X
 28.08.2017 Образование

Подгответе го детето за во градинка или училиште за само неколку дена

деца училиште

Летото и годишните одмори се при крај и повторно се враќа септември со рутина што вклучува бројни училишни и работни обврски. После три месеци уживање, децата одеднаш треба да заборават на спонтаноста и да започнат со однесување според распоред и календар. Како да го постигнат тоа во само неколку дена и дали е воопшто изводливо?

Да - ако родителите сериозно ја сфатат оваа задача и се однесуваат според правилата.

1. Планирано легнување во кревет порано


После распустот, кога децата си легнуваа подоцна, ниту едно дете нема да сака да си легне во 20 часот. На секое родителско: „Мораш порано да си легнеш за утре да станиш рано“, сите родители го добиваат одговорот: „Ќе станам!“ иако сите знаеме како изгледа ваквото будење.

За да нема солзи и нервоза во првите денови од адаптацијата на рано станување и одење во градинка или на училиште, добро би било планирано да го поместувате легнувањето.

Што значи тоа? Секој ден поместувајте го одењето во кревет за половина час порано.

На овој начин за само неколку дена ќе го промените распоредот на спиење за неколку часа и ќе му помогнете на детето полесно да стане во септември и да се вклопи во училишната рутина. Ненадејните промени кај децата предизвикуваат отпор и незадоволство.

2. Реорганизација на вечерните активности

Одложете ги или поместете ги во некој друг термин, вечерните активности од кои детето не спие. Полека откажувајте ги доцните дружења и посетите, доцните излегувања надвор и наместо тоа организирајте вечерно капење, читање, редење сложувалка, цртање и други активности што ќе го смират детето и ќе го подготват за одење во кревет.

3. Ограничување на времето поминато пред екран

После летниот период полн со цртани филмови, апликации, таблети и компјутерски игри, тешко е да кажете „Не, не може повеќе“. Секако дека не треба целосно да им ја забраните употребата на модерната технологија, но времето и начинот на употреба треба да се намалат.

Ограничувањето на времето поминато пред екраните се организира така што детето нема да почувствува дека нешто му забранувате или не му дозволувате, туку дека станува збор за штедење на време за други активности. Наместо екран, на детето понудете му разни забавни и едукативни играчки, книги, поканете ги неговите другарчиња, излезете надвор, играјте друштвени игри.

4. Подготовка на училишниот прибор

Поради гужвата во книжарниците, купувањето на училишниот прибор знае да биде една од неомилените активности за сите родители. Предлагаме во оваа работа да го ангажирате и детето, и на тој начин да му ја доближите училишната година и сето она што го носи таа. Изберете дел од денот кога ќе има најмалку гужва на овие места и направете заедничка шопинг-авантура.

На тој начин детето ќе знае дека училиштето е навистина блиску, па треба да се подготви за него. За децата што ќе одат во градинка, важи истото правило. Вклучете ги и нив во подготвување на ранецот и неговата содржина, пакување на резервни пелени, облека, патики и сето она што го подготвувате за нив.

5. Училишна атмосфера во домот

Во последните денови од август, направете училишна атмосфера во вашиот дом. Читајте песни и приказни за на училиште, слушајте музика за деца чија тема е училиштето и што повеќе зборувајте за сето она што го носи септември. Вклучете го детето во сите подготовки: опремување на работната маса, едукативни играчки, менување на распоредот на мебелот итн.

Прашајте го детето што мисли и како се чувствува поради новата училишна година. Проверете ги стекнатите знаења и планирајте заедно што ќе учите во наредниот период: дали тоа ќе бидат букви, броеви, цртање, спортски активности...

Направете голем ѕиден календар од септември и заедно во него напишете што ве чека во текот на овој месец. Календарот ставете го на видно место и редовно допишувајте ги планираните обврски: родителските состаноци, шопингот, фризер, сервис на автомобилот и сите други работи што ве поврзуваат со новата учебна година.

6. Запознавање со објектот

Доколку вашето дете не ја знае зградата каде ќе престојува од септември, добро би било да направите една обиколка и да му покажете кој ќе биде неговиот „втор дом“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование