X
 19.09.2018 Наука

Јазикот на депресијата - одредени зборови откриваат дали некој ја има оваа болест

Од начинот на кој се движите и спиете до начинот на кој стапувате во интеракција со луѓето околу вас – врз сето тоа влијае депресијата, се разбира, доколку ја имате. Депресијата се забележува дури и во начинот на кој зборувате и се изразувате додека пишувате. Понекогаш „јазикот на депресијата“ може да има моќен ефект врз другите. Само замислете го влијанието на поезијата на Силвија Плат и текстовите од песните на Курт Кобејн – двајцата се самоубиле откако страдале од депресија.


Научниците долго време се обидуваат да ја утврдат врската помеѓу депресијата и јазикот, па технологијата помага за таа цел. Нова студија открива низа зборови кои можат да предвидат дали некој страда од депресија. Со аналитички методи на компјутеризирани текстови може да се процесираат огромни количини податоци за само неколку минути. Па така, анализите откриваат јасни и постојани разлики помеѓу оние што имаат и оние што немаат симптоми на депресија.

Јазикот може да биде поделен на две компоненти: содржина и стил. Содржината се поврзува со она што го изразуваме, односно значењето на предметот или тврдењата. Оние со симптоми на депресија користат прекумерна количина зборови кои означуваат негативни емоции, особено зборовите: „осаменост“, „тага“, „очај“. Исто така, важно е и користењето на зборовите, односно оние што имаат симптоми на депресија најчесто користат прво лице еднина, како „јас“, „мене“ и слично. Многу ретко се користат „тие“, „нив“, „таа/тој“. Со ова се заклучува дека луѓето што имаат депресија се повеќе фокусирани на себе, а помалку се поврзуваат со другите. Познато е дека опседнатоста со личните проблеми и социјалната изолација се вообичаени за депресијата. Но, досега не било утврдено дека ваквите симптоми влијаат и врз вниманието и стилот на размислување. Дали депресијата предизвикува луѓето да се фокусираат на себе или луѓето што се фокусираат на себе добиваат симптоми на депресија?

Стилот на јазикот се однесува на начинот на кој се изразуваме. Во студијата се открило дека луѓето со ментални проблеми користат апсолутни показатели во зборовите, како на пример „секогаш“, „ништо“ или „целосно“. Се покажува дека оние што страдаат од депресија најчесто имаат црно-бел поглед на светот и тоа се манифестира во нивниот јазик. Исто така, се тврди дека оние што претходно веќе имале симптоми на депресија, многу е веројатно да ги имаат повторно.

Со разбирањето на јазикот на депресијата може да се разбере и начинот на кој оние со симптоми на депресија размислуваат, но и да се работи на нови начини за третирање на болеста. Научниците продолжуваат со анализите, а и ќе ги прошират на повеќе ментални нарушувања и болести. Според податоците на Светската здравствена организација, повеќе од 300 милиони луѓе во светот живеат со депресија, а бројката е зголемена за 18 проценти од 2005 година.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука