X
 06.02.2018 Наука

(Не)финансирањето е главната причина за слабиот развој на науката во Македонија

Со години се издвојуваат малку пари за наука – само 0,1 отсто во однос на бруто домашниот производ. Тоа е далеку од доволно, рече Никола Јанкуловски, ректор на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“


Од денешната трибина, фото: МИА

(Не)финансирањето на наставно-образовната и научно-истражувачката дејност е главната причина за слабиот развојот на науката во Македонија. Со години се издвојуваат малку пари за наука – само 0,1 отсто во однос на бруто домашниот производ. Тоа е далеку од доволно.
Ова е една од поентите на Никола Јанкуловски, ректор на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, кој учествуваше на трибината „Предуслови за развој на науката во Република Македонија“.

- Решени сме да сториме сè за да се подобри научната дејност и нејзиниот просперитет и развој во Македонија. Очекувам новиот Закон за високо образование да придонесе за да се подобри квалитетот на образованието – рече Јанкуловски.

Научното ниво во земјава ќе се зголеми преку објавување трудови во светски списанија, зголемување на важноста на електронските списанија, подмладок на кадар, средства за наука, апратура, вели проректорот Владимир Петрушевски.

Според Иван Чорбев, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), потребна е инфраструктура и млади луѓе кои ќе ја преземат работата со голем број студенти.
- Во време кога информатиката е популарна индустрија, платите се сè поголеми, потешко ни е да ги задржиме младите истражувачи да работат на факултетот. Неопходни се услови за работа која ќе нуди напредок во кариерата и соодветна компензација за вработените - рече Чорбев.

Според него, за развој на информатиката потребна е интеграција со индустријата и со партнерите од развиените земји за да се работи заеднички на проекти, да се разменуваат научни сознанија, да се објавуваат статии на престижни конференции.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука