X
 27.11.2017 Живот

Катерина Котларeска Маневска, успешна жена-претприемач: Повеќето жени отвораат фирми од потреба за преживување, а не од желба за претприемништво

Нејзината компанија Касиа Евентс утре во Скопје организира конференција „100 жени претприемачки“ на која успешните жени во бизнисот ќе ги споделуваат своите искуства со посетителите.



Знаење, инспирација, добри енергетски и деловни контакти меѓу жените-претприемачки, оние кои имаат или сонуваат за сопствен бизнис, како и за сите жени кои сакаат да ги слушнат искуствата на успешни жени-менаџерки на водечки позиции. Сето ова ќе може да се види и доживее на интернационалната конференција „100 жени претприемачки“ што утре ќе се одржува во Скопје. За овој невообичаен настан, но и за позицијата на жените во бизнисот во Македонија разговаравме со Катерина Котлареска Маневска, организатор на конференцијата.

- „100 жени претприемачки“ е мотивациски настан за жени. На оваа конференција ќе присуствуваат жени кои имаат сопствен бизнис, кои се менаџерки на водечки позиции, но и жени кои имаат неограничени претприемачки идеи, но им недостига охрабрување за да го направат првиот чекор.

Факултети.мк: Конференцијата има интернационален карактер, при што како презентери ќе се појават многу успешни жени од различни дејности. Што може да се научи од нивните искуства?
- На конференцијата имам гостинки – презентери од Словенија и Хрватска, но секако и од Македонија. Посетителите ќе слушнат вистински приказни на жените - презентери кои, иако го знаат вкусот на неуспехот, ја искористиле својата внатрешна сила за да успеат. И тие ќе покажат како го сториле тоа. Посетителите ќе слушнат како да направите разлика во бизнисот, односите и приватниот живот. Ќе добијат инспирација како да работат и да наполнат енергија за следни предизвици. Како самите да станеме свој бренд. На конференцијата исто така ќе можат да слушнат како до поголем успех во бизнисот, финансиите, маркетингот и животот. Ќе има и значајни предавања и од експерти за женско претприемништво.

Факултети.мк: Во земјава има многу жени кои имаат одлични претприемачки идеи, но генералниот впечаток е дека на повеќето им недостига храброст за да ги реализираат. Каква поддршка им треба на овие жени за тие да се охрабрат повеќе и да ги кажат гласно своите идеи, па и да вложат напор за да ги реализираат?
- Јас би се согласила со вас дека има многу жени на кои им недостасува храброст за да ги реализираат своите идеи. Но покрај храброста, кај нас недостасува и поддршката од државата и банките, мислам на финансиската поддршка. Многу ќе им биде од корист да добијат поволни услови за земање кредит за да почнат со остварување на својот сон, но сето тоа треба да биде поволно за да можат да работат и да не го чувствуваат во работењето враќањето на долгот.

Факултети.мк: Вие сте сопственичка на Kasia Events, приватен успешен бизнис. Која е вашата претприемачка приказна, се вклопувате ли во генралната слика за македонската жена претприемач?
- Јас својата претпиемачка приказна ја започнав во 2013 година, кога започнав со реализација на денес веќе доста познатиот, ексклузивен настан Бизнис кафе Македонија. За моја среќа, само што започнав со проектот од старт имав два големи спонзори кои го покрија тој проект во текот на целата прва година. Но, втората година се соочив со финансиски проблеми, поради нестабилните ситуации во Македонија, кои влијаеја и на моето работење. За да не го оставам проектот, јас на почетокот сама го финансирав со мои пари, а подоцна и со позајмени. Да не спомнувам колку плати бев во минус. За моја среќа се случи да се вработам во една фирма како менаџер за човечки ресурси, па со платата ги покривав трошоците кои ми се натрупаа претходно. По 6 месеци успеав да бидам на нула, односно да ги расчистам сите долгови и да продолжам понатаму како претприемач. Во меѓувреме го создадов мојот бренд Kasia Events, преку кој организирам повеќе настани во годината. Претпоставувам дека секоја претприемачка во нашата држава го има поминато трнливиот пат кон успехот. Секоја од нас си има своја приказна.

Факултети.мк: Колку е тешко да се биде жена претприемач во Македонија?
- Жената како носител на правен субјект – фирма кај нас е застапена со околу 30 отсто од вкупниот број на компании. Но, за жал, нашите компании во сопственост на жени спаѓаат во доменот на микро и мали претпријатија, каде што обртот на средства е многу мал, па така и заработувачката. За жал, повеќето се отворени заради потребата од преживување, а не од желбата за да се биде претприемач.

Факултети.мк: Статистичките податоци покажуваат дека мал број жени се на водечки раководни позиции во компаниите во земјава. Во голем дел од компаниите, иако жените фигурираат како сопственички, реално не ја вршат раководната функција. На што се должи ова?
- Во Македонија има 50 отсто женска популација, жени на пазарот на труд се 43,1 отто, но 44 отсто од компаниите немаат жени на водечки позиции. Во банкарскиот сектор, процентот на жени на водечки позиции е околу 23 отсто, во осигурителните групации просечно има 19 отсто жени, додека европскиот и балканскиот просек е околу 23 отсто. Ние живееме на Балканот и во Македонија, каде што се уште постојат стереотипи кои велат дека жената е за да го гледа домот, да пере, чисти, готви и да го гледа семејството. Можеби од таму се уште се влече тоа дека нема многу жени на раководни позиции, бидејќи раководните позиции бараат многу повеќе посветеност на работата, многу повеќе часови на работа, а и патувања. Јас сакам да напоменам дека на раководните позиции за жал нема рамноправност во примањата на жените и мажите, во повеќето случаи на иста позиција мажите имаат повисоки примања од жените, што според мене е апсурд.

Факултети.мк: Кој е вашиот совет за жените кои сакаат да почнат сопствен бизнис и да изградат успешна претприемачка кариера?
- Да се слушаат самите себе, да не потпаѓаат на негативните коментари од околината, бидејќи тоа е нивни личен пат кон успехот! Патот кон целта е тежок, со многу пречки и предизвици, но многу успеале, ќе успеете и вие.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот