X
 15.09.2017 Образование

Што им ја убива желбата за учење на нашите основци: Приковани за клупите, принудени да молчат, ги губат креативноста и слободата

- Заморно е да се седи и да се слуша монолог од 40 минути, за после пет минути одмор, повторно да слушате монолог од 40 минути. Во периодот кога на децата им е најпотребно да се движат, да истражуваат, да бидат физички и ментално активни, принудени се како под „казна“ мирно да седат во четири ѕида. Детето не разбира зошто одредени работи мора да ги знае и креира став дека таквото учење е без цел и дека со знаењето добива само оценка во дневник – вели психологот и психотерапевт Милка Ололоска.



- Не сакам да одам на училиште, таму само се седи во клупа, ние сакаме да сме надвор и да играме. Ова ни го одговори осумгодишната Јана кога ја прашавме дали сака да оди на училиште. Општиот впечаток за македонските ученици е дека баш и не го сакаат училиштето. Родители се жалат дека едвај успеваат да ги натераат децата да ја напишат домашната работа, да научат лекција, песничка или да прочитаат лектира. Некои дури со тешки маки успеваат да ги однесат на училиште. Сликата, за жал, треба да е сосема спротивна. Педагозите велат дека децата треба да се радуваат на секој училиштен ден, на секоја научена лекција, да чувствуваат успех кога ќе научат, да се гордеат со себе... Зошто тогаш голем дел од македонските ученици се мрзоволни кога е во прашање учењето?

Времињата не се најдобри за никого, а најмалку за децата

Психологот и психотерапевт Милка Ололоска објаснува дека децата ја сакаат слободата, а во училиштето ја нема. Ниедно дете не сака мирно да седи половина ден, затворено во просторија, приковано за школската клупа, принудено да молчи и да мирува. - Заморно е да се седи и да се слуша монолог од 40 минути, за после пет минути одмор, повторно да слушате монолог од 40 минути. Во периодот кога на децата им е најпотребно да се движат, да истражуваат, да бидат физички и ментално активни, принудени се како под „казна“ мирно да седат во четири ѕида. Детето во првите години од животот минува низ процесот на природното учење кое го развива низ игра (тоа, пак, му овозможува чувство на задоволство, развивање креативност, фантазија, па и логично размислување). Училиштето наметнува учење како цел само за себе. Детето не разбира зошто одредени работи мора да ги знае и креира став дека таквото учење е без цел и дека со знаењето добива само оценка во дневник – вели Ололоска.

Впечатокот дека децата не сакаат да одат на училиште, што го имаат родителите, според педагогот Убавка Булеска, кажува дека нешто не е во ред.

Таа смета дека овој впечаток може да е предизвикан од неколку фактори како, на пример, очекувањата од родителите и колку тие очекувања се во согласност со потребите, можностите и желбите на децата, лошите услови во некои од училиштата, како материјални така и во однос на климата во нив.

- Исто така, и директното незадоволство на родителите од она што го учат нивните деца, т.е. барањата од наставните програми што го проектираат како незадоволство од начинот на кој наставникот ги поучува учениците. Времињата не се најдобри за никого, ниту за родителите, ниту за наставниците, а најмалку за учениците. Така, сите со своите фрустрации и незадоволства што се поттикнати од нешто друго, сметаме дека сме најмногу во право за сè што бараме. За жал, повторно најмногу губи детето, бидејќи тоа не би знаело да каже што е за него најдобро или не знаеме како да го прашаме што сака и што му треба – вели Бутлеска.

Помнењето без смисла ја задушува креативноста кај децата

Наставничката Сашка Јордановска од Куманово, која предава во петто одделение, забележала дека помладите генерации се сè помалку заинтересирани за училиштето и се мрзоволни кон самата настава и учењето.

- Сето тоа, според мене, е поради преголемата оптовареност во самата настава, големиот неделен фонд на часови (дури 31 во петто одделение). Влијае и обемниот материјал, кој воедно е и несоодветен за нивна возраст, и многуте промени во наставата што се случија за краток временски период. Исто така, сметам дека децата се премногу ангажирани во воннаставни активности, што придонесува за мрзоволноста кај основците – вели Јорадановска. Психологот Ололоска додава дека односот наставник-ученик за голем број деца е потенцијален проблем и поради тоа детето може да се чувствува непријатно. Потоа тука се и дел од учебниците кои содржат многу податоци и фактографски факти, кои не само што е тешко да бидат запомнети туку заземаат место во меморијата за некои корисни информации.

- Меморирањето без одредена смисла ја задушува креативноста и предизвикува одбивност. Ученикот не е во можност да изрази незаинтересираност за некој предмет (или некои наставни содржини), а за тоа да не биде критикуван. А тоа само по себе е фрустрирачко. Во рамките на училиштето се случува и булинг (кога некои деца кон другите деца се однесуваат агресивно), па таквите деца се маргинализирани од поголемата група врсници, што има негативна рефлексија кај истите – смета Ололоска.

Бидејќи овој проблем е сложен и систематски, па секое дополнително анализирање ќе нè принуди само да се вртиме во круг и да се враќаме на почетокот, педагогот Бутлеска нуди некои решенија. Прво, потребно е да се подобрат материјалните услови во училиштата, архитектура, мебел, нагледност, исхрана, можност за подолг престој.

- Треба да се зголеми квалитетот на наставните програми и на учебниците, да се намали фондот на часовите, посебно во одделенска настава (ова не значи намалување на времето поминато во училиште), да се врати дигнитетот на наставничката професија, а треба да се даде приоритет за квалитетен и одржлив професионален развој на наставниците – вели Бутлеска.

Според неа, потребна е и едукација на родителите или барем создавање услови и одржување редовни контакти меѓу училиштето и семејството.

Како децата со радост да одат на училиште?

Постои начин како ученикот радосно да оди на училиште и училишните обврски да не му претставуваат товар, но според педагогот Бутлеска, на секое секое дете прво му е потребна позитивна и поттикнувачка средина за да е среќно, како во домот така и во училиште.

- Таа средина ја создаваат луѓето што се околу него. Па ајде сите и како родители и како наставници да се запрашаме, но искрено, колку му ја овозможуваме таа средина. Единствениот совет што можам да го дадам и како мајка и како педагог кој работи во училиште, а кој сум сигурна дека успева, е да ги сакаме децата, да ги прифатиме со сите нивни јаки и послаби страни, да не ги поттикнуваме на натпревар, ами на соработка, да не ја подразбираме успешноста во високите оценки, ами во направените добри дела, да не мислиме дека секогаш сме во право, туку да им дадеме пример на нашите деца дека секој од нас може да згреши и дека постојано се гради во подобра личност иако е возрасен – вели Бутлеска.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование