X
 07.02.2020 Наша тема

Ако законот не се изгласа до вторник, универзитетските професори нема да добијат повисоки плати

Комисијата за труд и социјална политика треба да ја свика претседателот Владимир Ѓорчев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

Вторник е крајниот рок за ветеното зголемување на платите во високото образование да стигне до вработените. Ако пратениците во Собранието не ги изгласаат измените на Законот за исплата на плати до вторник, во среда веќе Собранието ќе се распушти и платите нема да се зголемат.

Предлог-законот кој ќе го овозможи зголемувањето на платите за 10 отсто е на дневен ред на актуелната 131. собраниска седница, но не може да се стави на гласање зашто сè уште не поминал низ собраниската Комисија за труд и социјална политика. Засега не е закажана седница во наредните денови, но тоа може во секој момент да се смени. Комисијата ја свикува претседателот Владимир Ѓорчев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. Предлагач на измените во Законот е Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ, која членува во Комисијата за труд и социјална политика и воедно претседава со Комисијата за образование, наука и спорт.

Собранието на Македонија / Фото: Википедија

Вчера го контактиравме Ѓорчев за изјава, тој беше на службен пат во странство. Лазаревска за Факултети.мк објаснува дека измените предвидуваат од 1 јануари оваа година платите на вработените на државните факултети и унивeрзитети да се зголемат за 10%.

- Платите во високото образование може да се зголемат на легитимен начин. Овие измени ќе имаат одредена финансиска импликација, но тие пари се предвидени во буџетот за 2020 година. Платите веќе се зголемени кај вработените во основното образование, откако Синдикатот за образование, наука и култура потпиша колективен договор со Министерството за образование и наука. Но, бидејќи овој начин не можеше да се спроведе и во високото образование, платите може да се зголемат со измени на Законот за исплата на плати - вели Лазаревска.

Предлог-законот беше ставен на дневен ред на 131. седница на Собранието, во вторникот. Лазаревска вели дека според Деловникот, предлозите треба да се разгледаат во рок од три дена.
- Верувам дека утре ќе ја има на дневен ред и дека нема да има проблем. Сме се разидувале за многу прашања, но мислам дека овој предлог сите ќе го поддржат. Платите во високото образование се невистина ниски и ова е неопходно - вели Лазаревска.

Јаким Неделков, претседател на СОНК /Фото: МИА

Измените се однесуваат само на член 3 од постојниот Закон, каде што треба да се вметне дека во државните високообразовни институции ќе има зголемување на платите најмногу за 10% од јануари 2020 година.

Таа повтори дека кога се во прашање вакви измени, пратениците најчесто имаат заеднички став, без разлика од која партија доаѓаат. Лазаревска не гледа причина, ниту можност измените да не се изгласаат пред распуштањето на Собранието.

Повеќе синдикати го кренаа гласот откако ректорите на јавните универзитети по средба со министерот за образование и наука Арбер Адеми им наложиле на раководителите на помалите единици на универзитетите да формираат нови синдикати за да потпишат колективен договор со МОН како услов за зголемување на платите за 10%. Постојните синдикати застанаа зад ставот дека не може да се потпише колективен договор со само еден член, покрај многу нерешени проблеми во високото образование. Синдикатите обвинуваа дека има притисоци во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да се формира нов синдикат. На крајот, тој сепак се формира. Во петокот премиерот на техничката влада Оливер Спасовски, вицепремиерката Мила Царовска, Арбер Адеми и ректорите на јавните универзитети соопштија дека зголемувањето на платите нема да се спроведе со потпишување колективен договор, туку со измена на соодветен закон.

Елена Џукеска, в.д. претседателка на НАкС

Елена Џукеска, в.д. претседателка на Независниот академски синдикат (НАкС), вели дека очекуваат сите собраниски процедури да завршат до среда и да се овозможат услови за зголемување на платите.

- Имаме основа да се сомневаме во политички заднини, но високото образование не треба да се инволвира. Тоа ќе го сфатиме како барање изговор да не се зголемат платите и ќе биде на штета на сите. Како синдикат сигурно ќе преземеме чекори, имаме повеќе опции на располагање - вели Џукеска.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема