X
 31.10.2017 Живот

Како ФБИ го предупредило Боби Кенеди за книгата што го обвинува за афера со Мерилин и за нејзината смрт?

документи

Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги објави тајните ФБИ-документи поврзани со атентатот на Џон Ф. Кенеди. Минатиот четврток беа објавени 2.800 тајни документи поврзани со убиството на Кенеди, но и некои што даваат увид во помалку познати детали за убиството.

Имено, во 1964 година ФБИ две недели ги истражувало наодите на американскиот писател Френк Капел, кој во својата книга „The Strange Death of Marilyn Monroe“ ги изнел деталите за аферата на  Роберт Боби Кенеди, помладиот брат на ЏФК, и Мерилин Монро. На 79 страници од книгата тој ги обвинил Боби Кенеди и кланот Кенеди дека токму тие се одговорни за нејзината смрт.

Шпекулациите за разни љубовни афери на Џон Ф. Кенеди во текот на десетгодишниот брак со Џеки Кенеди се ширеле со години, а најпозната е аферата со Мерилин Монро. Шпекулациите во врска со неа биле поттикнати по нејзината легендарна изведба на песната „Среќен роденден“ за 45. роденден на ЏФК.

Имало шпекулации и дека Боби Кенеди имал тајна врска со неа додека бил во брак со Етел Кенеди, откако постариот брат му ја „препуштил“ популарната старлета. „Дали проблемите почнале кога Мерилин сфатила дека тој нема намера да се разведе со својата жена за да се венча со неа?“, е прашање што Капел го поставува во својата книга, криејќи го името на Боби Кенеди под акронимот „Very Important Person“.

„Со оглед на тоа што Мерилин можела да ги уништи пишаните докази или едноставно да им ја признае нивната врска на медиумите, дали Боби се одлучил на драстични мерки?“, продолжува со прашањата Капел.

Мерилин Монро била пронајдена мртва на 5 август 1962 година во нејзиниот дом во Лос Анџелес. Официјалниот извештај на вештакот укажува дека станува збор за самоубиство, односно предозирање од барбитурати, лекови што дејствуваат на централниот нервен систем, а во зависност од дозата, може да доведат од лесна поспаност до анестезија, но во прекумерни количини резултираат со смрт.

ФБИ во официјалните меморандуми наведува за аферата на Боби Кенеди со Мерилин, а обвинувањата дека Кенеди бил пресуден за нејзината смрт биле прогласени како целосно неосновани. Боби Кенеди тогаш бил државен обвинител чија главна задача била надгледување на работата на ФБИ, па Капел во книгата го поставува прашањето зошто ФБИ воопшто би се занимавало со истражувања за потенцијално неморални дела на својот надреден.

Случајот го презела њујоршката ФБИ-канцеларија. „Наводите за вмешаност на државниот обвинител во овој случај се прогласени за лажни, со оглед на тоа што државниот обвинител бил со својата сопруга во Сан Франциско кога Мерилин Монро го извршила самоубиството“, стои во изјавата на агентот од њујоршката ФБИ-канцеларија. Истата канцеларија добила задача целиот случај да го следи внимателно.

Тогашниот директор на ФБИ, Џ. Едгар Хувер, на 15 јули 1964 година испратил копија од книгата на Капел до Кенеди велејќи му: „Капел тврди дека си имал интимни односи со госпоѓицата Монро“. Во март 1976 година цел случај се ревитализирал кога сенаторот Френк Чрч ги побарал сите документи на ФБИ што се однесуваат на комуникацијата меѓу Хувер и Кенеди, поврзани со книгата на Капел за смртта на Мерилин. Тоа бил и последниот запис под името Мерилин Монро во ЏФК-документите.

Френк Чрч спровел детално истражување по аферата „Вотергејт“. Документите за смртта на Мерилин Монро и нејзината наводна афера со Кенеди биле вклучени во колекцијата документи за атентатот на ЏФК. Во четвртокот, на 26 октомври, 2.800 документи биле објавени во јавноста по одлука на претседателот Трамп.

Остануваат уште околу 300 документи за кои американската разузнавачка служба бара од Трамп да останат необјавени, барем уште 180 дена за да се одлучи дали информациите треба да излезат во јавност, но Трамп на својот твитер-профил напиша дека ќе ги објави сите документи.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот