X
 17.11.2023 Живот

Ника Павлетиќ од Словенија, која им предава словенечки на македонските студенти, го учи македонскиот јазик за полесно да комуницира со нив

Со помош на резултатите од моите истражувања во областа на словенечко-македонската споредбена граматика, би можела да изработам соодветни материјали за учење словенечки јазик наменети и приспособени за говорителите на македонскиот јазик. Изучувањето на македонскиот јазик ми овозможува полесно да се поврзам со македонски истражувачи и експерти и да учествувам на меѓународни конференции и семинари каде што е присутен македонскиот јазик, вели Ника

Дваесет и деветгодишната Ника Павлетиќ од Копер, Словенија, е апсолвент на докторски студии по словенистика на Факултетот за хуманистички науки, при Универзитетот во Приморска, Словенија. Во моментов работи како лектор по словенечки јазик на Факултетот за хуманистички науки, каде што на Катедрата за словенистика предава словенечки јазик за странци на различни рамништа. Во рамките на своите студии го изучува и македонскиот јазик.

- Македонскиот јазик почнав да го изучувам, пред сè, заради мојата работа, односно се среќавам со голем број студенти од Македонија кои учат словенечки за студиите на нашиот универзитет. Словенечкиот и македонскиот јазик се два јужнословенски јазици, но, сепак, се многу различни и затоа македонските говорители имаат различни видови потреби и тешкотии при учењето словенечки. Во основа се занимавам со словенечки јазик како странски за македонските говорители и словенечко-македонска компаративна граматика. Отсекогаш сум сакала јужнословенски јазици бидејќи покрај словенечкиот, кој ми е мајчин јазик и го студирав, зборувам српски и хрватски, па затоа со големо задоволство го прифатив предизвикот да го учам и македонскиот јазик. Покрај тоа, познавањето на македонскиот јазик ми помага при истражувањето на стручната литература, што од друга страна ми овозможува подлабоко разбирање не само на македонскиот јазик, туку и на македонската култура, историја и општество - ни сподели Ника.

Македонската фразеологија ме воодушевува


Како што ни споделува таа, македонскиот јазик е експресивно многу богат јазик. Особено е воодушевена од богатството на македонските дијалекти, што всушност покажува колку е живописен и разновиден македонскиот јазик.

-Иако не ја истражувам македонската дијалектологија, со интерес читам за македонските дијалекти, дијалектни зборови итн., преку што дознавам повеќе за одделните региони во Македонија, нивните карактеристики и жители. И македонската фразеологија многу ме воодушевува. Македонскиот јазик има многу изрази и поговорки кои го отсликуваат богатото културно наследство и начинот на размислување на народот, што му дава длабочина на јазикот. Со запознавањето на македонската фразеологија ја запознавам и македонската култура и менталитет - ни изјавува Ника.



Таа чита различни жанрови на македонски јазик, но нема ниту омилен писател ниту омилена книга.

- Поради своите студии, најчесто читам стручна литература од областа на лингвистиката, но настојувам да прочитам и некое дело од македонската литература. Имам прочитано неколку класични дела кои ја одбележаа македонската литература, како што се романот „Пиреј“, збирка раскази „Сите лица на смртта од Петре Андреевски“, романот „Големата вода“ од Живко Чинго, а многу ми се допаѓа и македонската поезија на браќата Миладиновци, Кочо Рацин, Ацо Шопов... Покрај класичните дела, читав и некои дела од современи македонски автори, на пр., збирката раскази „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ од Румена Бужаровска, романот „Страв од варвари“ од Петар Андоновски и други. Читањето на темелните дела на македонската литература ми дава увид во книжевната традиција, историја и подетално разбирање на општествените и културните прашања, додека со читањето современи автори се запознавам со нови идеи, перспективи и стилови на пишување.
Покрај литературата, се трудам секој ден да прочитам барем нешто на македонски, дури и да е некоја вест, статија или блог-пост, бидејќи на тој начин останувам поврзана со македонскиот јазик и ги надградувам своите јазични вештини - ни сподели Ника.

Македонскиот јазик ми беше многу тежок на почетокот

Вели дека не може конкретно да каже дека македонскиот јазик како странски јазик е лесен или тежок за учење бидејќи усвојувањето на еден јазик не е црно-бело. Многу зависи од претходното знаење, мајчин јазик, познавање на други јазици, мотивацијата...

- Се сеќавам дека македонскиот јазик ми беше многу тежок на почетокот, главно затоа што граматичкиот строеж е многу поразличен од словенечкиот, но и затоа што на почетокот не можев да ги разликувам границите меѓу зборовите. Со текот на времето и со многу вежбање, моето познавање на македонскиот јазик се подобри и можев релативно брзо да напредувам бидејќи македонскиот јазик, сепак, е јужнословенски јазик и има доста сличности со словенечкиот, на пр., во лексиката. Сепак, се соочував и сè уште се соочувам со одредени предизвици; во однос на граматиката најтешки ми се глаголските времиња и категоријата определеност (член). Словенечкиот јазик има само три глаголски времиња (постои и четвртото глаголско време, т.е. предминато време, кое е архаично и повеќе не се користи), додека македонскиот јазик ги има осум, па тоа ми беше предизвик бидејќи морав да си воспоставам нови временски категории. Граматичката категорија определеност, односно член не постои во словенечкиот јазик, така што употребата на членот ми е уште потешка.
На крајот, би сакала да истакнам дека при учењето кој било јазик, најважно е да сте мотивирани, доследно да вежбате и да бидете упорни бидејќи со вежбање и трпение напредокот дефинитивно ќе се покаже - подвлекува нашата соговорничка Ника.

На прашањето што сака да истражува и изучува кога станува збор за македонскиот јазик, таа посочи прашања од словенечко-македонската компаративна граматика, особено морфосинтаксата.



- Подетално проучување на словенечко-македонската компаративна граматика дава увид во структурните сличности и разлики меѓу двата јазика, што ни помага да ги разбереме заедничките корени и развојот. Сметам дека истражувањето на сличностите и разликите е исклучително интересно и може да има практична примена во наставата на двата јазика, преведување итн. - вели Ника.

Мојот интерес и ангажман со македонскиот јазик ќе продолжи и во иднина

Во иднина македонскиот јазик ќе ѝ биде исклучително корисен при работата бидејќи им предава словенечки јазик на студенти од Македонија.
- Со помош на резултатите од моите истражувања во областа на словенечко-македонската споредбена граматика, би можела да изработам соодветни материјали за учење словенечки јазик наменети и приспособени за говорителите на македонскиот јазик - истакна Ника.

Изучувањето на македонскиот јазик ѝ овозможува полесно да се поврзе со македонски истражувачи и експерти и да учествува на меѓународни конференции и семинари каде што е присутен македонскиот јазик. Вклучувањето на македонскиот јазик во нејзините докторски студии ѝ отвора можност за личен и професионален раст и проширување на границите на истражување.

- Мојот интерес и ангажман со македонскиот јазик не завршува со моите докторски студии, туку ќе продолжи и во иднина. Особено сакам да придонесам кон засилувањето на културните, јазичните и научните врски помеѓу Словенија и Македонија. Веќе имам успешна соработка со Филолошкиот факултет во Скопје; мој коментор на докторските студии е проф. д-р Лидија Аризанковска, а исто така учествував на неколку зимски и летни школи по македонски јазик, литература и култура, научни конференции итн. Преку соработка со факултети и институции во Македонија, сакам да се создадат меѓународни проекти и иницијативи што ќе ги засилат врските помеѓу двата јазика и култури. Моите амбиции вклучуваат и поддршка и мотивација на други да се занимаваат со истражување, афирмација и промоција на македонскиот јазик - ни сподели Павлетиќ.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот