X
 18.10.2017 Образование

М-р Талат Џафери, претседател на Собранието: „Иако бев министер, професорите не ми прогледуваа низ прсти на постдипломските студии“

Во последниот состав на Собранието ја извршува функцијата претседател, но претходно бил и пратеник и министер за одбрана. Токму во тој период Талат Џафери решил да му се врати на образованието и запишал втор циклус на студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

М-р Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија

Многумина го препознаваат како политичар, а го гледаат на седниците во Собранието на Република Македонија. Во последниот состав на Собранието ја извршува функцијата претседател, но претходно бил и пратеник и министер за одбрана. Токму во тој период Талат Џафери решил да му се врати на образованието и запишал втор циклус на студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој во Белград одамна дипломирал на Воената академија, но чувствувал дека му е потребно доусовршување, па ги избрал постдипломските студии на Институтот за безбедност, одбрана и мир. Со м-р Џафери разговараме за неговите искуства од вториот циклус на студии.

Во периодот кога се запишавте на постдипломските студии на Филозофскиот факултет веќе имавте дипломирано на Воената академија во Белград. Што Ве натера да го изберете токму Филозофскиот факултет при УКИМ?
- Би сакал да истакнам дека мојот избор за Филозофскиот факултет при УКИМ беше поттикнат од желбата за професионално и интелектуално доусовршување. Во воена смисла, по завршувањето на военото училиште се роди желба за усовршување на стручен и теоретски аспект.

Кој предмет Ви беше омилен?
- Во суштина, сите предмети сами по себе беа интересни за стручно доусовршување и надградба. Ако се работи за редослед на предмети, тогаш би ги издвоил Теорија на политички систем од д-р Трајан Гоцевски, Методологија на научноистражувачката работа и предмети од доктрини кои и по содржина ми беа поблиски од претходното образование.

Како се однесуваа кон Вас менторите и професорите, со оглед на тоа што сте истакнат политичар и јавна личност?
- Без разлика што за време на вториот циклус на студии бев јавна личност, во тоа време министер за одбрана, а претходно пратеник, односот на професорите беше на академско ниво и многу професионален, зошто да не кажам и пријателски.

Дали Ви прогледуваа низ прсти кога полагавте испити?
- Не, немало никакво прогледување низ прсти. И претходно сум истакнал, секогаш сум настојувал да бидам максимално спремен пред испити. Начинот на полагање испити беше комисиски, односно полагавме пред комисија која беше составена од тројца членови.

Се дружевте ли со помладите колеги?
- Принципот беше следен: предавањата да се одвиваат за време на неработни денови, но имајќи предвид дека бев ангажиран и на јавни позиции, не ми остануваше многу простор за дружење. Но, секако, за време на паузите се дружевме, сите колеги од целата група.

Што би им порачале на студентите што сакаат да се запишат на постдипломски студии на Институтот за безбедност, одбрана и мир?
- Мојата порака до сите што себеси се гледаат во одбрана и мир е дека нема да згрешат ако се одлучат за Филозофскиот факултет при УКИМ. Да бидат дел од постдипломските студии на Институтот за безбедност, одбрана и мир, затоа што оваа институција има професионален и подготвен академски кадар, соодветни услови и опрема за успешна реализација на студиите. Исто така, им препорачувам на студентите и на идните генерации да се придружат на концептот за доживотно учење, бидејќи само така ќе бидат постојано подготвени и исполнети на интелектуално и професионално ниво, со што ќе придонесуваат во градењето успешно општество.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование