X
 03.08.2017 Образование

Даниела Иванова дипломира на ТМФ со просек 10, примена е на шест светски универзитети

Дали можете да замислите да сте тазе дипломец и на дофат на рака за последипломски студии да ви се шест светски познати универзитети? Со ваква слатка мака деновиве се соочува Даниела Иванова, која дипломирала на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, на новата насока Инженерство на материјали и нанотехнологии, со просек 10. Таа аплицирала и е примена на шест познати универзитети и сега треба да одлучи кој ќе се грижи за нејзиното идно образование.



-Примена сум нa четири универзитети во Германија: универзитетот Christian-Albrechts во Киел, на Универзитетот во Аугсбург, универзитетот Ruhr во Бохум и универзитетот Friedrich Schiller во Јена. Освен во Германија, примена сум и на Техничкиот универзитет во Мадрид, Шпанија, и универзитетот Шефилд во Англија. Воопшто не ни сонував дека може да бидам примена на овие универзитети и сум пресреќна. Во мојот потесен избор за постдипломски студии се оние во Киел, Аугсбург и Бохум. Во Киел и во Аугсбург, насоката на која сум примена е Наука за материјалите и инженерство, програма на постдипломски студии во период од 4 семестри, односно 2 години. А на универзитетот Ruhr во Бохум насоката е Наука за материјалите и симулација, 4 семестри. Сѐ уште ги разгледувам предностите што ги нуди секоја од институциите и немам донесено конечна одлука во однос на тоа каде ќе го продолжам моето образование. Се надевам дека ќе го направам вистинскиот избор – вели Иванова.

Самото аплицирање за студии барало многу труд и време бидејќи барањата во процесот на аплицирање се разликуваат кај секој универзитет. Еден од најважните фактори е академскиот успех на студентот и доказ за познавање англиски јазик (таа полагала TOEFL).

- Освен тоа, особено ценат доколку студентот зел учество во различен тип активности. Затоа и сметам дека и самите универзитети знаат да го препознаат секој студент што е подготвен за пробување нови активности и за справување со предизвици.

Од студиите на ТМФ најмногу ѝ се допаѓа фактот дека има одлична комуникација меѓу студентите и професорите. Веќе во втора година студентите на ТМФ се поделени според своите насоки и наставата се одвива во релативно помали групи. Таа смета дека токму овој начин овозможува подобро совладување на материјата и поопуштена атмосфера за работа.

- Професорите се секогаш отворени за да помогнат и успеваат да придонесат во развивањето на амбициозноста кај самите студенти. Една од предностите при студирање на ТМФ е и можноста на студентите да учествуваат на државни и меѓународни конгреси и настани преку наставниот кадар на факултетот. Моето прво учество беше на Студентски конгрес по чиста и примената хемија на СХТМ (XI Students’ Congress of Pure and Applied Chemistry оf SCTM) во 2015 година во Скопје, на тема „Механичка активација на наноалумина“(“Mechanical activation of nano alumina”). Постерот за овој научноистражувачки труд беше изложен на саемот ТЕХНОМА 2015, во делот на млади истражувачи. Морам да го споменам и учеството на Меѓународниот конгрес на студентите на технологија „Јас сум технолог на иднината“ (“Međunarodni skup studenata tehnologije X „Ja sam tehnolog budućnosti“), во 2015 година, во Нови Сад, Србија. На овој студентски конгрес го презентирав научноистражувачкиот труд на тема „Влијанието на механичката активација врз микроструктурата на керамичките материјали (наноалумина и летечката пепел)“ (“The role of mechanical activation on the microstructure of ceramics (nano alumina and flyash)“). На 5 ноември 2016 година во Белград, Србија, се претставив на четвртата конференција на млади хемичари, на тема „Активноста на сензорот проследена преку промената на кондуктивноста на PMMA/CNTs нанокомпозитот како потенцијален материјал за сензор“ (“Sensors activity followed through conductivity changes in PMMA/CNTs nanocomposites as a potensial sensor material“). Овие учества ми се огромен поттик во моето понатамошно образование и напредок – објаснува таа.



И изучувањето на науката преку практична настава, односно лабораториски вежби кои не недостигаат на ТМФ исто така ѝ дале добра основа. Таа вели дека присутна е и теренска настава која се одвива во разни индустрии и лаборатории, со цел да се поврзе теоријата со праксата.

- Она што мене најмногу ми се допадна е фактот дека факултетот континуирано одржува добра соработка со компаниите во Македонија. Согласно Законот за високо образование, студентите на ТМФ се обврзани да имаат практична настава, најмалку 30 дена во текот на летниот период, што овозможува постепено да се стекнеме со знаења за практичниот дел, и да се направи аналогија со теоријата. Фирмите за пракса се од различни области на индустријата, и при престојот имаме можност да се запознаеме со самиот процес, практичните проблеми и решенија – вели таа.

Инаку, летната стручна пракса во 2014 година ја реализирала во ДПТУ „Хемија Комерц“ ДООЕЛ Трајче, Велес, каде што директно се запознала и истражувала во областа на керамиката, конкретно за методот на шликерно одливање како метод за формирање керамички маси. Оваа година се стекнала со практично искуство во Цементарница УСЈЕ АД Скопје, во секторот за контрола на квалитет. 

Како дипломиран инженер-технолог од инженерство на материјали и нанотехнологии, можности за вработување има во фабрики за производство, во центри за истражување, консалтинг-фирми, образовни институции.

- Оваа област на инженерството нуди широк спектар на области за специјализација. Затоа секој лично може да си одлучи во која насока сака да се насочи, било да е тоа во лабораториски услови за развој и дизајнирање на материјали било во индустрија за производство на материјали. Моите планови засега зависат од мојот избор на универзитет за постдипломските студии и продолжување на континуитетот во понтамошното образование. Откако мојата одлука ќе направи чекор, знам со сигурност дека ќе се соочам со ново искуство кое ќе ми покаже дека животот е една листа од желби за кои ако се осмелиш, се претвораат во животни цели. Една оформена цел е половина успех – вели Иванова.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование