X
 01.07.2021 Живот

Овие 5 особини ги издвојуваат извонредните луѓе од обичните, вели поранешен агент на ФБИ

Што го прави некого извонреден? Како пензиониран агент на ФБИ, со повеќе од 40-годишно искуство во проучување на човекото однесување и перформансите, не постои прашање што ме интригира повеќе, пишува Џо Наваро

Извонредните луѓе имаат мудрост и начин на постоење што инспирира и предизвикува почит. Тие ве исполнуваат со својата мудрост и емпатија. Сакаaт да бидат ваши пријатели, соседи, соработници, менаџери, ментори или водачи на заедницата.


Изненадувачки, квалитетите што ги имаат овие луѓе не се поврзани со нивното ниво на образование, приход или талент. Како што излегува, врз основа на илјадници набљудувања, постојат пет карактеристики што ги издвојуваат исклучителните индивидуи од сите останати - но, мора да ги имате сите пет, а не само една или неколку.

Јас ги нарекувам „петте домени на исклучителните луѓе“.

1. Владеење со себеси

Самоконтролата ви го дава најдоброто во што и да правите преку посветеност, љубопитност и прилагодливост.

Усеин Болт, најбрзиот човек што некогаш живеел, не го постигна тој статус само преку спортска способност. Тој го постигна тоа преку само-владеење: учеше, се жртвуваше, работеше напорно и остана фокусиран. Истото го стори и Мајкл Џордан, најдобриот кошаркар на сите времиња.

Друга страна на само-владеењето е познавање на вашите емоции, предности и што е уште поважно, на нашите слабости. Познавајќи се себеси, знаеме работи како на пример кога да оставиме некој друг да води, кога не ни е денот или кога треба да се соочиме со нашите „демони“.

Почнете со самоконтрола прашувајќи се:

- На кои области треба да обрнам повеќе внимание?
- Кое знаење, обука или вештини ќе ми помогнат да ги остварам моите цели?
- Што можам да направам сега за да предизвикам некаква промена?
- Како можам да се подобрам себеси преку книги, ментори, организации, видео-упатства или онлајн-часови?

2. Набљудување

Научени сме да гледаме, но не и да набљудуваме. Гледаме дали можеме да ја поминеме улицата безбедно или која редица во супермаркетот се движи најбрзо. Ова е пасивно искуство што е корисно, но не може да ни обезбеди целосни информации.

Од друга страна, набљудувањето е активно: бара напор, но резултатите се повеќе просветлувачки. Станува збор за користење на нашите сетила за декодирање на светот во реално време и подобро разбирање на нашата околина и на другите.


Работејќи како ФБИ-агент и етолог, ја развив мојата сензитивност за читање на потребите, желбите и грижите на другите - сите клучни информации за разбирање и комуникација со луѓето.

Луѓето што го имаат усовршено набљудувањето имаат сет на вештини што им недостасува на многумина. Тие веднаш знаат:

- Што да бараат и дали може да има повеќе објаснувања.
- Како е поврзан контекстот.
- Како може да ги потврдат своите набљудувања и заклучоци.
- Како да се даде приоритет, одделувајќи го неважното од суштинското.

1
Фото: Freepik

3. Комуникација

Ние постојано комуницираме. Ако го направите тоа правилно, луѓето ќе ве обожаваат. Ако го направите погрешно, може да создадете сомнеж, рамнодушност, па дури и лутина.

Исклучителните комуникациски вештини го подигнуваат квалитетот на вашите односи. Не станува збор за совршена, туку за ефективна комуникација - и таа комуникација гради доверба. Еве како:

- Прво обрнете внимание на емоциите. Не можеме да размислуваме или да комуницираме јасно додека не се справиме со емоциите. Ова е местото каде што читањето на говорот на телото е корисно.

- Изградете однос преку грижа и љубезност. Може да биде вербално или невербално.

- Бидете навремени. Навремениот одговор на мејловите и повиците покажува дека ги цените другите. Лошите вести не треба да се одложуваат, но не треба ниту благодарноста и афирмацијата.

- Слушајте за да потврдите. Слушајте не само она што е кажано, туку и во кој редослед и колку често се споменуваат одредени зборови.

4. Дејствувајте

Нашите постапки се невербални и тие покажуваат кои сме, што е важно за нас и како се чувствуваме во врска со другите.

Не можете целосно да ја совладате оваа одлика без претходните три: самоконтролата ве подготвува за можните активности што треба да ги преземете врз основа на она што се случува; набљудувањето овозможува да ја сфатите ситуацијата во контекст за да дејствувате соодветно, а комуникацијата овозможува да даваме и примаме информации и поддршка за дејствување.


За извонредните лица важни се четири главни фактори при донесување одлуки:

- Дали моите постапки градат доверба?
- Дали моите постапки додаваат некаква вредност?
- Дали моите постапки влијаат позитивно или инспирираат?
- Дали од моите постапки некој има корист?

5. Психолошка удобност

Психолошката удобност е состојба каде што се исполнуваат нашите биолошки и емоционални потреби и склоности.

Таа претставува темел на нашето ментално и физичко здравје и е поврзана со сè, од изборот на нашите врски, до брендовите што ги купуваме. Ние напредуваме кога имаме психолошка удобност, а тоа е суштинско во тешките моменти.

Психолошката удобност е местото каде што самоконтролата, набљудувањето, комуникацијата и дејствувањето ги здружуваат силите, помагајќи ви да го препознаете и да го обезбедите она што најдобро ги намалува несаканите емоции како стресот и стравот.


Едноставно: во 21 век, оној кој обезбедува најголема психолошка удобност, победува.

Автор: Џо Наваро
Извор: CNBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот