X
 31.08.2017 Култура

Започна снимањето на новата македонска серија „Инсајдер“

Деновиве започна снимањето на новата домашна серија „Инсајдер“ која македонската публика ќе ја гледа оваа есен на телевизија „Телма“.

„Инсајдер“ е социјално ангажирана телевизиска серија во која раскажува приказни од секојдневието на една новинска редакција. Дејствието временски е претежно сместено во таканаречениот дедлајн период, односно пред самото влегување во печат на изданието, кога интензитетот на емоциите и на релациите е најголем.



Главните улоги на медиумски работници им се доделени на познатиот српски актер Светозар Цветковиќ- Цвеле како и на докажаните домашни имиња: Ирена Ристиќ, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Силвија Стојановска, Ѓорѓи Нешковски, Горан Ников, Габриела Петрушевска, Ана Стојановска и Сања Арсовска. Во епизодни улоги ќе ги видиме и Васил Зафирчев, Сашко Коцев, Драган Спасов-Дац, Јелена Јованова, Славиша Кајевски и многу други.

„Серијата ги третира сите актуелни проблеми и предизвици со кои се соочува општеството преку работата на редакцијата и преку личните судбини и драми на ликовите. Преку работата на редакцијата, серијата ги обработува темите врзани со новинарството и со главните аномалии на општеството. Неделникот „Инсајдер“ се бави со сите актуелни прашања во земјата и надвор: корупцијата и криминалот на сите нивоа во општеството, уништеното јавно здравство, хаосот и незадоволството во образованието, социјалните случаи и бедата на сиромашните, злоупотреби на службената положба, нетолеранцијата и омразата, отселувањето на луѓето, особено на младите, расипништвото со јавните пари, политичките интриги и игри и ериозијата на културните вредности.“, вели тимот кој работи на серијата.

„Инсајдер“ ја режираат Игор Иванов-Изи, Вардан Тозија, Дарјан Пејовски и по една епизода Дина Дума и Марија Апчевска. Сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов, Елеонора Венинова и Драган Лука. Директор на фотографија е Димо Попов а директор на серија Никола Мадиќ. Костимограф на серијата е Илина Ангеловска.

Со оглед на тоа што редакцијата се води од познатата новинарска девиза „Оnly bad news are good news“, овозможува да допреме и да ги нотираме главните, суштинските проблеми на граѓаните во Македонија. За медиумите се вели дека се огледало на општеството. Тоа што не може да се види на страниците на медиумот, ќе може да се види во односите помеѓу ликовите во серијата.

Телевизија „Телма“ заедно со продуцентите, режисерите, актерите и другите филмски работници продолжува да работи на поставување на повисоки стандарди во медиумскиот простор во Македонија и давање примат на македонската квалитетна продукција над турските сапуници кои го окупираат медиумскиот простор.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура