАТО ќе биде потребно да се формираат повеќе владини и невладини тела, кои произлегуваат од обврските за членство, а ќе се занимаваат со прашања поврзани со подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните на Република Македонија во економска смисла, но и од аспект на гарантирањето и почитувањето на човековите права и безбедноста. Отсуството на соодветен кадар за реализирање на оваа задача е повеќе од очигледно. Програмата за прв циклус студии по евроатлантски интеграции (ЕУ и НАТО интеграции) ќе едуцира кадри кои ќе бидат способни да ги водат реформите во јавниот сектор во државата. Сите органи на државната управа (министерства) во Република Македонија имаат сектори за Европска Унија. Во рамките на Владата на РМ функционира Секретаријатот за европски прашања. Сите тие имаат кадровски недостиг на стручни и професионални работници, со академски знаења за ЕУ и НАТО, односно за евроатлантски интеграции. Покрај министерствата и другите органи во состав на Владата, потреба од ваков кадар имаат и единиците на локалната самоуправа во Република Македонија, невладиниот сектор, медиумите и многу други правни субјекти кои преземаат активности во сферата на евроатлантските интеграции на државата. Студиската програма ќе овозможи квалификации на студентите за работа во научноистражувачки институции, меѓународни владини и невладини организации, национални владини, невладини, консултантски институции. Студентите ќе се здобијат со знаења и вештини за работа во институциите на ЕУ и НАТО. Студиската програма по безбедност и евроатлантски интеграции е препознатлива, односно е споредлива со студиски програми на високообразовни институции во земјите на Европската Унија, особено со земјите што се наоѓаат во постинтегративниот мониторинг и земјите аспиранти за членство во ЕУ и во НАТО. Тоа создава претпоставки и услови за меѓународна соработка, размена на искуства и добри практики, помош во спроведување научноистражувачки проекти и мобилност на студентите.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование