X
 20.01.2018 Образование

„Кога вашето дете ќе дојде од училиште, не прашувајте го која оценка ја добило“

Млада учителка им се обраќа на родителите со молба да престанат со бесмислената трка по оценки. Без вистинска заинтересираност за усвојување на одредено знаење, нема да има долгорочен успех, вели таа.


Кавгите и казните во врска со слабите оценки на децата се навистина чести. Родителите дури и несвесно ги тераат децата во кафез. Во тој кафез по сите предмети треба да имаат одлични оценки, мора да победуваат на натпреварите, да освојуваат медали на спортските активности за на родителските состаноци детето да биде истакнато како пример. Детето што постигнало резултат се охрабрува со нов мобилен телефон, излет и слично. Така изгледа дека целта на детето е да биде добро за родителите, посочува учителката.

Таа посочува дека родителите често доаѓаат во училиште и се расправаат со наставниците за пониските оценки што им се напишани на нивните деца. На детето му е апсолутно сеедно какви знаења ќе стекне или за кој предмет станува збор, а и не му е важно што мислат за него соучениците или учителите. Важно му е неговите родители во дневникот да гледаат само петки и за време на распустот да го испратат некаде надвор од земјата. Учителката вели дека е против оценувањето од 1 до 5. Но, можеби токму таа напишана четворка ќе му послужи на детето како мотивација за учење или ќе им стане јасно на родителите дека без интерес ништо не може да успее.

Ако се казнуваат децата за тројка на тест по физика, многу веројатно е детето да ги запали сите книги од тој предмет по својата матура. А, потоа родителите ќе велат дека училиштето не пружа знаење, дека образованието е на ниско ниво, а учителите не се способни да ги научат децата.

Глаголот „учи“ значи дека некој стекнува некакво знаење и вештини во одредено теоретско или практично подрачје. Во училиштето се одвива непрекинлив тек на знаење, но она што детето го извлекува од сè е негова работа. Ако детето е заинтересирано за предметот, тоа ќе го проучува, не заради оценката, туку заради знаење, вели учителката.

„Денес, кога вашето дете ќе се врати од училиште, не прашувајте го која оценка ја добило, туку што ново научило“, истакнува таа. Вели дека е важно да учите заедно со детето и да го поттикнувате да стекнува знаење. Да се престане со кавги и постојано контролирање на оценките.

Извор: Школски портал
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование