X
 28.09.2017 Култура

МОТ почнува со претстава што го здрма регионот, а ја критикува Европа

Претстава со која се изразува критика кон Европа и нејзината дволичност кон емигрантската криза вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар ќе го означи почетокот на 42.Млад отворен театар. Станува збор за претставата „Нашето насилство, вашето насилство“ во режија на Оливер Фрљиќ, а во продукција на Словенско младинско гледалишче од Љубљана и Хрватско народно гледалишче од Ријека.



-Оливер Фрлиќ станува култен режисер со својата дрскост, слобода, провокативност да го каже тоа што го сака – вели директорот на фестивалот, Златко Стевковски.

Гостите од Хрватска и Словенија најавија дека претставата секаде предизвикува реакции. Во Сплит била изведена под полициски надзор, а во Сараево, поради реакцијата на Католичката црква, претставата била изведена во затворен круг, само за жирито.

По три претстави на повеќе локации до 4 октомври ќе биде реализирана богата фестивалска програма. Ќе можеме да видиме десетина претстави од Европа и Азија, дела за кои заедничка нишка местото на единката пред сликата за вистинскиот живот - мигранти, традиција, работници, сираци, бегалци, историја.

Програмата е поделена во четири категории: главната меѓународна програма, МОТ МК Прегледот, МОТ+ програмата како и придружните фестивалски содржини и програми.

Претстави од Босна и Херцеговина, Шпанија, Холандија, Хрватска, Иран, Полска, Бугарија и од други земји ќе можат да се проследат на фестивалот со долга традиција.

Фестивалот ќе биде затворен со претставата „Не се срамам од моето комунистичко минато“ на Сања Митровиќ и Владимир Алексиќ, во продукција на „Stand up tall” од Брисел.

И годинава МОТ отстапува простор на македонската продукција. Во изборот влегоа: „Експеримент“ на Артопија, во режија на Јане Спaсиќ, „Силјан штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ и „Разговор во четри очи“ на Нина Николиќ, и двете продукција на МНТ, потоа „Шумата на моето дрво“ на „Северно од Импакт“ – во режија на Александар Ивановски, „Доктор Фауст“ на битолскиот театар во режија на Андреш Урбан, како и двете продукции на Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура – „Антигона и Креонт“ во режија на Нела Витошевиќ, и „Лерин, полиња жито, ридишта крв“ во режија Слободан Унковски.

Во рамките на придружната фестивалска програма, ќе бидат организирани две работилници: работилница за светло водена од Крис Јагер, искусен дизајнер на светло со повеќе од 30 годишно искуство на работа во оваа професија, како и работилници за танц под менторство на Скопје танцов театар од Скопје. Во рамките на придружните програми на МОТ ќе биде претставен и перформативно-истражувачки проект „Кога зградите би зборувале” во продукција на фестивалот Акто, а присуството на BadCo од Хрватска ќе биде искористено и за предавање од истакнатиот професор Горан Присташ од Загрепската академија за драмски уметности, кој ќе одржи предавање на темата „Институции, дела, работа“, посветена на формата и начинот на функционирање на културните институции. Како продолжување на издавачката дејност на МОТ, оваа година ќе биде промовирано новото издание на книгата „Филозофија на паланката“ од Радомир Константиновиќ.

Фестивалските вечери ќе бидат збогатени и со музичка програма, па така на платото пред МКЦ ќе се одржат концерти на Sara Renar од Хрватска, Pogan Pagan од Македонија, The Homesick - Холандија, и Elektro Guzzi од Австрија.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура