X
 11.11.2017 Култура

Интервју со Игор Иванов-Изи, режисер: Се изнаснимија глупости во изминатите години!

Со Даријан Пејовски и Вардан Тозија, актерите и сите наши соработници, вложивме огромен напор и енергија, работевме во ненормални услови покривајќи и до 26 страници сценарио на ден. Тоа е надвор од сите стандарди (5 до 10 страници дневно) и не може да биде прифатено како практика



Тој е режисерот што стои зад особено популарните серии „Инсајдер“ и „Преспав“, кои ја вратија публиката пред ТВ-екраните.
Режисерот на „Бубачки“, „Превртено“, „Соба со пијано“ речиси секогаш се инспирира од современието за да создаде филмско дело. „Патувањето низ различни телевизиски жанрови и стилови за кус период ми беше вистински предизвик и задоволство“, признава Изи. Наредната пролет ќе почне да го снима првиот македонски детски игран филм „Шеќерното дете“.

Македонската ТВ-сцена доживува своевидна револуција со продукцијата на неколку серии во краток период, кои отскокнуваат по својата содржина и квалитет. Во две од нив („Преспав“ и „Инсајдер“), Вие сте директно вклучени. Очекувавте ли дека светскиот тренд на популарни ТВ-серии ќе стигне успешно и кај нас?

- На некој начин ние го почувствувавме тој тренд и ги вложивме својот потенцијал и заложби за заживување на македонската играна ТВ-продукција. Ова е време на телевизијата, која доживува ренесанса во епохата на интернетот. Со појавата на телевизијата филмот престана да биде „заробеник“ на киното, а со појавата на интернетот, пак, телевизијата ја напушти кутијата наречена телевизор. ТВ-програмата се ослободи од програмските шеми и нејзините содржини станаа достапни во секое време и на секое место. Многумина, поради појавата на интернетот, ѝ предвидуваа смрт на телевизијата. Но, тоа не само што не се случи туку интернетот ѝ даде нова вредност на телевизијата, овозможувајќи платформи и канали на комуникација со кои телевизијата останува силен и влијателен медиум и во дигиталната ера.


Изи заедно со монтажерот на „Преспав“, Благоја Неделковски, во студијата на FX3X

Верувате ли дека колку повеќе се снима, толку подобри ќе стануваме во филмските и ТВ-производите?


- Важно е да се снима, но исто така е важно кој и што снима. Сметам дека изминативе години квантитетот не роди квалитет. Се изнаснимија глупости од луѓе кои според пропишаните критериуми не требало да се најдат во ситуација да снимаат филм. Од друга страна, се разбира дека е важно да се работи и дека континуираната продукција овозможува да се создава квалитетен и искусен кадар. Но, филмот е „скапа играчка“ и тука не смее да се импровизира и да се експериментира, туку треба да се почитуваат пропишаните критериуми.

„Инсајдер“ Ви е последен ТВ-проект. Тоа е серија која речиси документаристички раскажува важен период од македонското новинарство. За еден месец успеавте да снимите 26 епизоди, што изгледа како голем залак. Ве инспирира ли овој ентузијазам и за наредни проекти?

-„Инсајдер“, „Преспав“ и другите серии што се дел од овој „македонски телевизиски бран“ ги доживувам како своевидна инвестиција во новата македонска ТВ-продукција. Јас, Даријан Пејовски и Вардан Тозија, актерите и сите наши соработници, вложивме огромен напор и енергија, работевме во ненормални услови покривајќи и до 26 страници сценарио на ден. Тоа е надвор од сите стандарди и не може да биде прифатено како практика. Едноставно, тоа беше инвестиција и обид за поништување на тврдењата дека вака мала нација, вака мало говорно подрачје не може да смета на своја сопствена играна ТВ-продукција и дека мала и сиромашна држава како Македонија не треба да се впушта во такви авантури.



Се зафативте со интересен филмски проект - „Шеќерното дете“, кој всушност ќе биде прв игран филм за деца, снимен во самостојна Македонија. Ја заборавија ли филмаџиите детската публика?


- Детската публика никогаш не била во фокусот на филмските творци и финансиери на овие простори. Филмови за деца не се прават никаде во регионот или се само редок исклучок. За разлика од нас, во скандинавските земји, на пример, се прават онолку филмови за деца колку што оваа популација процентуално учествува во демографската структура. Замислете каква прекрасна логика. „Шеќерното дете“ е првиот македонски кинофилм за деца и снимањето ќе почне во мај идната година. Базиран е врз легендарната лектира „Шеќерна приказна“ од Славко Јаневски, а ќе претставува своевиден микс од холивудски конципирана структура, обоена со тонови од руските бајки, податлива за сите генерации, сегашни и идни...

                  
На сет со актерите Светозар Цветковиќ, Јордан Симонов и Ирена Ристиќ

Каде треба да се насочи македонскиот филм во наредниот период? Какви приказни, според Вас, ни недостигаат?

- Филмот не зависи од приказните. Приказните можат да бидат какви било. Впрочем, во филмот повеќе од која било уметност е многу поважно како отколку што! И затоа, Македонија треба да го негува и стимулира авторскиот филм. Какви филмови ни требаат? Вистински филмови, филмови кои произлегуваат од оние што ги создаваат, филмови кои говорат за нас, нашите генерации, нашите животни премрежиња, нашите борби... Филмови кои се случуваат овде и сега. Историскиот филм од правило треба да се претвори во редок исклучок, а критериумите за тоа кој треба да троши од парите на даночните обврзници од кои се полни Фондот за кинематографија треба да се заоструваат.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура